Денес се одбележува делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа, Свети Климент Охридски. Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, две декади придружувајќи ги во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија, потоа природно продолжувајќи го нивното дело. Во овој текст се потсетуваме на еден од најбитните артефакти поврзани со светецот, дрвената скулптура со неговиот лик.

Да потсетиме, со доаѓањето на Св. Климент во 886 година во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, се развила богата книжевна дејност во Охрид. По формирањето на манастирското училиште следел еден вид на универзитетски образовен центар, односно, според Ѓ. Поп-Атанасов, „првата образовна инситуција од ваков вид на Балканот“. Овде се создадени или преведени бројни книжевни дела не само од Климент и Наум, туку оваа дејност продолжила понатаму и во следните векови. Да ги споменеме „Болоњскиот псалтир“ од 13 век, македонски пергаментен ракопис на 262 листа познат во славистичката наука, кој денес се чува во Болоња, како и „Пафенезисот“ на Ефрем Сирин на 158 листови кој го напишал монахот Никодим Крпатик, кој потекнува од 1353 година.

За жал, стотици вредни ракописи од минатото се неповратно исчезнати во текот на следните векови од разни научници, патеписци, емисари од балканските и европските држави. Конечно, во 1942 година, проф. д-р Георги Шоптрајанов, основоположникот на НУБ во Скопје, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и на Републичкиот завод за заштита на културно-историското наследство, организирал и лично направил попис и опис на збирката старословенски ракописи и книги кои се наоѓале во црквата „Св. Климент“ („Св. Богородица Перивлепта“) во Охрид, при што заклучил дека во тој момент се останати само 91 ракопис.

При констатирањето на моментната ситуација, во црквата „Свети Климент“ тој ја открил и скулптурата од дрво на просветителот „зафрлена во некој агол“. По нејзината подоцнежна анализа, се утврдило дека е создадена од непознат уметник со изграден вкус, претпоставувајќи дека тој бил дел од групата мајстори-уметници од селото Модрич, Дебарско, чиј уметнички печат може да се забележи на многу сакрални места во регионот.

Во неговите мемоари, академик Шоптрајанов за ова значајно откритие запишал:
„Кога во далечната 1942 година го правев пописот на ракописите и книгите во храмот „Свети Климент“ (Света Богородица Перивлепта), кои се наоѓаа во една мала темна просторија лево од олтарот, наидов на полн неред расфрлани ракописи и книги, стари искинати црковни одежди, делови од мантии и разни други ткаенини. На мое големо изненадување, во едно ќоше наидов на прилично голем оформен (изделкан) трупец, свртен наопаку. Целиот беше покриен со дебела прашина. При неговото зачистување, крајно изненаден, открив дека на половината од дрвениот трупец, вертикално, е изработен даборез. При натамошнпото разгледување и расчистување на даборезот, утврдив дека е претставен ликот на Св. Климент. Моето изненадување, крајно пријатно, беше крунисано кога констатирав оти ликот на Светецот, на оригинален начин, е предаден со мошне убави, нежни потези. Всушност, израз на нежност, благородност, светост… Бев восхитен!“
Шоптрајанов понатаму образложува дека портретот на Св. Климент претставува смислена синтеза на повеќе симболи кои заедно сочинуваат духовна целост, инкарнација и божественост, за разлика од фреските и иконите на кои тој е насликан со широк череп како симбол на умственост. А долгата брада, сметал академикот, е симбол на зрелост и мудрост, како кај Карло Велики од француската епска поезија, која на непријателот му влевала страв.

Скултурата во дрво на Св. Климент денес е во сопственост на Музејот во Охрид. За многу години празникот!

@извор: „Факсимили од охридската ризница“, Д-р Георги Шоптрајанов (Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј – Охрид, 2000)
