„Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов

Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно. На речиси ист или сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.
Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази Азбука и залутани записи (2010) за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза Меше на годината (2012), збирката раскази 091 – Антиразгледници од Скопје (2018), збирката сатирични текстови Хрониките на Арслан новинарски (2018) и мини книгата Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750 (2019). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.

ПРЕГРАТКА
Сабота, околу три часот наутро, пијан младич со ширум отворени раце трча во средната лента на булеварот „Партизански одреди“, некаде кај Универзалната сала. Неколку случајни минувачи се загрижени дека некој возач, исто така пијан, може да ја прекине оваа, како и сите идни негови прошетки. Не се плашам за него. Знам дека знае: во Скопје разминувањата болат повеќе и од ударите на автомобилите; а тој трча среде булеварот и го прегрнува целиот град.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *