Филип К. Дик: Писателот со магично стапче

„Базична работа при манипулацијата со реалноста е манипулацијата со зборовите. Ако можеш да го исконтролираш значењето на зборовите, тогаш можеш да ги контролираш и луѓето кои мораат да ги користат тие зборови“

Оваа изјава во најдобро светло ни ја објаснува главната преокупација на најпровокативниот и најплодниот пиател на научна фантастика во изминатиот век, Филип К. Дик (1928-1982). Но јазикот и зборовите не би имале толкава хипнотичка сила доколку од нив се изостави визуелниот елемент. Токму таквиот спој, создаден некаде во внатрешнста на неговиот генијален ум, ја создава совршената целина на која сме подготвени да и’ се предадеме во целост. Филип Дик е еден од ретките во овој популарен жанр кому тоа му успеа.

Со срамежливи чекори, тој почнал да пишува кратки раскази во 1947 година, не успевајќи да продаде ништо од својата фикција се’ до 1951 година. Дури откако расказите почнале да му излегуваат во пореномирани списанија, започнало неговото етаблирање во светот на ес-еф жанрот. Негов прв обајвен расказ е „Beyond Lies the Wub“ од 1951 година, објавен во часописот „Fantasy & Science fiction“, а негов прв објавен роман „Solar Lottery“ од 1955 година.

Главни карактеристики на писателот се недружељубивоста и неизлегувањето од својот дом, како последица на изолираноста поради честите болести што го мачеле во детството. Но тоа не им пречело на неговата перцепција и бујна фантазија во период од 35 години да создадат над 100 кратки раскази сместени во десетина колекции, и 40 новели/романи,кои создадоа толпа следбеници на неговите фантазии, наречени DickHeads-и.

Она што ги одликува сите негови дела се драматичните приказни, непредвидливите настани и незаборавните ликови. Сето ова укажува на фактот дека неговите ракописи се одлична подлога за правење на филмови. Филмот е совршен медиум за реализација на многу идеи на Дик. Ова го сфатија неколку режисерски имиња кои успеаја да снимат некои од најгенијалните ес-еф филмови во историјата на седмата уметност. Тука, пред се’, се издвојуваат „Blade Runner“ и „Toatl Recall“. Меѓутоа, што направи Холивуд во однос на тоа? Индустријата и понатаму го сметаше вкусот на писателот и неговите фанови за ѓубре, и покрај тоа што во многу успешни жанровски остварувања беа украдени токму идеите на Дик од неговите книги. А како реагираше тој на таквата ситуација: „Научна фантастика е многу забавно да се пишува, и покрај многуте финансиски крахови. Не жалам за ниту една работа што сум ја пропуштил. Па добро, тоа не е баш вистина. Жалам кога ќе ја исклучат струјата, на пример“.

Филип К. Дик остави доволно материјал зад себе, многу приказни што го чекаат својот ред за снимање. „Eye in the Sky“, „Ubik“, „Faith of our Fathers“, „Flow my tears the policeman said“ и уште многу други, се приказни што едвај чекаат да бидат екранизирани. Сега, како никогаш порано, сме подготвени за таков спектакл!

Филмови според делата на Филип К. Дик

Blade Runner (1982), Ridley Scott

За ова ремек-дело на научно-фантастичниот анр постои само еден збор: СОВРШЕНО! Филмот е снимен според мастерписот од 1968 година „Do Androids dream of Electric sheep“, која е најпродавана книга од авторот, поддржан од, исто така, совршениот саундтрак на Вангелис. Според добрите познавачи, director’s cut верзијата е многу поверна до оригиналната замисла на Дик.

Total Recall (1990), Paul Verhoeven

Најуспешната улога во кариерата на Шварценегер, како нормалниот тип Квејд, кој се замешува во политичкиот судир меѓу угнетените и елитата на Марс. Дали имплантите се толку моќни при виртуелното патување, или сепак се работи за реалност? Капката и… буууум! Фантастично! Базиран според краткиот расказ „We can remeber it for you wholesale“.

Confession d’un Barjo (1992), Jerome Boivin

Француски филм базиран според книгата „Confession of a crap artist“ пишувана 1959, а издадена 1975 година. Дорбо изрежиран и одигран, и што е најважно, доследно се придржува до вистинската приказна, што му дава посебен филип-диковски шмек.

Screamers (1995), Christian Duguay

И во овој случај инспирација за екранизација е краток расказ од Дик насловен „Second Variety“. Одличниот Питер Велер конечно излегува од Робокап-филм и со група интерпланетарни колонисти мора да се претвори во убивачка машина за да преживее. Одлично!

Minority report (2002), Steven Spielberg

Конечно и Спилберг поака да екранизира нешто од Дик. Филмот е базиран според истоимениот расказ од 1956 година, а премиерно ќе биде прикажан некаде во текот на следното лето.

A Scanner darkly (наскоро!)

Базиран според полуавтобиографската џанки приказна на авторот од 1977 година, за овој наслов интерес покажа продуцентската куќа „Jesrey film“. Очекуваме со нетрпение!!!

The nervous breakdown of Philip K. Dick (1996), Judy Bee (Да се провери!!!)

Дваесетминутен краток филм за параноичното патување низ просторот и времето, видено низ очите на Филип Дик. Приказната е сместена кон крајот на хипи-Никсон-шеесеттите-години и претставува детективска потрага по сопствените гревови.

Филмови што „мирисаат“ на делата на Филип К. Дик

THX 1138 (1970), George Lucas

Првиот краток студентски, а потоа и долгометражен филм на Лукас, инспириран од неговиот книжевен идол.

Sans soleil (1982), Chris Marker

Француски документарен филм кој потсетува на Диковата книга „Valis“.

Slipstream (1989), Steven Lisberger

Андроидот во филмот што сака да биде човек, а не успева во тоа, многу потсетува на Репликантите од „Блејдранер“.

Gatacca (1997), Andrew Niccol

Футуристичка приказна за генетички совршен човек!

Dark city (1998), Alex Projas

Во овој изненадувачки добар наслов, кој играше и во нашите кина, има неколку детали кои наликуваат на расказот „Adjustment team“.

Sphere (1998), Barry Levinson

Уште еден филм во кој во некои сцени се употребени делови од Диковиот расказ „Eye in the sky“.

The Truman Show (1998), Peter Weir

Пооптимистичен од повеќето приказни на писателот, но сепак реминисценција на романот „Time out of joint“ од 1959 година.

eXistenZ (1999), David Cronenberg

Уште една пеколно можна комбинација – Кроненберг и Дик. Но можеби само во виртуелната реалност на игрите.

The Matrix (1999), The Wachowski brothers

Овој филм е под големо влијание на мајсторот, особено во силната и конзистентна приказна, која обично недостасува во филмовите со беспрекорни специјални ефекти.

@Текстот е објавен во септемврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *