Третото целовечерно остварување на Митриќески следува по „Преку езерото“ (1997) и „Како лош сон“ (2003). По првите два релативно камерни филмови, овој пат режисерот се одлучува за поголем актерски ансамбл, составен од различни генерации македонски актери, надополнети со понекој странец, и интересно, со неколку деца-натуршчици. Токму работата со актерите е една од неколкуте клучни нешта за успешен финален продукт.

Присуството во заеднички сцени на имиња како Мето Јовановски, Милица Стојанова и Владо Јовановски, се злато вредни. Тие извадиле максимум од она што го добиле во сцените, давајќи им крв и месо на карактерите, кои и покрај повторливите реплики, сепак ни ја доловуваат атмосферата во едно македонско семејство на работ од егзистенцијата, чија иднина е сосема неизвесна. Истовремено, гостувањето во првиот дел од филмот на фантастичниот босански актер Емир Хаџихафизбеговиќ е исто така вредно за потенцирање, доколку знаеме дека тој на венециската Мостра доби една од актерските награди за неговата ролја во филмот „Такви се правилата“ на режисерот Огнен Свиличиќ.

„Деца на сонцето“ е приказна за семејството и лојалноста, љубовта и загубата, предавството и искупувањето. Додека мафијата го уништува животот на едно големо семејство и ги остава на работ од егзистенцијата, силна и тајна љубов се разгорува меѓу гангстерот Марко и Ангела, која, пак, нејзиното семејство преку огласи ја ветило на еден балкански гастарбајтер во Германија.

Монтажер на филмот е Андрија Зафрановиќ, музиката ја потпишува легендата Влатко Стефановски, кој има и мало појавување на почетокот и крајот од филмот како lonely rider in the sun, а сценариото го потпишува големиот Гордан Михиќ, еден од најплодните и најнаградуваните регионални раскажувачи на приказни за големото платно.

Како најсветла точка за споменување е директорот на фотографија, Полјакот Јарослав Шода, кој очигледно инспириран од Преспа и нејзините убавини, ја чепнал уметничката нота во себе и ја развил до бескрајни убавини. Впрочем, филмовите на Митриќески, кој заврши филмска школа во Лоѓ, отсекогаш изгледале визуелно убаво токму благодарение на соработката со квалитетните полски директори на фотографија што си го знаат занаетот.
