Кон албумската трип-хоп трилогија од 90-те на Масив атак

Вчера, на 08 април, се навршија 30 години од излегувањето на легендарното музичко деби „Blue lines“ на бристолскиот трип-хоп бенд Масив атак (Massive attack). Јубилејот секогаш е убав повод да се чкртне нешто плус, иако досега многу работи се кажани и сосема јасни. Сепак, чувствував дека треба да му оддадам почит на еден од највозбудливите музички изрази, кој заедно со Гранџот ја прославија мојата омилена – последната декада од минатиот век.  Секако, Масив атак и во новиот милениум издадоа пар албуми во различни постави, но сметам дека она што ни го подарија во 90-те е тоа, вистинското.

Дел од песните седум години се врткале низ умот на Роберт 3-Д дел Наја и пријателите, кога конечно во втората половина на 1990 година нивната пријателка и фантастична музичарка Нене Чери не ги натерала да влезат во студио и сето тоа да го снимат. Легендата вели дека неколку демо снимки се направени токму во куќата на Чери, во нејзината детска соба. Некои од темите на дебито „Blue lines“ настанале за време на сешните при снимањето, а крајниот прозивод кој возбуди многумина е инспириран од концептуалните албуми на бендови како Пинк Флојд, Херби Хенкок, ПИЛ, Исак Хајс…

Деди Џи во една изјава вели дека се обиделе да создадат денс музика за главата, а не за нозете. Секако, Масив атак и тоа како успеаја во намерата. Темите во „Blue lines“ содржат многу брејкбит, семплови и рапување, но не рапување во изворната смисла на терминот, поврзувајќи го со американскиот хип-хоп, туку истиот тој виден низ призмата на британскиот андерграунд, при што често пати во миксовите се вметнати и живи инструменти. Кога на тоа ќе се надоврзат и прекрасните (и меѓу себе сосема различни) вокали на Шара Нелсон, Хорас Енди и на Трики, тогаш добивате вистински, иновативен трип-хоп. Терминот кој означува суптилен микс на електронската музика, хип-хопот, дабот, соулот и регето е етаблиран три години подоцна, во 1994 година, и оттогаш масовно се користи во поп културата како опис за овој изворен бристолски музички правец.

Музичките критичари имаа само пофални зборови за дебито на Масив атак. НМЕ го прогласи за најурбан и најиновативен албум на музика која ќе ги одбележи 90-те, а „Blue lines“ подеднакво го сакаа и клаберите и колеџ радијата. И писателот Чак Палањук откачил на него, слушајќи го на рипит додека пишувал кратки раскази, енди-ворхоловска постапка на повторување на нештата додека не дојдеш до моментот на врвна креација. Токму поради сето ова, еве го „Blue lines“ во целост, стиснете рипит, а потоа плеј, и заборавете се од убавини 😉

Три ипол години подоцна, на 26 септември 1994 година, се појави наследникот насловен „Protection“. Синдромот на „втор албум“ успешно беше надминат со создавање на уште едно ремек-дело кое е слично на првенецот, но сепак за нијанса доволно различно, нудејќи простор за иновативни музички решенија, на тој начин отворајќи нови прозорци за во иднина. Трип-хопот во меѓувреме стана „ин“, се појавија еден куп слични проекти, но само Масив атак можеа и смееја да кажат кон каде ќе се движи овој тип на музика. „Protection“ беше нивниот вистински одговор.  

Вториот албум на Масив атак исто така нуди вистинска еклектика од жанрови. На него се сместени легендарната „Karmakoma“ и „Eurochild“ како хип-хоп бисери, потоа, реге-синт-попот „Spying glass“, R&B класикот „Sly“, како и електронските излети „Weather storm“ и „Heat miser“. И на овој албум пар песни пее Трики, кој потоа ќе направи одлична соло кариера. Спотот за најексплоатираната тема на албумот, „Karmakoma“ , го сними Џонатан Глејзер.

https://www.youtube.com/watch?v=lviQk7Iat3w

Како и „Blue lines“, и „Protection“ изврши големо влијание во музиката. Ролинг стоунс го стави на 51 мести на листата од 100 најдобри албуми во 90-те, а нивниот критичар Пол Еванс го нарече „кул и секси парче музика збогатено со разни мирудии“. Интересно, една година по излегувањето, ДЏ Мед професор го ремиксуваше целиот албум и го наслови „No protection“. Еве го и „Protection“ во целост. Уживкајте 😉

И конечно, мојот фаворит во оваа Масив атак трилогија, албумот „Mezzanine“, кој излезе на 20 април 1998 година, инспирација за мојата музичка емисија со исто име на Радио Равел од 2003 до 2009 година. Освен стандардните примеси на хип-хоп, даб и електроника, „Мезанин“ понуди и суптилно вметнати влијанија од њу вејвот и класичниот рок. Можеби затоа нивниот трет албум комерцијално помина најдобро, иако се насетува дека за тоа се заслужни одличните синглови „Angel“, „Risingson“, „Teardrop“ и „Inertia creeps“.

Приказната вели дека поради несогласувањата за овој албум, бендот за малку ќе се распаднел. 3-Д дел Наја прво направил скица за неколку композиции базирани врз њу вејвот од крајот на 70-те и почетокот на 80-те, кој го слушал како клинец, идеја која Грант Маршал ја поддржал, бидејќи и тој бил њу вејв фан. Но на тоа се спротиставил Енди Ваулс. На крајот компромисот звучел темно и клаустрофобично, на најдобар можен начин музички опишувајќи ја човековата меланхолија.

Очигледно „Мезанин“ многу повеќе оставил впечаток врз музичките критичари, па неретко се наоѓа на врвот од листите на најдобри албуми во изминатите декади. „Мезанин“ се слуша од почеток до крај, бидејќи помага да се соочите со своите стравови и илузии, погледнувајќи им директно в очи. Прес плеј 😉

Што да се каже на крајот, освен дека Масив атак трилогијата од 90-те и ден-денес звучи свежо и модерно, и претставува секојдневен саундтрак од мојот живот. Масив атак ги гледав два пати во Скопје, но незаборавен концерт ми беше оној во Загреб во 2003 година, бидејќи ми беше прв, а првиот секогаш се памти, нели 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *