Насловните корици на музичките албуми се многу важни. Но ајде оди и докажи им го тоа на новите клинци кои музиката ја конзумираат единствено преку дигиталните медиуми. Корицата на книгата можеби и го нема тоа значење како обвивката на ЛП-то, бидејќи може да се прочита синопсис или одгласи на критичарите на задната страница, додека тоа кај албумите го нема. Таму се само насловите за песните, и доколку не ве испровоцира насловната корица во случај да не знаете за каква музика се работи, тогаш морате да се повикате на „добриот сенс“. Деновиве пред очи ми прелета уште една листа на највлијателни ЛП корици во историјата, кои одвреме-навреме се прават насекаде низ светот, и проверувајќи што таа содржи, сфатив дека добар дел од нив ги имам во домашната колекција. Затоа овој текст е крајно субјективен, бидејќи ја раскажувам приказната токму за обвивките на плочите кои со задоволство ги слушам низ годиниве по дома. Секако дека притоа ќе скокнам многу незаборавни ЛП насловни, но затоа постои можноста за коментар, кадешто би можеле да ме потсетите и воедно да пишете кој е Вашиот ол-тајм фаворит 😉
Приказната ја започнуваме со ЛП-насловната за двојниот албум „London calling“ на Д Клеш од 1979 година, која од магазинот „Q“ e прогласена за најдобра на сите времиња, бидејќи доловува ултимативен рок-момент – тотално губење на контролата. Фотографијата е на Пени Смит и на неа го гледаме басистот Пол Сајмонон кој во момент на бес поради тоа што на свирката во Њујорк обезбедувањето не и’ дозволило нa публиката да стане од своите столчиња и да игра, тој го треска својот Фендер бас од подот на сцената. Интересно, фотографката не сакала да биде објавена на насловната корица бидејќи сметала дека е дефокус, но Џое Страмер заедно со графичкиот дизајнер Реј Лоури ја пицнале, ставајќи референца на деби албумот на Елвис Присли со „позајмување“ на типографијата и поставеноста на буквите на сосема истото место. А значењето на тој албум знаеме кое е – распеаниот Елвис со гитара во рацете ја навестува доминацијата токму на гитарата над пијаното, и следствено на тоа, доминацијата на рокенролот во следните декади.
Деби албумот на легендарните Велвет андерграунд е под покровителство на гуруто Енди Ворхол, кој фигурира и како продуцент. Неговата поп-арт банана засекогаш се врежа во колективната музичка историја, иако нема многу-многу врска со психоделичната музика на њујоршката група. Легендата вели дека сите што го купиле овој албум, подоцна основале свој бенд.
Можеби повеќемина би ја избрале насловната корица на „The dark side of the Moon“ или кравата на „Atom heart mother“, но сепак каверот на албумот „Wish you were here“ на Пинк Флојд од 1975 година е пред своето време, бидејќи навестува состојба кон која ќе се движи светот во иднина. За него е заслужен дизајнерот Сторм Торгерсон, а прикажува двајца бизнисмени кои се ракуваат околу склучена зделка на една празна улица без луѓе, додека едниот од нив почнува да гори. Плочата си има и надворешна црна обвивка на која се ракуваат две роботски раце. Доволно индикативно, нели 😉
Според многумина, ова е најдобриот кавер на деби албум во историјата, инаугурирајќи ја Пети Смит како главна панк поетеса на музичката сцена. Најзаслужен за нејзината иконична појава е нејзиниот пријател, славниот фотограф Роберт Мејплторп, кој со помош на Полароид успеал да ја дофати сугестивната аура на дојденката во Големото јаболко.
Можеби ова не е најдобриот и највлијателниот панк албум во историјата, но неговата насловна тоа дефинитивно Е. Ова издание на Ричард Бренсон му помогна од Вирџин рекордс да направи империја, а гласините велат дека тој ја го составил редоследот на песните. Знаејќи дека Бренсон последниве декади лета кон небеските височини, дали може да заклучиме дека Секс пистолс се заслужни за истражувањето на вселената? Уф, каква теза! Панкерска 🙂
Легендарниот првенец „Unknown pleasures“ на Џој дивижн е облагороден со овој незаборавен арт-кавер на Питер Савиј, главниот дизајнер на манчестерската „Фектори рекордс“. Графичката слика поставена централно на доминантно црниот кавер ги претставува повторувачките радио-бранови на пулсарот, откриен 1967 година од астрономите во Кембриџ, наречен „CP 1919“.
Благата екстаза во која се наоѓа госпоѓица Лујза Чиконе после овој трет албум дефинитивно ја зацврсти на позицијата „Кралица на поп музиката“. Фотографот кој ја овековечи е Херб Ритс, но јас сепак типувам на соработката со Вилијам Орбит на албумот „Ray of light“. За жал, го нема(м) на ЛП 🙁
Ех, „лимончето“. Отсекогаш ме потсетува на првите денови во „Орце“, кога средношколските фраери го носеа под мишка. Направена во стил на Џексон Полок, насловната корица на суптилен начин ја навестува револуцијата во брит музиката, а главен„виновник“ за тоа е гитаристот (и хоби-сликар) Џон Сквајр.
Шестиот албум на предвесниците на Гранџот беше пресвртница во нивната кариера, за која покрај музиката, особено заслужен беше и легендарниот кавер на Рејмонд Петибон. Базиран на папарацо-фотографија од 1966 година на која се наоѓаат клучните сведоци во едно познато убиство кое ја тресело Британија, црно-белиот кавер сигурно е еден од незаборавните во рокенрол историјата. За текстот во бит-стил ич да не правиме муабет.
А што да се каже за обвивката на албумот „Nevermind“ која стана вистински културен феномен? Според урбаната легенда, идејата на Курт Кобеин му дошла по гледањето на некој ТВ документарец со Дејв Грол. Курето во лов на доларчето на Нирвана им донесе култен статус и 30 милиони продадени плочи ширум светот, а на бебето Спенсер Елден инстант слава која ја уживаше 30 години, но која ја покака минатата, 2021 година, кога жеден за пари (и веројатно советуван од адвокатите) поднесе тужба против бендот поради „детска порнографија“, но ја загуби судската парница. Будала!!!
Повеќето би се одлучиле за насловната на албумот „Homogenic“, но јас сепак го избрав деби албумот на Бјорк едноставно насловен „Debut“, затоа што таа е толку мила, бушава и природна, што не можеш да не ја симпатишеш. „Девојката со џемперчето“ сними прекрасен соло албум, влијателен и ден-денес, а фотката на Жан-Баптист Мондино е навистина незаборавна во својата едноставност.
Вториот, уште помрачен албум од првенецот „Dummy“ на бристолскиот трип-хоп бенд Портисхед отсекогаш ми асоцирал на филмовите на Стенли Кјубрик, не знам зошто!? Но најважно од се’ е што атмосферата што бендот ја прави во песните прекрасно кореспондира со насловната на нивната плоча: темно, мистериозно, болно, недофатно…
Не знам дали сте знаеле, но Рејдиохед имаат шести член во бендот од почетокот на својата кариера, со тоа што тој не создава музика, туку ја визуелизира замислата на момците и ја става на нивните ЛП корици. Неговото име е Стенли Донвуд и тој е заслужен за обвивките на сите девет албуми на групата. Сепак, за највлијателна се смета оваа за албумот „OK Computer“ од 1997 година, бидејќи прави добар спој на социјалните и футуролошките теми низ музиката на бендот, и нивното влијание врз отуѓениот човек во блиската ни иднина. Ако веќе истата не ја живееме!?
Новиот милениум ни донесе и нова естетика. Дебито „Is this it“ на Њујорчаните Д Строукс музички фино не’ освежи, а обвивката со својата еротичност не’ освои на прва топка. Бендот се плашел да не’ бидат цензурирани, но сепак целата работа поминала глатко. „Виновник“ за дизајнот е Колин Лејн, кој ја фотографирал тогашната негова девојка веднаш по излегувањето од под туш, и процесот бил толку природен и спонтан, што им било тешко да одберат која фотка да ја стават на предната обвивка на плочата. Сепак, оваа со црната ракавица е многу секси, и пред се’, претставува полнокрвен рокенрол!
Џастин Вернон отсекогаш внимавал на уметноста поврзана со музиката што ја создава, па затоа и „Bon Iver“ имаат супер ЛП-кавер. Сепак, оваа на вториот, истоимен албум на бендот како да се издвојува со својата магичност. Уметникот Грегори Еуклид создал надреален пејзаж користејќи природни материјали, а резултатот е епски. Едноставно, прво уживате во обвивката едно 10-15 минути, потоа ја вадите плочата, ја ставате на грамофонот и меланхоличното фолк-патување од Перт до Лисабон може да започне.
Тоа беа ЛП обвивките како дел од листата на влијателни корици во музичката историја кои и јас ги имам во домашната колекција. Но, кога веќе се отвори темата, продолжуваме уште неколку чекори понатаму. Листајќи ја личната ЛП фонотека наидов на уште многу обвивки кои сметав дека мора да се истакнат. Ги поделив во неколку групи. Во првата, како надоврзување на претходната понуда, се насловните на плочите на легендарните Кен и Дејвид Боуви.
Една од највпечатливите албумски корици во историјата е токму оваа, која со години ме прогонуваше и во соништата. Откако ја изнагледав во скопските музички продавници, на крајот решив и да го купам албумот, кој на почетокот ми беше одбивен. И? Полн погодок, вистинско откритие! Краут-рокерите Кен се еден од најавтентичните бендови во последниов половина век. Насловот значи „егејска бамја“, од која може комплетно да откачите. Да, да, од психоделични убавини!
„Лебедовата песна“ на Дејвид Боуви е најмоќниот албум во неговиот богат каталог во новиот милениум. Пророчките песни го навестуваат неговото заминување, а фановите имаа можност само два дена да уживаат во музиката, пред Боуви да замине кон ѕвездите. Симболиката на „црната ѕвезда“, според авторот Џонатан Барнбрук, е во конечноста, темнината, едноставноста, која и самиот Боуви ја интерпретира преку музиката на овој прекрасен албум.
Обвивките на џез изданијата, пак, се приказна за себе. Од мојата скромна ЛП колекција издвоив четири корици кои сметам дека се врв, и на веродостоен начин ја претставуваат музиката втисната на винилот. Еве неколку антологиски парчиња.
Авторот на обвивката на легендарниот албум „Bitches brew“ на Мајлс Дејвис од 1970 година е францускиот надреалист со германски корени Малти Кларвајн. Додека го работел платното, тој постојано ја слушал музиката на Дејвис и пријателите, црпејќи инспирација од звуците на маестрото Крајниот резултатот сосема соодвествува со звучната слика на еден од најреспектибилните албуми во џез музиката, креирајќи корица со фузија на компоненти кои се движат меѓу светлото и темното, природата и човекот, притоа истакнувајќи ја мултикултуралноста како главен елемент.
Повеќето фанови ја преферираат обвивката на албумот „Blue train“ на саксофонистот Џон Колтрејн, меѓутоа, стилизираното сино на мене не ми фаќа око, и затоа се одлучив за црно-белиот кавер на уште еден негов легендарен албум, „Love supreme“. Зошто? Па затоа што е едноставен, само со ликот на џез музичарот фатен во моментот, без позирање, и на него може да се видат многу работи. Толкувањето е отворено. Инаку, фотката е на Чак Стјуарт, кој го фотографирал квартетот додека го снимале албумот во 1964 година во едно студио во Њу Џерси, но некако Колтрејн излегол во преден план токму со оваа фотка, која како да го покажува процесот на музицирање низ кој минува со МекКој Тарнер, Џими Гарисон и Елвин Џонс. Тамански!
Легендарниот американски графички дизајнер Нил Фуџита е „виновникот“ за некои од најубавите обвивки во џез музиката. Освен овој на квартетот на Дејв Брубек, тој го потпиша и сличниот по сензибилитет кавер на албумот „Ah Um“ на Чарлс Мингус, како и „Round about midnight“ на Мајлс Дејвис. Неговиот талент продолжи и во литературата и филмот, каде ги потпиша и кориците на книгите „In cold blood“ на Труман Капоти и „Pigeon Feathers“ на Џон Апдајк, како и плакатот на првиот, антологиски дел на „Godfather“ на Копола.
Приказната за легендарните џез-обвивки ја заокружуваме можеби со најпознатата меѓу нив, онаа за албумот „Underground“ на пијанистот Телониус Монк. За настанување на истата, Џон Берг и Ричард Мантел уредиле цело едно студио со многу детали кои асоцираат на времето од Втората светска војна, кога францускиот отпор кон Нацизмот бил на највисоко ниво. За оние кои не забележаа од прва, крупниот детал на втората слика со заробениот Нацист кој молчи додека Монк свири на пијано со митралезот на рамото ми се чини дека објаснува се’.
По брчкањето низ светската музичка сцена, се преселуваме на овие простори, поточно, на поранешната југословенска сцена, која во 80-те важеше за една од најдобрите на Стариот континент. И тука може да се најдат брилијантни графички решенија на албумите, а еве неколку од нив складирани во домашното чекмеџе.
По повод 40-годишнината од излегувањето, минатата година „Кроација рекордс“ го реиздаде ова единствено издание на култните Шарло акробата, чиј оригинал чини сто евриќа, ако не и повеќе. Насловната обвивка е прекрасна поради нејзината црно-бела едноставност. Фотографот Милан Вејвода заедно со Која, Милан и ВД се шеткале низ Белград и направиле фото сесии на неколку места, но оваа во основното училите каде седат на клупата свртени со грб кон нас, додека клинците пред нив заинтересирано ги гледаат, е навистина полн погодок, затоа што и тројцата белградски момци на некој начин, во тој момент, се’ уште биле клинци, ама возрасни. „Пазите на децу, деца пазе – на вас, на вас!“
За потребите на револуционерниот албум „Одбрана и последњи дани“ на Идоли, фотографката и дизајнерка Горанка Матиќ го посетила Народниот музеј на Србија во Белград и ја фотографирала ткаенината на иконата од Свети Никола. Еден детаљ од неа ја претставува обвивката на албумот насловен според забранетата новела на Борислав Пекиќ, на која за прв пат се користени кирилични букви, како оние од Мирославовото евангелие.
Претежно на кориците на албумите на рокенрол-иконите Партибрејкерс фигурира целата група, но на овој нивен осми албум од 2015 ги гледаме носителите на бендот, Цане и Антон, во една сосема природна ситуација: пејачот и текстописец е тука да вреска и да ја пренесе пораката до фановите, а гитаристот сето тоа смирено да го исканализира и да го претвори во незаборавна музика за шутка. Без старца нема ударца!
Даре ми ги потпиша сите четири плочи од Хаустор дента пред свирката во Скопје во 2014 година, и сега истите имаат поголема вредност 😉 Шега на страна, чудно е тоа што Рундек е артистичен тип (во 80-те спојува театар, глума, пантомима, музика…), а обвивките на албумите не му се нешто за паметење. Освен оваа, која ме потсетува на мојот омилен стрип херој Корто Малтезе. Атмосферата е ептен доловена, како во стриповите на Хуго Прат, и токму затоа ја издвоив во овој избор.
Овој екс-ЈУ блок го заокружуваме со прекрасната обвивка за албумот „Pozovi 93“ на панк-легендите КБО! од Крагуевац. Врска немам кој е автор на фотката, поточно, не ни сакав да истражувам, можеби некаде и постои податок, но тоа ви го оставам Вам. На мене ми е доволна едноставноста на овој момент, на кој детето си извршува физиолошка потреба на местото каде вообичаено тоа би требало да го прави неговиот миленик-Далматинец, и овој призор ми е толку панкерски, што го сметам за еден од најубавите моменти во музичката историја на овие простори.
Секако, нема да ја заборавиме и македонската музичка сцена. Издовив неколку обвивки кои сметам дека се одлични решенија, рамо до рамо со сето она што претходно е претставено, поради соодветноста на графичкиот дизајн со музиката која зрачи од винилите.
Што да се претстави на деби ЛП и тоа да стане незаборавно? На гости кај уметникот Златко Трајковски се редат многу идеи, но таа чучи тука, на ѕидот, и суптилно повикува. Интервенцијата на Хинки врз плакатот од култниот германски филм „Ние децата од станицата ЗОО“ снимен според истоимениот роман на Кристијане Ф. е дефинитивниот избор кој со сета своја сигнификативност одлично кореспондира со музиката на првенецот на Архангел од 1991 година. Обвивката со девојката во оргазмична екстаза, со ореол на светец над нејзината глава, се’ уште делува предизвикувачки. Просто, повикува плочата да ја ставиш на грамофонот и да ја слушаш безброј пати.
На почетокот од 90-те првенецот на Архангел и 12” ЕP на Анастасија беа двете плочи кои ги красеа домашните музички продавници. Едноставно, беа забележливи и неизбежни, и секако, НАШИ. Заслужен за визуелниот изглед на ова прво официјално издание на групата е Кирил Златанов, кој дизајнот го изработува на основа на цртеж од српскиот уметник Лазар Лечиќ.
Обвивката за албумот „Забранета планета“ на скопскиот бенд Бернајс пропаганда секако е една од позначајните на македонската музичка сцена поради храброста да се истакне бездомното улично Ромче со цигара на усните на албум во кој се разголуваат токму општествените, политичките и социјалните случувања во нашето трло. Фотографијата е на Николина Николовска, а дизајнот на Кристина Горовска.
Во 2015 година за прв пат се соочив со деби материјалот на Крсте Роџевски, концептуално спакуван под името „Батанија“. Плочата сосема случајно ме здогледа во една од скопските музички продавници. И ден-денес се прашувам, доколку скромната бабичка која со „Мона-Лиза-насмевка“ и слушалки на ушите не ме потсети на мојата покојна баба Мина, дали и колку ќе се заинтересирав за овој албум во тој момент, без никакви предзнаења, и со чуден наслов на кој не му го знаев значењето. Но, човек треба да ризикува, и за среќа, експериментот се покажа успешен.
И на крајот, за заокружување на оваа приказна во која уживав додека ја создавав (се надевам и Вие како читатели), морав да ставам и еден саундтрак. Најдоброто од музиката на легендарните Д Дорс на саундтракот за истоимениот филм на Оливер Стоун од 1991 година ме „прогонуваше“ во текот на средношколските денови, и заедно со „лимончето“ на Стоун роузис, беше една од највртените плочи на почетокот од 90-те. „Портокаловиот“ Вал Килмер кој одлично го „симна“ Џим Морисон е прекрасна обвивка која е прилично сугестивна и не можете туку-така да ја заборавите, особено кога страста ќе ја пламне бујната коса до небеса.