„КинеНова“ и официјално ја објави програмата на своето четвртото по ред издание на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм, кој годинава ќе се одржува од 05 до 13 октомври во Кинотека. Исклучок е единствено отворањето на фестивалот во киното „Милениум“ на 04 октомври, со филмот-победник на годинашното издание на фестивалот во Карлови Вари, „Таткото“ на бугарскиот тандем Катерина Грозева и Петар Валчанов. Седумте филмови во официјалната селекција од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите, надополнети со неколку возбудливи споредни програми, се вистински мамец за филмските сладокусци и оваа година да го посетат фестивалот и да уживаат во понудената порција од совршени филмски колачиња.









