Синоќа во киното „Фросина“ во МКЦ се одржа настанот на годината! Во еден траорен период за сите нас, се случи промоцијата на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963г.“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, во издание на Институтот за македонска литература. Во неа од научен аспект се претставени архивските материјали на Васил Хаџиманов, кои со децении го чекале својот љубопитен намерник да ги открие, проучи и да ги обелодени пред јавноста. Настанот имаше мултимедијален концепт благодарение на настапот на истоимениот внук, музичарот Васил Хаџиманов, кој со Вера и Оливер од „Љубојна“ надополнети со ритамот на Ратко и Виктор, создадоа магична атмосфера, соодветна на темата и достоинствена за моментот кој го живееме.
Промоторка на книгата беше Илина Јакимовска, која брилјираше на сцената. Таа од стручен аспект на совршен начин ја долови книгата пред присутните, притоа уфрлајќи доза на суптилен хумор, и уште поважно, неколку лични приказни поврзани со темата за која се зборуваше. Нејзиниот прв и последен погреб во Прилеп на соученичка од основно училиште на кој слушала тажачки песни соодветно се надоврза на сиот научен труд кој Ана и Жарко, благодарение на Васил Хаџиманов, го спакувале на околу триста страници. Треба да им се оддаде признание на авторите на оваа книга, затоа што не е лесно во период од две години, многу пати да се преслушаат оплакувачките песни кои членовите на семејствата ги пејат над гробовите на своите најмили по скопскиот земјотрес, а потоа со чист ум сето тоа да се пренесе на хартија, двајаќи еден објективен приказ на нештата. Затоа со право, Илина нагласи дека за вакво издание, поради неговата тежина и значење, неговите автори следната година треба да бидат закитени со некоја државна награда, што ќе биде и повеќе од заслужено.
Авторите во своето обраќање се осврнаа на процесот на создавање на ова дело, секако, започнувајќи од „стандардното почетно новинарско прашање за Пулицер“: Како дошле до идејата за реализација на оваа книга? Повторно враќајќи се на љубопитството, основната клетка на стартот од секој истражуваччи процес, надополнета со стручноста на обајцата, беа потребни две години за нејзината конечна објава. Притоа, освен овој откриен легат, авторите соопштија дека во МАНУ постојат уште 8000 народни песни кои го чекаат патникот-намерник да ги открие, обработи и пренесе во јавноста, бидејќи тие претставуваат вистинско национално богатство.
Внукот Васил Хаџиманов исто така имаше свое обраќање во кое нагласи дека иако не се запознал со дедо му, бидејќи е роден неколку години по неговата смрт, сепак, ја создал сликата за него низ семејните приказни, но дека со овој труд и спознанието за неговата работа, приказната добива подлабоко значење. Со оглед на ситуацијата во земјава, првично планираниот настап синоќа беше заменет со соодветен репертоар, и на сцената Васил придружен од погоре споменатите музичари изведоа неколку традиционални македонски песни соодветни за оваа прилика, истовремено давајќи му ја потребната звучна длабочина на овој прекрасен настан.
Книгата на Мартиноска и Иванов започнува со цитатот на Кирил Пенушлиски, за кој авторите велат дека е директна инспирација за создавањето на оваа книга: „Етномузикологот Васил Хаџиманов по катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, што однесе во смрт близу две илјади луѓе, на градските гробишта во Скопје успеал да сними близу 500 неизмерно текстуално и музички импресивни тажаленки, скришно од оние што тажеле. Смртта го спречи Хаџиманов да ги објави снимените тажаленки во целост“. По научните прилози за прочувањето на тажачките песни, кои спаѓаат во нематеријалното културно наследство, следат поглавјата во кои се лоцира репрезентацијата на траумата низ мотивите за земјотресот, лирската рефлексија на социо-економската стварност, интимните и симболичките наративи во тажаленките, како и стилистичките и семантичките особености во поетиката на тажаленките. Сето тоа е соодветно надополнето со фотографии преземени од изданието „Скопје 1963“ на приредувачот Јован Поповски, од Музејот на град Скопје и од легатот на Васил Хаџиманов.
Во вториот дел, книгата го содржи богатството од транскрипциите на тажачките песни од аудио материјалите снимени од Васил Хаџиманов, со уредно наведен број на лентата од која се обработени и минутажата на која истите фигурирале. Споредбеното расчитување на тажачките песни од бележниците и нотните записи на Васил Хаџиманов, преку методот на сообразување и толкување, е значаен исчекор во презентарањето на научната работа во рамките на една книга. Оригиналниот ракопис на Хаџиманов со забелешките кои ги презентирал претставуваат вистински времеплов, преку кој сведочиме за неговата студиозност во пристапот.
Како што гласи насловот на рецензијата на Александар Прокопиев на крајот од книгата, ова значајно издание е „фолклорен тестамент за скопскиот земјотрес“, но и за нашето културно наследство, тоа е пример како треба да се збогатува знаењето и да се надополнува работата на некои генијални луѓе од минатото, бидејќи континуитетот мора да се одржува, особено во областа на научната дејност. Се надевам дека оваа книга ќе биде поттик за што повеќе научно-истражувачки изданија во годините што следат.