Наградените филмови на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“

Од 7 до 12 август во Дојран по четврти пат се одржа Фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“. Со колегите Христос Пасалис (актер и режисер од Грција) и Теодосија Добријанова (бугарска режисерка и продуцентка) ја имав честа да бидам дел од меѓународното жири кое одлучуваше за фестивалските награди. Официјалната селекција содржеше пет филмови кои доаѓаат од земји кои се дел од медитеранскиот басен, додека селекцијата на краткометражни остварувања содржеше петнаесет наслови.

Во изминатите денови гледавме неколку прекрасни, возбудливи, филмови многу различни еден од друг, од различни земји и со различна тематика и естетика. Видовме филмови што прикажуваат некои од најитните проблеми со кои се соочуваат Балканот и Медитеранот денес. Го видовме регионот како рута и крајна дестинација, како дом, но и како студен, рамнодушен домаќин. Филмовите, заедно, создаваат палета од човечки искуства до кои отсега, по гледањето на филмовите, се чувствуваме поблиску. Гледањето на овие филмови за нас беше привилегија, а учеството во жирито – задоволство и одговорност што не ја сфативме туку-така. Следат нашите согледби во однос на фестивалските награди.

Во категоријата „Најдобар краток филм“ доделивме две рамноправни награди, бидејќи конкуренцијата беше жестока. И обата филма беа извонредни и нè импресионираа со нивната оригиналност и моќно раскажување.

„Бланш“, реж. Јоана Ракотариса

За сложеното и срдечно филмско раскажување, за нежното прикажување на семејните врски и суптилниот пристап кон сложени теми како расната дискриминација и малтретирањето, за фасцинантните изведби на двете млади главни ликови, Луна Робин како Заза и Лоиција Даненхофер како Ана, чија кариера сигурно ќе ја следиме и во иднина.

„Детето со бела кожа“, реж. Сајмон Панај

Филм кој е и политички и поетски на многу автентичен начин. Филм кој нè изненади со својата оригиналност и атмосфера. За само петнаесет минути, успева да нè потопи во подземен свет исполнет со надеж и очај – свет кој е истовремено сонлив и сурово реален.

„Наградата за најдобра музика“ му ја доделивме на филмот „Насекаде, во секое време“ на Милад Тангшир, кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот. Како секогаш присутен ентитет, нотите на музиката го следат протагонистот низ улиците на Торино, истовремено исполнувајќи ја сликата со носталгија, убавина и тага.

„Наградата за најдобра актерка“ оди во рацете на Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона во филмот „Помеѓу Боговите“ на српскиот режисер Вук Ршумовиќ. Делејќи го истото име со протагонистката, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена, и инсистира, за прв пат во својот живот, да биде сослушана. Без разлика дали во гласните, драматични сцени, каде што нејзиниот глас често се крева во очаен обид да се чуе, или во тивките, срцепарателни крупни планови каде што нејзиниот внатрешен свет е екстернализиран со најсуптилните изрази на лицето, Хосеини владее со екранот и го воздигнува филмот на начин што ни оневозможува да замислиме поинаква актерка на нејзино место.

„Наградата за најдобар актер“ му припадна на Акилас Каразисис за улогата на Такис во грчкиот филм „Месо“, кој со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување на клишеата оживува лик полн со противречности, преговарајќи со нашите очекувања што треба да прави еден херој или негативец, балансирајќи со финеси помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.

За својот креативен процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста, преку автентично раскажување кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, „Наградата за најдобар режисер“ ја доби словенечката филмаџика Уршка Ѓукиќ за филмот „Мали проблематични девојки“. Режисерката успева да каже многу со малку: нежни гестови, суптилни погледи кои изгледаат ситни, но значат сè, постигнувајќи фина рамнотежа меѓу хуморот и копнежот, разочарувањето и надежта.

Пред главната награда, жирито додели „Special mention“ за италијанскиот филм „Насекаде, во секое време“ на режисерот со иранско потекло Милад Тангшир. Филмот кој низ документарна вистина, детали и вистинска топлина го прикажува секојдневниот живот на еден имигрант во денешна Европа. Филм снимен на улиците на Торино, прикажувајќи го градот како „ветена земја“ која, без разлика колку блиску се чини дека протагонистите се до нејзиниот центар, секогаш наоѓа начини да ги оттурне од себе.

Иииии… Главната награда за „Најдобар медитерански филм“ на фестивалот „Преку езерото“ е за автентичното прикажување на тинејџерското растење и созревање преку откривањето на сексуалноста. Станува збор за длабоко и сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија меѓу детството и животот на возрасните. Наградата едногласно ја доби сега веќе двојниот фестивалски победник, филмот „Мали проблематични девојки“ на словенечката режисерка Уршка Ѓукиќ.

На крајот, препорака да ги погледнете наградените филмови кога ќе имате можност за тоа. Се разбира, најдобро беше тоа да се направи на големото платно во Дојран, каде организаторите на „Преку езерото“ веќе од денес се подготвуваат за следното, петто издание, кое како мал јубилеј, по природата на нештата, треба да го надмине годинешното во многу сегменти, и во следните години само да расте и да граби напред 😉