Легендарниот комичар Џери Луис веќе десетина години има свој достоен наследник во Канаѓанецот Џим Кери. По толку многу гримаси и успеси, почнувајќи од 1994 со „Глупавиот и поглупавиот“ и „Ејс Вентура – детективот за миленичиња“, тешко дека титулата на Кери како најпопуларен комичар на светот ќе биде загрозена од некого во догледно време. По излетите во неколку „сериозни“ улоги во филмови како „Шоуто на Труман“ (1998) и „Човек на месечината“ (1999), комичарот повторно соработува со режисерот Том Шедијак, со кого го снимија мега-успешниот „Лажго, лажго“ пред шест години. Иако приказната за бескрупулозниот адвокат кој одеднаш „се разболува“ од зборување на вистината изгледаше поразиграно и покомпактно, и нивното ново чедо, „Семоќниот Брус“, е комедија која наиде на одлични критики и реакции, и дефинитивно е еден од најкоментираните и најгледаните филмови во годинава што изминува.
Се работи за актерски беспрекорна изведба на приказната за несудената ТВ-ѕвезда од Бафало, Брус Нолан, кој по професионалниот неуспех го обвинува Господ за сите неправди. Како во сите приказни, еднаш, два пати, и третиот пат Тој ќе ви се прикаже на овој или оној начин. Во филмот, тоа е лично и персонално црномурниот Морган Фримен, кој на Брус му нуди барем неколку дена да го замени во Неговата работа. Сето понатаму се претвора во вистинска лудница. Она што Шедијак го осмислил со сценаристите е навистина луцидно, како спуштањето на Месечината од романтични причини, брзозборката на ривалот на Брус на ТВ-екранот или, пак, легендарното одење по водата. За жал, последната третина од филмот е морализаторска и предвидлива, пред се’ бидејќи се внимавало на помладата публика која ќе го гледа филмот, како најредовните и најискрените почитувачи на работата на омилениот Џим Кери.
За среќа, овој филм сепак е далеку од патетичен, и изобилува со фантастични режисерски решенија и актерски досетки. Улогата како да е пишувана за Џим Кери, кој е идеален и маестрален. Мало изненадување е изборот на Морган Фримен за улогата на Бог, но жанрот „комедија“ дозволува ваква „дрскост“ како освежување во седмата уметност. Џенифер Анистон, пак, како девојката на Брус и воспитувачка на деца докажува дека нејзиното телевизиско „Еми“ вреди и на големиот екран. Се’ на се’, покрај вака позитивно склопените делови, со малку повеќе храброст, освен најдобра комедија, „Семоќниот Брус“ можеше да конкурира и за филм на годината.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 23 октомври 2003 година.