Вчера во Македонската академија на науките и уметностите беше објавен годинашниот добитник на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, холандската поетеса Анеке Брасинга. По нејзиното претставување следеше поетско читање по повод 21 март, „Светскиот ден на поезијата“, на кое настапија членови на Македонскиот ПЕН Центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Бидејќи ја имав таа чест за прв пат да настапам во тој простор, напишав нова песна, насловена „Брчки“.
Деновиве од печат излезе годишниот број на Ревијата на Македонскиот ПЕН-центар за 2025 година. Низ богати содржини се претставуваат активностите на ПЕН-центарот во тековната година, со фокус на интернационалната јунска конференција во Охрид, но и со многу текстови од членовите на ПЕН, со простор за претставување и на новите имиња во македонската секција на оваа значајна интернационална асоцијација со 104-годишна традиција на постоење и делување. Се радувам и благодарен сум на колегите во редакцијата што моите ракописи во различни жанрови, како нов член од минатата година, се застапени во ревијата на ПЕН-центарот.
Дружба и фото за спомен во рамките на „20. ПЕН конференција“ во Охрид со Владислав Бајац, човекот кој со белградската издавачка куќа „Геопоетика“ веќе три децении ни приредува вистински книжевни возбуди.
Да бидам искрен, темата за ПЕН конференцијата на прв поглед ми беше далечна, исплашен од сите тие големи и значајни зборови и терминологија од чие значење може човека да го заболи глава. Но сепак, морам да признам, уживав во разните интерпретации на големите умови на темата, бидејќи прецизно го дефинираат времето во кое живееме и, на крајот на краиштата, во кое твориме и оставаме нешто зад себе. И како навлегував во суштината на темата читајќи разни текстови, сфатив дека јас, на некој начин, всушност веќе го живеам постхуманистичкиот период. Не се сметам себеси за пост-човек, напротив, но преку заедничкиот живот што го живеам со моето семејство, сфаќам дека новото време длабоко продрело во мојот начин на минување низ секојдневните предизвици, попатно несвесно прифаќајќи многу нешта. Изреката вели: „Ако не можеш да ги победиш, тогаш придружи им се“. И навистина е така, и така мора да биде. Впрочем, и прилагодувањето на новонастанатите ситуации читам дека е интегрален дел од постхуманизмот, така што… опушти се и пливај, си велам. Час низводно, час спротиводно, сеедно, важно е да се плива. Во чиста и бистра вода, или во гомна, сеедно. Пливај!