Архива за категоријата: Илуминации

Филм, музика, книжевност, уметност… но и патувања, градови, колекционерство, спорт… Оваа рубрика е за убавиот дел од животот и разните фасцинации од него ;-)

500 години откако планетата Земја не е рамна плоча

Еден од најзначајните јубилеи кои се прославија годинава е 500-годишнината од првата пловидба околу Земјината топка, по што и станал јасeн нејзиниот облик. Така морепловецот Фернандо Магелан беше запишан со златни букви во историјата на човештвото. Јас однапред им се извинувам на Рамноземјашите, но фактите си се факти 😉 Сепак, не поминало се’ така мазно, бидејќи ова патување го следеле многу контраверзи и несреќи. Од петте брода на почетокот, само еден ја завршил експедицијата, а Магелан загинал некаде на половина пат. Но, ништо чудно ако се знаат контекстот и околностите околу оваа голема водена авантура која требало да трае една, а се оддолжила на три години.

Читај повеќе

Занимливости од фудбалските Мундијали

Во пресрет на финалето на Светското фудбалско првенство во Катар (честитки на Хрватска за бронзата!), а по текстот објавен претходно, насловен „Фудбал и политика“, ги негувам моите спортски афинитети со собрани занимливости поврзани со минатите светски фудбалски првенства, чисто онака, за викенд-опуштање и забава, бидејќи многу од нив се на работ на рубриката „верувале или не“. Уживкајте 😉

Читај повеќе

Фудбал и политика

Иако за време на светските првенства во фудбал барем за момент забораваме на политиката, несомнено, бракот меѓу фудбалот и политиката отсекогаш одел рака-под-рака, па ме интересираше како се развивале настаните во текот на Мундијалите од 1930 година до денешен ден, што се случувало, какви приказни испаѓале во зависност од контекстот и времето во кое се случувале… и еве што забележале хроничарите, информации кои се надевам дека ќе ви бидат интересни и додатно ќе ги коментирате 😉

Читај повеќе

Џамлии vs Virtual reality

Престојувањето во привлечната виртуелна реалност исполнета со заводливи слики, за новите генерации е неизбежност. Во напорите што повеќе време да се помине надвор од магијата на екранот, посегнуваме по различни алатки. Една од нив е потсетувањето на минатото, на сопственото детство, во кое социјализацијата се одигруваше на сосема поинаков, подиректен начин. Една од игрите низ која се созреваше беа џамлиите. Обидот за повторна креација на волшебниот круг во кој владееја строги правила на игра се покажа успешен.

Читај повеќе

Колекционерски радости со албумите на „Панини“ и негувањето на детето во себе

Со лепењето на последната сликичка, деновиве финиширавме со полнењето на десеттиот, јубилеен албум од европските и светските фудбалски првенства, секако, во издание на Панини. Последниве неколку години имам голема помош од Ведран, кој оваа година веќе сам можеше да ги одлепи сликичките и да ги залепи на предвиденото место, без да ги оштети на ќошот при одлепувањето или да ги залепи малку накриво, како во претходните албуми. Така, и покрај дизајнерските недостатоци на кои многумина се пожалија, со најавата дека правата за следното светско фудбалско првенство кое во 2026 година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико ќе му бидат одземени на легендарниот италијански издавач на албуми со самолепливи сликички, го прави актуелниот албум „Катар 2022“ драгоцен колекционерски примерок.

Читај повеќе

Разгледница од Голи оток

Освен пишувањето и дружбите со прекрасните домаќини, времето на писателската резиденција во Пазин го пополнував со квалитетни прошетки низ Истра. Шетајќи низ центарот на симпатичниот истарски град, еден ден наидов на плакат на кој пишуваше дека туристичката агенција крај која поминував секој ден организира еднодневна посета на Голи оток. Не се премислував многу и веднаш го уплатив аранжманот кај сопственичката Ингрид, која најави дека ќе биде наш водич. Супер, помислив, конечно ќе можам во живо да ја видам и почувствувам приказната за најконтроверзниот остров во минатото, чија слава и значење единстено можеби ја засенува Вис. Но, за разлика од него, Голи оток и ден-денес како референца неретко се употребува во секојдневието и во политичките дебати на овие простори, метафорична сенка која веројатно никогаш нема да можеме да ја надраснеме.

Читај повеќе

Зип-лет за „Довидување Пазин“

Во текот на тринеделниот престој на книжевната резиденција во Пазин, мои драги соседи беа дечките и девојките кои работеа на зип-линијата чија патека ве вози над длабоката пазинска јама. Мојот балкон и првата платформа се оддалечени 5-6 метри, и во периодите кога подолго бев осамен работејќи на новите ракописи, баш ми беше драго кога ќе ја чуев екипата со новата група посетители, како врескаат додека адреналинот им шиба во срцето. Сето ова претставуваше добра психолошка подготовка за мојот писателски прелет над јамата, кој го оставив за претпоследниот ден, пред заминувањето.

Читај повеќе

Истарските „Фрески без граници“ во Драгуќ

Истра е вистински бисер на Јадранот. Во средишниот дел е преполна со мали места кои се предизвик за шетање и уживање во нив. Мотовун веќе е глобално познат по филмскиот фестивал, Хум фигурира како најмал град во светот, со вкупно 13 жители, за Пазин уште во 19 век пишувал Жил Верн… Сите нив ги поврзува тоа што во својот атар имаат цркви кои изобилуваат со прекрасно фрескосликарство. Благодарение на моите домаќини, имав можност да го посетам соседниот Драгуќ, каде во „Куќата на фреските“, во присуство на званици од Хрватска и Италија, се отвори изложбата насловена „Фрески без граници“, на која се информирав и уживав во претставеното и изложеното. 

Читај повеќе

Велосипедска авантура во срцето на Истра

Првата асоцијација за Истра секогаш се монденските летувалишта како Ровињ и Пореч, и секако, неизбежната Пула. Меѓутоа, мојата локација е во Пазин, во централна Истра, и сакав да ги откријам убавините на овој живописен јадрански полуостров онаму каде што гравитираат помалку туристи, а природата ве остава без здив. Благодарение на тоа што на почетокот на јуни се одбележува роденденот на градот, добив можност Истра да ја истражам со велосипед. Во организација на Туристичката заедница на централна Истра, на 21 мај, 02 и 11 јуни, на сите заинтересирани кои ќе се пријават им се даде можноста со професионален водич, бесплатно, да направат тура во должина од околу 30 километри, со висинска разлика околу 500 метри, и со оценка на стазата како „средно тешка“. Притоа, за првите двајца пријавени следеше бесплатен е-велосипед. Но, бидејќи доцнев со пријавата за 11 јуни, изнајмив една супер „дваес-деветка“ и си го направив кеифот.

Читај повеќе

Во утробата на карстната јама

Уф, како звучи насловот на текстот, небаре е Жил Верн во прашање 🙂 Токму името на славниот француски писател е она кое често се среќава во прекрасниот Пазин, сместен во срцето на Истра. Веќе со години наназад, овој административен центар на велелепниот полуостров на северот од синиот Јадран организира книжевна резиденција, на која сум гостин овој месец. Досега уште неколку македонски писатели биле дел од „Куќата за писатели“, или оригинално, „Hiža od besid“, сместена веднаш до средновековниот „каштел“, под чии ѕидини зјае легендарната „пазинска јама“, која ја овековечи споменатиот основоположник на научната фантастика, Жил Верн, во својот роман „Матијас Сандорф“ издаден во далечната 1885 година. Сите овие информации нафрлани во првиот пасус од овој текст бараат опуштена и систематична обработка, додека надвор капе ситен пролетен дождец. Затоа, одиме кроце и по ред.

Читај повеќе