Архива за категоријата: Скопје

Скопје како љубов, Скопје како инспирација, Скопје како движење, Скопје како омраза… Скопје како начин на живот!

Пост фестум: Здраво млади #8

Во саботата МКЦ го покажа сиот свој сјај при понудата и организацијата на осмото издание на фестивалот „Здраво млади“, кое по неколкуте јунски дождовни изданија доби многу посоодветен термин на одржување, 01 септември, симболичен датум кој го означува крајот на летото и почетокот на обврските, нудејќи комплетно ослободување на сите сетила.

Читај повеќе

Тесла на Матка

Скопје се’ повеќе добива убави катчиња за посета, и почнува да наликува на вистинска европска метропола!

Денеска во изложбениот простор на хидроцентралата „Матка“, со професионален водич, уживавме во приказната за Тесла, изградбата на хидроцентралата на реката Треска, електрификацијата на Скопје и другите градови низ Македонија…

Ова беше навистина фино поминат ден, кој ќе се обидам да го доловам низ фотографии, затоа што една слика вреди 1000 зборови 😉

Читај повеќе

„Мајмун еден!“

Кон „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски

По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Владимир Блажевски во 2016 година влезе во нова филмска авантура, чиј финален производ овие денови можеме да го проследиме на големото платно. Годината во која, според кинескиот хороскоп, се влегува во владение на мајмунот, филмаџијата ја зема и како наслов на својот нов проект, откако работниот наслов „Слобода или смрт“ послужи како премин од панкерската приказна кон новата, комедија на апсурдот. Читај повеќе

Кон „Underground evergreens“ на СУПЕРХИКС (Југотон рекордс, ЛП 001)

Мојот личен Суперхик(с)

Кога нештата се случуваат природно, без да ги силуваш, навистина испаѓаат убаво. За да ја елаборирам и образложам оваа почетна реченица, ќе морам да се вратам во далечната 1999 година, кога и започна мојата Суперхикс приказна. Тогаш бев млад и зелен новинар во културната редакција на (знам, чудно ќе зазвучи) во тие години перспективната ТВ Сител, како дел од попладневната програма претежно наменета за постарата генерација конзументи, во која се обидував да исфурам свој филм, креирајќи 30-минутно парче наречено „Нова машина“, во кое најредовна рубрика ми беше посетата на скопските гаражи каде свиреа знајни и незнајни јунаци од нашето музичко подземје, за кои потоа или воопшто веќе не слушнавме, или, напротив, како во случајот со Суперхикс, работата заврши со „Одличен: 5!“. Не дека постарите гледачи, што беше мој впечаток, не сакаа(т) рокенрол, но се обидував да го разбијам стереотипот во тој термин со претежно стерилни прилози посветени на, условно, „мртвата“ церемонијална култура, да уфрлам и нешто поразлично кое ќе привлече поинаква, пред се’ помлада публика пред ТВ екранот.

Читај повеќе

Кон „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

Читај повеќе

„Крајот“ од Атила Бартиш

Ова е приказна за еден фотограф, кој… Не: приказна за еден маж, кој… Не: приказна за една љубов, која… Или приказна за повеќе љубови кои меѓусебно… Или приказна за една држава која… Ех, да оставиме. Овој роман ни дава сè што може да ни даде еден роман: вистина, искреност, атмосфера, фабула… Сеедно дали читателот ќе го смета Андраш Сабад за манијак, или пак смртно ќе се вљуби во него, секако ќе почувствува дека само така вреди да се живее, како него: со таков оган.  Читај повеќе

„Род“ од Миљенко Јерговиќ

„Род“ на Миљенко Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во „Род“ ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо. Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна. Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, „Род“ претставува opus magnum на Миљенко Јерговиќ.

Читај повеќе

„Малите прсти“ од Филип Флоријан

Дејствието на романот „Малите прсти“ на Филип Флоријан, окарактеризиран како дело со оригинален, нов јазик, се случува во еден малечок град во Романија, во кој е откриена масовна гробница покрај една римска тврдина. Прашањето кое сите си го поставуваат е дали се работи за жртви на средновековието, или за безимени мртви од времето на комунизмот? Младиот археолог Петруш решава да ги преземе работите во свои раце и да ја расветли мистеријата која сите ги измачува. Во кратки црти, во овој возбудлив роман од двесте страници авторот успеал на едно место да ги спакува вистинската историја, верскиот аџилак, водењето на кривична постапка, рецептот за печење на гулаби, и секако, љубовната приказна. Антологиски!

Читај повеќе

„Првобитните нешта“ од Бруно Виејра Амарал

Во својот прв роман „Првобитните нешта“, Бруно Виејра Амарал се навраќа во замисленото маало Амелија, кое се наоѓа на јужниот брег на реката Тежо, во Вале да Амореира, во регионот Сетубал, кадешто самиот тој пораснал, и од каде што секојдневно го гледал градот Лисабон, токму отаде брегот од другата страна на Тежо. Имено, делото комуницира со биографијата на Амарал, но, самото по себе не е автобиографско.

Читај повеќе

„Во 3 наутро“, изложба на фотографии на Иван Блажев

Во галеријата на Кинотеката на Македонија, на 14 декември (среда), во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии и ќе биде промовирана фотокнигата „Во 3 наутро“ од фотографот Иван Блажев. Промотори на книгата се Владимир Мартиновски и Игор Анѓелков, а изложбата ќе може да се посети до 28 декември 2016 година.

Обраќањето кон бројната публика отприлика течеше на оваа линија:

„Најпрвин, му благодарам на Иван Блажев за поканата да бидам еден од промоторите на вечерашнава изложба, и секако, благодарност и за Вашето присуство вечерва, во едно мачно, постизборно Скопје.

Кога го прашав Иван: Зошто јас како промотор на неговата нова изложба?, тој ми спомена дека му дошле два аспекта на ум – издавачкиот и филмскиот, но јас би го додал и третиот аспект – неверојатното слично, да не речам исто размислување во однос на неговата работа сиве овие години наназад.

Читај повеќе