Дивиот Запад во ново пакување

Најфилмскиот жанр во историјата отсекогаш имал сили за обнова, за читање на нов начин на приказните кои ги сакаат сите генерации. Речиси во секоја декада имаме филмаџии, нови или стари волци, кои сакаат да остават печат во најценетиот филмски жанр, пркосејќи им на легендарните наслови на Цинеман, Хокс, Форд и останатите мајстори од златната ера на Вестернот. Тоа се случува и во последниве години, кога сме сведоци на ревитализација на епските сцени од Дивиот Запад, на задоволство на филмофилите ширум светот.

Откако пред половина век вестернот го достигна својот зенит и ја загуби својата актуелност, во неколку наврати се зборуваше за негово конечно враќање на сцената, особено откако Клинт Иствуд во 1992 година ги собра Оскарите за интелигентниот филм „Непростено“. Но, за жал, се покажа дека тоа е само вест на денот. Всушност, испадна дека попрецизна е констатацијата оти Вестернот во бранови се враќа секоја декада во полн сјај, како што тоа е случај и последниве години, кога жанрот тивко, но сигурно доживува своја фина ревитализација. Времињата се сменија и новите генерации веќе не можат на романтичен начин да се соживеат со разните херои и антихерои од митскиот Запад, па токму затоа и филмаџиите решија кон оваа материја да заземат различен пристап. Секако, од одредени клишеа поврзани со овој жанр не треба и не смее да се избега, а нијансите се оние што прават задоволството да биде на ниво. Во продолжение издвојуваме четири остварувања кои, независно еден од друг, во последниов период му дадоа нов дух, нова перпектива на омилениот жанр на филмаџиите.

Најкомплетното вестерн остварување од минатата година е она во режија на актерот-режисер Ед Харис, насловено како и градот во кој се случува дејството, „Апалуза“. Тенката граница меѓу беззаконието на Дивиот Запад и деновите кога на истото треба да му се стави крај го прави овој филм привлечен за гледање, особено поради неколкуте непредвидливи пресврти во текот на приказната, и особено трите одлично снимени двобои меѓу соперниците.

Иако претставува римејк на истоимениот наслов од 1957 година, „3 и 10 до Јума“ на Џејмс Манголд нуди нов здив, инсистирајќи на квалитетна глума, истовремено задржувајќи го класичниот холивудски наративен стил на раскажување.

Ново видување на приказната за едно од најексплоатираните имиња во вестерн историјата, Џеси Џејмс, ни дава филмот со долг наслов „Убиството на Џеси Џејмс од страна на кукавицата Роберт Форд“, ко претставува комбинација од идеи и пристапи меѓу кои, жанровски нетипично, тишината во дијалозите која има разорна моќ, му дава на филмот на Ендрју Доминик автентичност која додатно инспирира. Башка, Кејси Афлек е бри-ли-јан-тен!!!

И на крајот, на општо изненадување, едно квалитетно вестерн остварување ни дојде и од австралискиот континент, како директна посвета на генијот Сем Пекинпо. „Предлогот“ е насловот на Џон Хилкоут во кој смртта, осаменоста и предавството одлично функционираат во дивите предели на австралискиот пејзаж. И да не заборавиме, сценариото и музиката за овој филм ги потпиша и маестро Ник Кејв, со што на голема врата влезе и во филмската индустрија.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 24 март 2009 година.

БОНУС ЗА ЉУБОПИТНИТЕ ФИЛМОФИЛИ: Доколку сакате да се потсетите на најзначајните вестерни во филмската историја, клик на следниот линк 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *