Третото издание на меѓународниот фестивал кој ја слави деветтата уметност годинава се одржа од 6 до 8 јуни на стандардното место, во Младинскиот културен центар во Скопје. Викендот во метрополата, почнувајќи од петокот, беше богат со настани, па по фудбалот на „Градски“ со Белгија и Африканците на „ОфФест“, редно беше во последниот ден, на „финалната граница“, да се посетат и поддржат познаниците и пријателите кои со години… море, со децении ентузијастички ја туркаат стрип-приказната на овие простори. Во услови кога немате вистинска индустрија поврзана со стрип културата, исто како и со другите уметности, тогаш и самото постоење и одржување на овој настан претставува вистински успех, со надеж дека во годините што следат истиот уште повеќе ќе расте и ќе станува се’ позначаен и на регионално ниво.

Главен гостин на годинешното издание на „Стрип трип“ беше германскиот автор Рајнхард Клајст. Човекот кој зад себе има неколку култни стрип албуми поврзани со познати музички ѕвезди е автор и на горниот плакат, на кој Боуви заедно со Ацета бдеат над нашево разулавено ново Скопје. За жал, „Бункерашите“ не успеаја навреме да го издадат вториот дел на графичкиот роман за Боуви кој ги покрива неговите берлински години, но, според најавата, во „Лоу“ на македонски јазик ќе уживаме за дваесетина дена.



Како автор на воведниот текст на македонското издание на „Стармен“, се разбира дека ја искористив можноста да се запознаам со г-нот Клајст и да сториме неформален лаф-муабет на платото пред МКЦ. Се покажа дека стрипаџијата е нетипичен Германец, пријатен и топол, со еден куп убави приказни за Берлин каде што живее, и се разбира, за случувањата во деветтата уметност. Беше прекрасно да се види како за неполна минута, покрај посветата, добивате цртеж со камелеонот, надополнета со картичка од авторот, како вистински професионалец.



Покрај „Стармен“, на потпишување го однесов и хрватското издание на графичкиот роман посветен на првите, австралиски години на Ник Кејв и „Брдеј парти“. Овој пат прашав дали може да направам видео од процесот додека ја потпишува книгата, а Клајст со задоволство прифати.



На крајот го прашав главниот гостин на годинешниот „Стрип трип“, иако можеби звучи неблагодарно, кон кого повеќе е наклонет, кон Боуви или кон Ник? Клајст искрено одговори дека во младешките години повеќе го сакал Боуви, додека во последно време вистински е фасциниран од Кејв. Баш онака како што треба 😉

Покрај Клајст, за време на фестивалот мора да им се даде поддршка и на домашните автори. Всушност, тоа е круцијалниот, клучниот момент на овој настан. На последниот ден имаше убава промотивна програма, и на неколкуте претставувања имав можност да се запознаам со тековната стрип продукција кај нас. Филип Стојановски ме фатил во позиција со начулени уши, и ја крстил фотографијата „Спонтано“. Му благодарам!

„Тешка машинерија“ е новиот стрип магазин на овие простори, зад кој стои Владимир Благојевиќ. Во разговорот пред заинтересираните тој го истакна „Heavy metal“ моментот како инспирација, со тенденција во секој следен број да им се отстапува простор на младите стрип автори кај нас, како концепт за создавање на добра база на стрипаџии за во иднина.





Издавачот „Стрип квадрат“ на фестивалот го промовираше двобројот на магазинот „Деветка“, кој стигна (машала!) до бројката 13-14. Никола Темков полека, но сигурно „ја тркала“ оваа работа, важна за многумина што сакаат да објават свои табли во магазин, така збогатувајќи го своето си-ви.

На овој штанд неизбежна беше средбата и дружбата со имењакот Игор Јовчевски, човекот кој ја креираше илустрацијата за мојот прв роман „Крај-пат“ во 2010 година.

Игор ужива да црта класични вестерн херои и хероини, тоа е сензибилитетот во чии рамки Јовчевски се чувствува комотно и “на свое”, како континуитет кој е за поздравување. Неговиот последен стрип-албум „Кантана“, со поднаслов „за одмазда повеќе“, е директна посвета на шпагети-вестерн жанрот со кој царуваше мајсторот Серџо Леоне.



Еден од организаторите на настанот, „Макстрипови“, годинава слави убав јубилеј – 15 години постоење. По тој повод, еден од генераторите на идеи, Давор Драмиќанин, реши да објави специјално издание едноставно насловено „Давор и другарите“, во кое на едно место ги собрал соработките со различни цртачи на неговите куси стрип-сценарија.


На разговорот беа присутни Здравко Гиров и Тхе Мичо, кои низ смеа раскажуваа за првите соработки со Давор како сценарист. По претставувањето на албумот, повторно се наметна заклучокот дека во оваа работа, која кај нас најчесто се базира врз ентузијазмот, најважно е да се зачува детето во себе кое постојано сака да си игра, а стрипот е фина играчка која истовремено може да обликува, да забавува и да едуцира. Тоа е добитен трилинг 😉




Иако немам комплетен увид во целиот фестивал, она што го видов и доживеав на последниот ден од „Стрип трип“ влева надеж дека и следните години ќе присуствуваме на значаен настан посветен на деветтата уметност, кој во своите пазуви се’ повеќе ќе привлекува млади генерации љубители на стрипот. Затоа – поддршка, момци и девојки, само напред!!!

