Кон Оскаровецот „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон

Членовите на американската филмска академија отсекогаш љубеле да фаворизираат сѐамерикански филм на кој ќе му ги дадат сите почести. Доколку годината „не се погоди“, можеме да очекуваме и некое изненадување, но оваа година тие имаа џокер во ракавот, бидејќи филмот „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон содржи сѐ што може да се посака, а притоа да има предзнак „американско“. Овој бизарен акционен трилер кој иако е развлечен и раздолжен по сите напоредници и меридијани, сепак не можете да престанете да го гледате затоа што е мајсторски направен, според сите стандарди на американското меинстрим кино. Филмот мудро ја користи сатирата за да проговори за актуелните состојби во кои живееме, а за пораките што ги носи, во продолжение на текстот.

Томас Пинчон е еден од неколкуте современи американски писатели што сакам да ги читам, уживајќи во неговите непредвидливи дела. „Објавата на бројот 49“ во превод на Давид Албахари во младостa ни беше култно четиво кое го препрочитувавме со задоволство. Неговата приказна беше најдобро чуваната писателска тајна. Имено, никој не знаеше каде живее, дури ни неговиот издавач, и само еднаш годишно наминуваше во банка на непозната локација за да си го собере арачот. Сѐ до новиот милениум, кога почна почесто да објавува книги, влегувајќи и во филмските води. Најпрво во 2014 година Андресон го екранизираше неговиот роман „Inherent vice“ (Вроден порок), за по една декада повторно заеднички да го потпишат сценариото на сега веќе актуелниот Оскаровец „Една битка по друга“, напишано според романот од 1990 година „Vineland“ (Лозје). Резултат: и обете дела се возбудливи и неконтролирани авантури сместени во 70-те и 80-те години на минатиот век, со врвна актерска екипа и релевантност на дејствието со современието во кое живееме.

Како поклоник и директен учесник на контракултурата во 60-те години на минатиот век (Пинчон е роден во далечната 1937 година), кон која Андерсон има „слабост“ сметајќи дека сѐ потекнува од тоа време, тандемот создава несекојдневен акционен трилер со референци на актуелната политика во сопствената земја, не покажувајќи со прст кон никого, но оставајќи простор за можни интерпретации. И она што е најважно за овој филм е чувството дека истовремено е и сериозен и несериозен филм, бидејќи таман ќе се „фатите“ како гледач за одредена премиса, веќе во следната сцена наидувате на нешта пропуштени низ специфичниот хумор на авторите, кои истовремено ве тераат на смеење и зачудување. Добрите познавачи на делото на Томас Пинчон велат дека тој во својот роман ги критикува слободарските 60-ти и Регановите 80-ти години, но изгледа на Андерсон доволно му беше со „Вроден порок“ да се врати во 70-те години на 20 век, и овој пат замислата на писателот ја става во современ контекст, денес, овде и сега, низ мноштвото ликови кои во 160-минутното „возење“ успешно ги вообликува.

Леонардо ди Каприо е несредениот револуционер кој има споредна улога во движењето „French 75“ (треба да направи пиротехничко шоу за да го одвлече вниманието од главната акција), но потоа ќе излезе дека неговата приказна ќе биде клучна во разоткривањето на реакционерите огорчени од параноичната политика во нивната земја, која отсекогаш се сметала за колевка на демократијата.

Наспроти него е карикатуралниот полковник, прецизно одигран од Шон Пен, за што си доби трета позлатена статуетка. Парадоксот лежи во тоа што ликот што го игра Пен е тотална спротивност од неговата политичка ангажираност во приватниот живот, во кој Шон се бори токму против ригидноста на таквите милитаристички персони. Но веројатно во тоа и лежел предизвикот на актерот, кој со сите гегови, мимики и сексуални возбудувања што ги доловува во текот на приказната, станува движечка сила на дејствието во моментите кога тоа се заканува да отиде во банални води.

Со епизодната улога, Теана Тејлор како харизматичната Перфидија остава силен впечаток во првите половина час од филмот. Нејзина е главната реплика која, на некој начин, му дава тежина на целото остварување: „Секоја револуција се бори против демоните, а потоа тие се борат меѓу себе“. Метафорично, многузначно!

16 години подоцна светот не се промени ниту за глувчешко куре, но нејзината ќерка Вила (Чејс Инфинити) израснува во здрава девојка со вистински модерни ставови која ги штити своите пријатели во нивните избори и светогледи, претендирајќи да прерасне во вистински лидер кому може да му се верува. За таа нејзина рамнотежа во карактерот заслужен е нејзиниот сенсеи (Беницио дел Торо), кој најчисто гледа кон „американскиот сон“, бидејќи тоа го прави од дистанца, комуницирајќи и со „домородните“ пријатели, и со мигрантите во неговата преполна зграда. „Ако сакаш да го спасиш светот, почни со имиграцијата“, во еден момент изјавува полковникот Локџоу, и вртоглавото анксиозно дејствие продолжува во неочекувана насока.  

Главен акцент во поттекстот на филмот е ставен на дисфункционалниот однос татко-ќерка, тој фројдовски дуалитет кој се допира само во одредени точки, почесто експлодирајќи отколку контемплирајќи. Во таа екслозија од емоции, ликот на ди Каприо се претвора во машина која низ целиот филм не знае каде се наоѓа, на некој начин повторувајќи ја динамиката од филмовите како „Catch me if you can“ (Фати ме ако можеш) и „Inception“ (Почеток), овој пат со патина во брчките и со мудри актерски експресии. Неговиот лик јасно знае дека „Револуцијата нема да се пренесува на телевизија“, и за да се променат нештата, мора напорно да се работи на терен, а не на тастатура пред компјутерскиот екран. Таму сите се револуционери. Tој преферира осамен хероизам, кој и да не влезе во историските учебници, барем ќе биде чист пред себе дека се обидел да ги промени нештата. На тој начин Пол Томас Андерсон како да праќа остра критика кон моментната состојба во неговото општество, кое како да се подрива однатре и се јаде самото себе, немајќи план како да излезе од стапицата во која се наоѓа веќе подолго време.  

Од друга страна, илјадници деца на мигрантите живеат во супстандардни услови, немајќи проблем со родителството, но имајќи проблем со сопствената иднина. Сето тоа го контролира „тајната организација“ која, исто како и мигрантите, функциноира од подземјето, од тој митски „андерграунд“. Тие можат да дадат наредба да те соберат на среде улица и, воопшто,  да те снема од лицето на земјата. „Не сакаме веќе лудаци!“, вреска стариот прч. Во време кога во фокусот е „случајот Епштајн“, оваа тајна бела дружина која смрди на расизам Андерсон комплетно ја „разголува“ низ хумор, давајќи им смешни имиња на ликовите и местата, и терајќи ги „вана-би масоните“ да се поклонуваат на никој друг, туку на Дедо Мраз. Каква величествена бизарност!

Токму хуморот, на моменти суптилен, на моменти брутален, е оној што му дозволува на делото да диши. Пред посетата на монахињите, каде се крие Вила, полковникот прашува дали сестрите имаат оружје горе, на брдото, а војникот му одговара дека тие се вегетаријанки 🙂 Сета оваа налудничавост во движење е надополнета со постојаната тензична музика на композиторот Џони Гринвуд. Одамна не сум видел вакво креативно користење на филмската музика во текот на целото филмско дело. Оттаму и правилната одлука „Оскарот “ да замине на адресата на гитаристот на популарните „Рејдиохед“, за кои Андерсон изработи неколку спота, а подоцна истото го стори и за бендот „The Smile“ на Гринвуд и Јорк.

И да, пред крајот, морам да го споменам следново: не можам да избегам од впечатокот дека „Една битка по друга“, од сцена во сцена, ми асоцира на она што Тарантино успешно го прави во сите свои филмови. Жена пука со митралез во деветтиот месец од бременоста, „чуден говор“ на револуционерите, манастир, сенсеи, кодови, луда вожња со коли… слободно надополнете ја низата со референци. Иако не сум голем фан, редовно ги следам филмовите на Пол Томас Андерсон, и мислам дека дури и тој ќе се сложи дека ова му е „најтарантиновски“ филм досега.

Поради сето претходно наведено, и покрај поделените мислења кај публиката, се чини дека „Една битка по друга“ истовремено е и возбудлив и збунувачки филм направен со многу шарм, и токму затоа не ве остава на мира. Самиот наслов алудира на бескрајна  војна: маалска, граѓанска, прекугранична, светска… претставена низ луд и динамичен филм кој на крајот финишира, погодувате, сѐамерикански: со фантастична бркотница со автомобили на брановидниот автопат низ беспаќата на Америка, притоа потсетувајќи нѐ на славниот првенец „Duel“ (1971) на Стивен Спилберг, како посвета на генерацијата на „филмската братија“ која донесе свеж здив и засекогаш го смени Холивуд, се разбира, на поарно. Warner bros. задоволно тријат раце, а оскаровската трка влегува во нов круг, до следната година во истото ова време.