Таг архива: ЛП

Радоста да се биде тажен

Кон албумот „Songs of a lost world“ на The Cure

Се чини како оваа година сите да објавија албуми. Го слушам интервјуто на „стариот лисец“ Дејвид Гилмур кој јасно нагласува дека клучни биле тие година-две од пандемијата, кога бевме затворени дома и сакал-нејќел, за да не полудиш, почнуваш да твориш. Ник Кејв, Меркјури рев, Тиндерстикс, Бет Гибонс, Прл џем, Лори Андерсон, Смешинг пампкинс… се само дел од имињата кои не’ почестија со нов материјал. Дури и јас издадов пет книги(!) Сепак, од сето наброено, за мене албум на годината е „Songs of a lost world“ на Кјур, не затоа што стана број еден на релевантните листи од оваа и онаа страна на океанот, туку затоа што слушањето на ова ремек-дело и уживањето во него е најмалку што можам да сторам за Илиќот, првиот што од мојата генерација замина на оној свет.  

Читај повеќе

„Евтина имитација“ на Џон Кејџ

Во животот постојат нешта кои не се забораваат. Пред 30 години имав чест да преведам и приредам еден поголем текст за Џон Кејџ, еден од најпочитуваните авангардни композитори во минатиот век, оној чија легендарна композиција „4 минути и 33 секунди“ се состои само од тишина за време на која и пијанистот и публиката го доживуваат делото на лице место додека молчат, така докажувајќи дека самоконтролата и пред се’ тој чудесен звук на тишината се оние нешта што ќе го спасат светот. Три децении подоцна случајно наидувам на винилно реиздание на еден негов легендарен албум, и иако во моментот ги трошев последните пари од месечниот буџет, сепак се договорив сам со себе дека ова ремек-дело мора под итно да стане дел од скромната домашна колекција, токму поради некогашната љубов кон неговиот автор.

Читај повеќе

Добредојде „Tuxedomoon – The Vinyl Box“, највредното парче во мојата ЛП колекција

Пред некое време по пошта ми стигна нешто што одамна го посакував: бокс сет со десет албуми од Таксидомун од 2015 година, во издание на Crammed discs, нумериран со број 12 од 300 примероци. Десетте албуми се живо злато, надополнети со прекрасно дизајниран каталог со приказните на членовите за секој албум засебно, плус вообичаениот даунлоуд код. А да, и плакат, кој веднаш го врамив и сега е дел од дневната соба. Живи радости! Го добив највредното парче во мојата скромна ЛП колекција.

Читај повеќе

Еј Џули, брат!

Минатиот месец „Кроација рекордс“, наследникот на славниот „Југотон“, го реиздаде албумот „Био сам наиван“ на Даниел Поповиќ. Поводот е четири децении од објавувањето на колекцијата од 10 песни, која во Југославија се продаде во тираж од 725 илјади примероци на разни носачи на звук, со што албумот го направи еден од најуспешните поп производи во поранешната држава. Wow, 725 илјади примероци не се заебанција!

Луксузното реиздание не е скапо, чини само 19 евра, но не ми се купуваше нешто што е ново и исполирано, туку сакав да го почувствувам мирисот на сеќавањата и времињата кои никогаш нема да се вратат. Затоа наминав кај препродавачите крај Вардар, а еден од познаниците се потруди да ми најде сосема солидна копија од албумот. Нејзиниот мирис ме телепортираше не во иднината, туку во минатото, онаму каде што чучат сеќавањата на едно време кое никогаш нема да се врати, сеќавањата кои се единствените параметри кои не’ разликуваат од неминовната роботизација во иднината, нешто што Филип К. Дик одамна го навести во новелата „И андроидите сонуваат електрични овци“, која потоа доби феноменална филмска верзија во „Блејдранер“.

Читај повеќе

Винилно реиздание на албумот „Као какао“ од Леб и сол

На средината од минатиот месец излезе долго најавуваното винилно реиздание на „Као какао“ од Леб и сол. Така, со мало задоцнување (ова е сепак Балкан, и покрај тоа што Хрватска неодамна влезе во Шенген зоната), беше одбележан јубилејот „35 години“ од објавувањето на култниот албум на најпознатиот скопски и македонски бенд. Изданието содржи прекрасен буклет со два квалитетни текста во однос на значењето на овој албум за некогашната музичка сцена на овие простори, а ремастериран е од оригиналните магнетофонски ленти од страна на Мајлс Шауел во легендарното „Abbey road“ студио во Лондон. Ова е воедно и првиот носач на звук во било кој формат од Леб и сол во мојата скромна домашна музичка колекција, и почувствував потреба текстуално да го одбележам овој свечен момент.

Читај повеќе

Домашна ЛП колекција

Купувам плочи уште од крајот на основното училиште. Плочарите на Југотон во ГТЦ и карши кината Вардар навистина беа магични места. Потоа отвори Баги шоп во Мавровка, па уште пар места низ градов каде можеа да се најдат и плочи на старо. Потоа винилот го замени компакт дискот. По долга апстиненција, во годиниве наназад „црното злато“ повторно е во мода. Сега имаме еден куп места каде можеме да се подновиме, но добро функционираат и нарачките од странство. Тоа ми беше одлична можност да се вратам на овој омилен „спорт“ од младоста, и на некој начин, да си ја „прочистам“ колекцијата со плочи и да ги имам само оние кои навистина ми значеле во одреден период од животот. На крајот, еве, решив мојата скромна ЛП колекција да ја направам јавна, и како ќе си се освежам со нешто ново, веднаш ќе ја дополнам листата. Се надевам дека ќе ви изгледа инспиративно и ќе ве потсети на некои албуми кои можеби сте ги подзаборавиле. Или, едноставно, опуштете се и чувствувајте се како на изложба на прекрасен дизајн на насловни ЛП обвивки. So, Ladies and gentleman, Welcome to my LP world!

Читај повеќе

Незаборавни ЛП корици во музичката историја

Насловните корици на музичките албуми се многу важни. Но ајде оди и докажи им го тоа на новите клинци кои музиката ја конзумираат единствено преку дигиталните медиуми. Корицата на книгата можеби и го нема тоа значење како обвивката на ЛП-то, бидејќи може да се прочита синопсис или одгласи на критичарите на задната страница, додека тоа кај албумите го нема. Таму се само насловите за песните, и доколку не ве испровоцира насловната корица во случај да не знаете за каква музика се работи, тогаш морате да се повикате на „добриот сенс“. Деновиве пред очи ми прелета уште една листа на највлијателни ЛП корици во историјата, кои одвреме-навреме се прават насекаде низ светот, и проверувајќи што таа содржи, сфатив дека добар дел од нив ги имам во домашната колекција. Затоа овој текст е крајно субјективен, бидејќи ја раскажувам приказната токму за обвивките на плочите кои со задоволство ги слушам низ годиниве по дома. Секако дека притоа ќе скокнам многу незаборавни ЛП насловни, но затоа постои можноста за коментар, кадешто би можеле да ме потсетите и воедно да пишете кој е Вашиот ол-тајм фаворит 😉

Читај повеќе

ЛП за првата вечер во 2022 година

Вообичаено на 1 јануари сите се возбудени околу традиционалниот концерт на Виенската филхармонија, но денеска се селиме во соседниот град, каде во 2016 година во Националната концертна сала “Бела Барток” маестрален концерт одржа легендарниот американски џез пијанист Keith Jarett.

Читај повеќе

Најлоши ЛП обвивки во историјата

Во новиве пост-пост-модерни времиња, најчесто обвивката ја продава содржината внатре, каква и да е таа, а најчесто е ужас. Во овој зафркантски пост ги гледаме некои од најлошите ЛП обвивки во историјата на современата музика, со надеж дека ќе измамат многу здрави насмевки 🙂 🙂 🙂

Читај повеќе

Нов бран (Novi val) – 40 години подоцна

Откако со месеци наназад го најавуваа како настан par exelance за 2021 година, конечно, на 22 јануари започна продажбата на три од четирите изданија на Кроација рекордс (продолжение на некогаш славниот Југотон) со кои се прославува јубилејот „Четири децении од Новиот бран“. Информациите велат дека за кратко време тиражот е распродаден и дека во моментов се печатат нови плочи, што значи дека љубителите на музиката на некогашните југословенски простори и понатаму милуваат да слушаат музика на драгоцните лонгплејки.

Читај повеќе