Историја на филмскиот жанр – ХОРОР
Приказните за вестернот, мјузиклот, научната фантастика, рокументарците и воениот филм се веќе зад нас, а следниот жанровски предизвик пред нас е хоророт. Можеби овој
жанр не остави значајни дела за паметење „на прва топка“ во филмската историја, но кога ќе се сумираат резултатите, секако дека неизбежна филмска лектира за сите вљубеници во седмата уметност претставуваат еден „Психо“ на Хичкок, „Егзорцист“ на Фридкин или „Сјаење“ на Кјубрик, да речеме. Но, одиме по ред
Враќајќи се далеку наназад, во 1910 година, Томас Едисон, пионерот на безброј основни принципи во кинематографијата, ја сними првата верзија на „Франкенштајн“ на големото платно, со Чарлс Огли во главната ролја. Првата, рана верзија на „Дракула“, пак, е снимена во Унгарија, но, и покрај овие обиди, за дефинитивен почеток на хоророт се смета движењето на германскиот експресионизам во филмот во дваесеттите години на
минатиот век, кога беа поставени темелите на она што денес го сметаме за жанр од кој ни се замрзнува крвта во вените. Облеан со сенки и контрасти, експресионистичкиот филм во својата филмографија вклучува едни од највпечатливите европски филмови од тоа време, како мистериозниот „Кабинетот на д-р Калигари“ (1919) на Фриц Ланг и ненадминатиот „Носферату“ (1922) на Фридрих Вилхелм Мурнау, во кои играше феноменалниот Конрад Вејд, кој, на некој начин, е и првата филмска хорорѕвезда воопшто.
Во САД, „човекот со илјада лица“, Лон Чејни, со своите перформанси во исто така култните остварувања „Грбавецот од Нотр Дам“ (1923), „Фантомот од операта“ (1925) и „Лондон по полноќ“ (1927), набргу стана „човек кој треба да го избегнете на улица“. Се работи за неколкуте заеднички соработки со режисерот Тод Браунинг, кој по смртта на Чејни, го вработи унгарскиот идол на многумина, Бела Лугоши, чијашто улога во „Дракула“ од 1930 година ги воодушеви сите. Успехот на овој филм го натера режисерот Џејмс Вејл да се надоврзе на приказната со екранизација на романот на Мери Шели, „Франкенштајн“, со што жанрот дефинитивно си доби своја популарност и, пред сè, автентична естетика, со која рамноправно влезе во историјата на филмот. Можеби најзаслужен за ваквиот статус, покрај Браунинг и Лугоши, е „актерот-чудовиште“ Борис Карлоф, кој освен „Франкенштајн“, во текот на следните 15 години, до крајот на Втората светска војна, сними стотици хорор-филмови, што ја одбележаа таа декада и пол преполна со стравови како во реалноста, така и на платното.
По нуклеарните бомби во Хирошима и Нагасаки, светот веќе не беше ист. Тоа го почувствуваа и филмаџиите,кои многу успешно го канализираа стравот преку различните приказни на целулоидната лента, секако, и добро заработувајќи од сето тоа. Во 50-те години водечка беше британската филмска продукција со серијалот „Експериментот Кватермас“ (1955). Во тој период со светска слава се стекна и режисерско-актерскиот тандем Теренс Фишер – Кристофер Ли, кои на публиката ѝ понудија неизбежна порција хорор преку филмовите „Проклетството на Франкенштајн“ (1956) и задолжителниот „Дракула“ (1958), овој пат во ново руво.
Во САД во оваа декада владееја авторите Семјуел З. Аркоф со смешните тинејџ-хорори, и култниот Роџер Корман, кој на возбудлив начин ги адаптираше приказните на писателот
Едгар Алан По, како „Падот на семејството Ашер“ (1960), на пример.
Во 1960 година, мајсторот Алфред Хичкок го сними ремек-делото „Психо“, во кој Ентони Перкинс брилира во улогата на сопственик на крајпатен мотел, во кој се случува највозбудливото убиство некогаш снимено, она под тушот, во копродукција со неговата мајка, која живее во мистериозната куќа на брдото. Или, таа беше дел од неговата подвоена личност??? Ха?!
Во оваа декада вредни за споменување се и обидите на полскиот режисер Роман Полански, чијшто „Одбивање“ (1968) исто така се смета за еден од вистинските репрезенти на хорор-жанрот, како и зомби-класиката „Ноќ на живите мртовци“ (1968), кој на светот му подари уште еден фанатичен хорор-режисер во името на Џорџ Ромеро.
Во седмата декада од минатиот век хорор-жанрот го живееше својот ренесансен период, во вистинска, уметничка смисла на зборот, пред сè благодарение на различните тематски правци и интереси на авторите. Овој период почна со ремек-делото „Егзорцист“ (1973) на режисерот Вилијам Фридкин. Ова контроверзно остварување, што честопати одеше „под нож“ кај цензорите, вознемири многумина со слаби срца поради веродостојноста во пристапот на раскажување на турбулентната приказна.
По него следуваше уште еден наслов снимен според вистинит настан, бруталниот „Тексашки масакр со моторна пила“ (1974) на Тоуб Хупер, кој пред неколку години доби и свој (многу лош) римејк. Еден од новата генерација холивудски режисери, Брајан де Палма, филмската кариера ја почна со експеримент токму во овој жанр, психички бомбардирајќи ја публиката со „Кери“ (1976), кралицата на матурската вечер, маестрално одиграна од Сиси Спејсек. Станува збор за адаптација на истоимениот роман на писателот Стивен Кинг, кој е алфа и омега во овој жанр, со најмногу екранизирани дела на филмското платно. Успешното хорор-десетлетие финишира со хорормајсторот Џон Карпентер и „Ноќ на вештерките“ (1978), кој потоа доживеа безброј (и повторно, како по правило: многу лоши) продолженија.
Осумдесеттите години почнаа со уште една успешна екранизација на легендарниот Стивен Кинг. По разните жанровски експерименти, на генијалниот режисер Стенли Кјубрик му дојде времето да сними и еден хорорфилм. Нормално, човекот посегна по едно од делата на мегауспешниот Стивен Кинг, „Сјаење“ (1980). Ова четиво, под водство на Кјубрик, на големото платно изгледа многу пострашно и претставува еден од оние три филма за кои вреди да се ризикува да се погледнат, и покрај можното слабо здравје.
Сепак, и покрај добриот старт, следните години донесоа безобразна комерцијализација на жанрот поради неконтролираното штанцање на веќе успешните формули, преку неколкуте продолженија на веќеспоменатиот „Ноќ на вештерките“, потоа „Ноќи во улицата на брестовите“ со новиот антихерој, Фреди Кругер, како и долгиот серијал насловен „Петок, 13-ти“, чиешто рециклирање траеше од 1980 до 1989 година. Единствено вреден за споменување во овој период е одличниот „Суштество“ на Џон Карпентер, кој докажа дека и со не толку голем буџет може да се направи хорор-блокбастер. Е, колку долго играше овој филм во нашите кина, од Вардар 1 и 2, преку Влае, Бутел се’ до Драчево, лудница 🙂
Во овој период се појавија неколку поинакви проекти што на хорор-жанрот достојно му го продолжија животот. Пред сè, мислам на канадскиот истражувач на сексуалниот и телесен хорор, докторот-режисер Дејвид Кроненберг, чиишто филмови истовремено и возбудуваат и вознемируваат, поставувајќи илјадници прашања за мистериозната човекова егзистенција на планетата Земја. Неизбежни се и филмовите на опасниот њујорчанец Ејбел Ферара, „Сврдел-убиецот“ (1987) и „Човекојадецот Ферокс“ (1988), кои постигнаа голем успех во видеоерата, доведувајќи го и канибализмот во собите на гледачите, а оваа филмска хорор-идила ќе ја заокружиме со најуспешниот британски хорор-проект на сите времиња, трилогијата „Господари на пеколот“, со којашто Клајв Баркер ни подари нови суштества од кои треба да се плашиме, Сенобитите.
„Дракула“ (1992) на Брам Стоукер и „Интервју со вампирот“ (1994) на Нил Џордан го вратија хоророт во квалитетните, мејнстрим води, каде што поетичната естетика дури на моменти и ги засенува основните начела на хорор-жанрот, но сето тоа придонесе за голема посетеност на кино-салите ширум светот.
Потоа сè отиде по ѓаволите со филмовите што хоророт го претворија во евтина-акциска-трилер забава, меѓу кои ќе ги споменеме „Врисок“ (1996), „Мимика“ (1998), „Реликвијата“ (1998) и „Факултетот“ (1998). Ваквиот тренд, за жал, продолжи и во новиот милениум, каде што сè уште не се најде херој кој ќе го ревитализира овој моќен жанр, вреден за широка и длабока опсервација.
И вишната на врвот од шлагот ја оставивме за крајот: за да ве заскокоткаме колку што можеме повеќе, нема ништо да појаснуваме и објаснуваме, туку само ќе напишеме: „Проект: Вештерката од Блервич“ (1999).