„ОФФест“ #24: Суптилна Африка

Според добрите познавачи на современата музика, и годинава „ОФФест“ го задржа добриот курс, „подарувајќи“ ни четири музички вечери кои можат да го задоволат сечиј вкус. За мене особено е важна „Африканската вечер“, која се одржа на третиот фестивалски ден, во саботата, на 7 јуни. По минатогодишната фантастича понуда, се разбира дека очекувањата повторно беа големи.

Со велосипед возам по „Партизанска“ и минувам крај непрежалената „Универзална сала“, која се’ уште сонува дека во блиска иднина ќе добие нов сјај. Кога ќе размислам, токму тоа беше клучната градска точка каде со мерак го следев растењето на Џез фестивалот во 90-те години, и раѓањето на „помалиот брат“ „ОФФест“ на почетокот од двеилјадитата. Во тие први години од новиот милениум во Универзална се случија некои од најбитните „оффест“ концерти, оние на Дејвид Бирн, Мадредеуш, Спиричуајалзд, Меркјури рев, Готан проџект, Шон Кути, Пети Смит… треба ли уште да се набројува?

Минувам низ плоштадот, преку Камени мост се симнувам од другата страна на Вардар, туристите го сликаат центарот и неговите знаменитости, и се’ изгледа онака како што треба – како моментно четвртата економија во Европа со енормно зголемен број на туристи. А тоа што водичот Васко се жали на бројноста и гласноста на кучињата-скитници додека ги шета истите тие туристи низ чаршијата, тоа никого мува не го лази!?

На слична критичка линија беше и воведното обраќање на фестивалскиот директор, кој не пропушти шанса да ја нагласи помошта од државните институции и спонзорите за одржување во живот на фестивалот. Во вечерта во која по којзнае кој пат се случуваа локални спортски ѓурултии: во Аеродром на ракометното дерби се соочија старите ривали „Комити“ и „Чкембари“, а македонските Албанци се собираа во чаршијата за да го гледаат фудбалскиот натпревар со Србија, во салата на НОБ повторно ни се случи – Африка!!!

На ланското издание на „ОФФест“ имаше бомбастичен африкански лајн-ап благодарение на „Бомбино“, во чија приказна не’ воведе проекцијта на прекрасниот документарен филм „Агадез“. Ништо помалку возбудливи не беа и ангажираните јужноафрикански хип-хопери „BCUC“, како и Етиопијците “KUTU“ со атрактивната вокалистка Хејван Гебреволд. Впрочем, еве го комплетното доживувње од минатата година. Го препрочитав и јас, и си честитав на себе, велејќи: „Брат, колку добар текст си направил, стварно заслужи гратис за годинашната африканска вечер“… ама, прво треба некому да му текне 🙂 🙂 🙂 Неееее, не сум таков, верувајте 🙂

Не знам, можеби го споделувам ланскиот текст затоа што поинтензивно ги доживеав настапите на африканските музичари, но и од страв дека овој текст нема да биде толку добар како минатогодишниот поради поприземните чувства што ги имав и се’ уште ги имам, откако ми се средија впечатоците. Исто така, оваа година, за разлика од лани, решив да му се препуштам на факторот „изненадување“, па освен она што како рекламен материјал доаѓаше од фестивалот, не направив додатно истражување за годинешните гости, што можеби одигра мала улога во конечниот впечаток. Како и да е, на крајот овој напис го насловив „Суптилна Африка“, не можејќи да најдам посоодветен збор за двата концерта што ги доживеав.

Вије Фарка Туре очигледно е голема ѕвезда на африканската музика. Најавуван е како „сахарскиот Џими Хендрикс“, но веројатно онаа другата одредница е многу побитна за него, а тоа е дека е син на славниот Али Фарка Туре. За разлика од приказната на Бомбино, кој започнува како овчарче во сувите предели на Нигер, за потоа да се вивне во музичките височини, поддржувајќи ја и револуцијата во својата земја, кај Али тој момент го немаше дури ниту на настапот на сцената, каде меѓу песните само спомна дека во Мали имаат политички и општествени проблеми (а каде ги нема?, како да велеше неговото благо насмевнато лице), и продолжи да свири на гитарата сакајќи да каже дека вечерва сме тука да се забавуваме, а не да „филозофираме“ и д се жалиме.

Но токму тој момент, барем кај мене, не предизвика емпатија кон музичарот, кој кон својата екипа на сцената се однесуваше опуштено, но на моменти и малку надмено и супериорно. И додека басистот се обидувше да му влезе во (рас)положение, тапанарот беше во свој филм и сосема коректно го изработи реперторот за вечерта.

Вије Фарка Туре несомнено е фантастичен гитарист, и на моменти го доловува оној далечен туарешки дух препознатлив во африканскиот мелос, дури наликувајќи на нашиот Стефановски кога малку повеќе и непотребно се задржуваше на солажите, со намера да покаже колку добро го владее инструментот. Чинам дека целиот концерт го „извозе“ по една стандардна линија, без големи искачувања и падови, или што се вели – на искуство, што на крајот остави впечаток дека можеше да се потруди да направи уште чекор плус, да ни подари уште „нота плус“ за да остане запаметен во нашите сеќавања. Но, треба да се земе предвид дека концертната сезона е во полн ек, и некаде даваш повеќе, некаде помалку, што е сосема легитимно, и тоа не треба да се земе за зло. Вије и екипата отсвиреа сосема коректно, давајќи му боја на фестивалот, како и вистинска насока на насловот на овој текст – суптилност!

По стандардната полчасовна пауза на вжештениот скопски бетон, се вративме во салата да го проследиме настапот на Гањанката Флоренс Адони и нејзиниот бенд. Она што како предигра ни го понуди фестивалскиот пи-ар е дека се работи за синтеза на ФраФра госпелот и живиот оптимистички хајлајф звук. Звучи чудно, но и интересно. Шестчлениот бенд со складна костимографија на сцената звучеше воиграно, а дувачката секција одвреме-навреме ги потенцираше оние возвишени моменти кога човек треба да стане и да танцува, без да ве моли самата Адони или колегата-басист тоа да го сторите. Но aјде оди играј меѓу столчињана во НОБ 🙂 Се разбира, се шегувам, за тоа не ти треба никаков изговор, и истото го сторија многу посетители кои искрено го почувствуваа ритамот на нежната (да не речам суптилната) Адони и нејзините пријатели.

Флоренс Адони има убав глас, но како да не се издвојува со нешто автентично и специфично. Нејзината фигура на сцената оддава спокојство и задоволство, и тоа е сосема доволно за фино, речиси двочасовно пловење низ музиката од западна Африка. Но изненадувањата се и повеќе од пожелни, нели. Наспроти нејзината природност и непосредност стоеја момците полни со адреналин. Нејзините колеги-музичари се шоумени кои сакаат добро да се забавуваат, и не знаејќи со кого си имаат работа, им требаше многу малку за да ја кренат публиката на нозе.

Адони и пратечката вокалистка по оваа долгосвиречка нумера на колегите имаа доволно време да одморат, да соберат сила и триумфално да ја завршат вечертa, продолжувајќи да го креваат адреналинот на највисоко ниво. Месечината беше блудна, и веќе немаше простор за враќање назад. Музичарите се симнаа во партерот, се измешаа со публиката, и забавата траеше доволно долго за оваа вечер од суптилна, барем на крајот, да се претвори во еруптивна. Сепак е викенд, сабота, концерт, Африканци кои даваат се’ од себе на сцената, и што може во тие моменти човек повеќе да посака!? Скопје сака да танцува, и тоа во моментот беше единствената вистина на која сите и’ се поклонија.

Заминувам во еден часот по полноќ како задоволен револвераш кој го јавнува својот „метален коњ“ и вози низ ноќта по тротоарите преполни со дупки. „У-У-У! А-А-А!”, си потпевнувам на кирилица, и радосно констатирам дека сепак има надеж за овој град.