„Четирите пердуви“ е адаптација на истоимениот роман на Мејсон, четиво што ја доживува петтата филмувана верзија на големото платно, по двата неми филма (1915 и 1928), верзијата на Золтан Корда од 1939-та и ТВ филмот од 1977 година. Напишана во 1902 година, приказната нуди универзална тема, во која се испреплетени воениот еп, романсата и англофилството, истакнувајќи ги, пред се’, индивидуалниот дух, љубовта и пријателството.
Читај повеќеАрхива за категоријата: Европски филм
Акција сместена во замислена одисеја
Една од најзначајните фигури на европскиот авторски филм во изминативе декади е Кшиштоф Кишловски, режисерот што во културно наследство ни ги остави фантастичниот „Декалог“ од неговата рана, полска фаза, и трилогијата „Три бои“ работена во Франција. Неговата прерана смрт во 1996 година, на 55-годишна возраст, го спречија и понатаму да ни ги раскажува своите прекрасни приказни на големиот екран. Едно од неговите последни сценарија, дел од новата (нереализирана) трилогија, која освен актуелниот „Рај“ требаше да ги содржи и Дантеовите „Пекол“ и „Чистилиште“, за жал, остана недовршено. Меѓутоа, неговиот добар пријател и долгогодишен соработник, сценаристот Кшиштоф Пишевич, седна и ја доврши креативата.
Читај повеќеЛесна летна забава
Летото е период кога кино-публиката се ориентира кон гледање хитчиња, па затоа стратегијата на филмските дистрибутери е едноставна: инсистирање исклучиво на акциони трилери, кои доминираат во овој период од годината. Еден од нив е и филмот „Укради и бегај“, кој всушност би било подобро да бил преведен како „Јавачи“, меѓутоа, користењето на најславното младешко мото на минатиот век, сепак, звучело поатрактивно и позаводливо. Исто така, еден од рекламните слогани за филмот гласи: „Од режисерот на филмот „Такси“, Жерар Пирес!“, што за многумина ќе претставува провокација да го гледаат филмот, кој, на крајот од краиштата, и не е толку лош, иако ликовите, приказната, монтажата и режијата се крајно типизирани.
Читај повеќеСуровите ноти на Холокаустот
Човекот кој во младите, бунтовни денови сними некои од најпрекрасните кратки и целовечерни европски филмови (Нож во вода, Кул де сак…), исполнети со цинизам, мрачна атмосфера и насилство, а подоцна своите квалитети и интереси ги докажа и во филмовите снимени преку океанот, гротеската „Розмариното бебе“ и филм-ноар класиката „Кинеска четврт“, конечно, со „Пијанистот“, го смири детето во себе. Роман Полански беше (и се’ уште е) контроверзна личност поради секс скандалите и убиството на неговата свршеница Шерон Тејт во 70-те, но и поради неговата декадентност на филмски план во годините потоа, кога луташе низ жанровите („Горчлива месечина“, „Деветтата порта“). Денес, во годините на потполна зрелост, тој го заокружува својот филмски век со (злобниците би рекле) филмско дело кое се занимава со исклучиво оскаровска тема – Холокаустот.
Читај повеќеКон филмот „Нора“ на Пет Марфи
Првиот наслов од новата филмска компанија на младите актери Јуен МекГрегор, Џони Ли Милер и Џад Ло, Natural Nylon, е филмот „Нора“. Базиран врз истоимената биографија на Бренда Медокс од 1988 година, за првите десет бурни години од животот на ексцентричниот ирски писател и неговата животна сопатничка Нора Барнакл, ова дело претставува еден краток исечок од 35-годишната романса меѓу двајцата страсни љубовници, нивното бегство од Даблин во Трст, нивните две деца и почетните потенцијали кои писателот треба понатаму да ги развие. Како и во случајот со Нил Џордан, кој долго време посакуваше да ја сними приказната за ирскиот херој Мајкл Колинс, така и режисерот Пет Марфи, по долго чекање, успеа да ја екранизира книгата којашто, според него, му ги отворила очите во врска со животот на неговиот омилен литерарен херој.
Читај повеќеКон филмот „Пола ИКС“ на Лео Каракс
Девет години по неговото маестрално остварување „Љубовниците од Понт-Неф“, францускиот контраверзен филмски естетичар Лео Каракс го сними „Пола ИКС“, според романот на Херман Мелвил, Pierre or The Ambiguilties. По три филма базирани врз оригинален материјал, режисерот се одлучи да загребе под површината на литературата, односно да го адаптира романот кој длабоко го одбележал неговиот адолесцентски период од животот. Меѓутоа, врската која ги одбележува сите негови досегашни остварувања, од „Boy meets Girl“ (1983), преку „Bad Blood“ па се’ до споменатиот „The Lovers…“ (1991), вклучувајќи го и актуелниот наслов, е темата која датира уште од антиката – инцестуозната љубов, или поблаго кажано, љубовта меѓу братот и „можната“ сестра.
Читај повеќеКон филмот „Меѓу твоите нозе“ на Мануел Гомез Переира
Шпанците го имаат наследено природното право да снимаат филмови за сексуалноста, притоа разголувајќи ги сопствените биполарни фрустрации наметнати од модерното општество. Тоа, особено во 90-те, се покажа како успешна формула во случајот со „розовиот“ Алмодовар, кој привремено ја заврши сопствената приказна во 1999 година со „Палма“ и „Оскар“ во рацете за филмот „Се’ за мојата мајка“. Токму во истата година на Берлиналето беше промовирано и новото остварување на режисерот Мануел Гомез Переира, „Entre las Piernas“.
Читај повеќеСаспенз до крај
Едно од најпријатните изненадувања што оваа филмска сезона дојдоа од Островот е деби насловот „Lock, stock and two smoking burrels“ на режисерот Гај Ричи. Ова е филм кој успешно ги избегнува замките на се’ позачестената дежа ву појава, зашто во текот на филмот на неколку пати ќе помислите дека ова веќе сте го виделе во некој друг филм, но дали е баш така?
Читај повеќеНишто повеќе од експеримент
Во последниве години британската кинематографија конечно застана на нозе и на светот му понуди филмови кои одлично се носеа со доминантната холивудска понуда. Во овој период настанаа дела како „Trainspotting“ и „Shallow grave“ (и обата во режија на Дени Бојл), потоа „Velvet goldmine“, „Acid house“ и други наслови, кои го земаа рокенролот (или пак актуелните музички трендови) како основна подлога на филмот, или пак како главен носител на филмското сиже („Кадифен рудник од злато“ е полуавтобиографски филм за Дејвид Боуви и за случувањата на британската музичка сцена во 70-те, додека „Есид куќа“ е посвета на клупската сцена од актуелните 90-ти). Музиката и филмот отсекогаш оделе во пакет, а тоа Британците (и не само тие) мудро го искористија за да предизвикаат интерес кај новата генерација филмски уметници, настрана од она што го прават/правеа островските ветерани како Питер Гринавеј, Мајк Ли и (починатиот) Дерек Џарман.
Читај повеќе