„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Илуминации
Филм, музика, книжевност, уметност… но и патувања, градови, колекционерство, спорт… Оваа рубрика е за убавиот дел од животот и разните фасцинации од него ;-)
Раскажувач на приказни и добар домаќин, тоа е Зоран. Жилав, мудар, со бистар поглед и малку исончан тен од мајското сонце. Од многуте наредени кајчиња крај вливот на Црн Дрим во Охридското езеро, само тој не наплаќа за најмладите, бидејќи тие се најдрагите гости на неговиот стамен чун, кој го управува веќе седма година по ред.
Во последниов период неколку пријатели и познаници се пофалија со прошетката до Кожле, покажувајќи фотки на кои се гледа дека местото е совршено за еднодневен излет надвор од градот. А тоа „надвор од градот“ всушност воопшто и не е далеку: Кожле се наоѓа на четириесетина километри од Скопје, поточно, на шест километри од Катланово, и навистина не претставува никаков напор да се дојде до него. Но, поради неговата очигледна популарност во последно време, кога на една раскрсница застанавме еден автомобил за да прашаме дали да продолжиме нагоре или надолу кон Кожле, возачот ни го покажа патот, но низ заби и со сериозен тон не’ замоли да не паркираме по малите сокачиња, за да не им го заградиме патот на мештаните или викенд-посетителите. Се заблагодаривме, и за кратко бевме на сред-село, секако, внимавајќи каде ќе го оставиме автомобилот.
Едно од најпријатните места за посета во Градот на светлината е музејот на славниот скулптор Огист Роден, сместен во самото срце на Париз. Неверојатно е каков мир во овој простор може да почувствува човек, знаејќи дека насекаде околу него се простира еден таков динамичен град преполн со туристи. Стигнувањето до музејот е многу едноставно, со линијата број 13 се симнувате на фреквентната метро станица „Varenne“, каде уште на самата платформа ве пречекуваат неколку скулптури од уметникот; потоа, со RER линија „Це“, или пак ако сакате на скопски начин, со автобус, со линиите број 69, 82, 87 и 92 низ задолжителното викање „мајсторе, задња“ на француски јазик 😉
Како дел од чествувањето на стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски, периодов во книжарниците е актуелно стрип изданието „Улица“ од Матеј Богдановски, работено според првата истоимена повест на писателот, и воопшто, во македонската повоена книжевност. Радува фактот што стрип културата кај нас во последниве десетина години граби напред со квалитетни изданија, а особено тоа што со „Улица“ почнуваат да се истражуваат и спојуваат и двете блиски уметности меѓу себе, книжевноста и стрипот.
Недалеку од Стариот град во Прага, на 10-тина минути одење од Карловиот мост, се наоѓа симпатичниот музеј посветен на драгоцената златна течност, кој, всушност, е еден од многуте музеи посветени на пивото кои можете да ги посетите не само во главниот град на Чешка, туку и низ целата држава. Едноставно, еден од првите синоними поврзани со оваа централноевропска земја секогаш е квалитетното пиво, надалеку познато низ целиот свет.
Една од најпријатните и најрелаксирани планинарски патеки која е близу до Скопје, а не бара особено напрегање, туку е наменета за рекреативци, е онаа до манастирот Свети Никола Шишевски од десниот брег над реката Треска и вештачкото езеро Матка. Пред две декади до овој манастир се стигнуваше влегувајќи во дворот на хидроцентралата, патем ѕирнувајќи во големите базени преполни со риби, па одејќи долж браната до карпата, каде имаше скалила, се качувате по нив и набргу стигнувате до првата чешма од која нагоре продолжуваше патеката до крајната дестинација. Но откако влезот во дворот на хидроцентралата веќе не е доволен, освен за туристичка посета на музејот, до шишевскиот манастир може да се стигне на три начини: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица вo Долна Матка (половина час пешачење), од езерото Матка, откако со чамец ќе ве префрлат на другата страна на брегот (дваесетина минути), како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути). Ние, секако, го избравме првиот.
Со серијалот „Стари концертни билети“ во пет продолженија, во изминатиот период се потсетивме на некои убави времиња кога одењето на свирки беше нормална работа. Овој пат еуфоријата околу пласманот на Европското првенство на нашата фудбалска репрезентација наложи повторно да ги отворам архивите, и низ сочуваните билети од фудбалските натпревари, да направам една мала реминисценција на патот на нашите репрезентативци до фамозниот шампионат на Стариот континент следната година.
„Чуден начин на додавање, силно и никому.“ Звонко Михајловски, спортски коментатор
Времето е облачно, со овде-онде понекој сончев зрак. Рана пролет, 13 април 1983 година. Градскиот стадион во Скопје е подготвен да ги прими сите љубители на фудбалот, кои дојдоа да го проследат натпреварот од 24 коло на Првата југословенска фудбалска лига помеѓу Вардар и Осиек. Иако навивавме за белградски Партизан, го сакавме и го поддржувавме и Вардар како наш, локален клуб, кој таа година, според дотогашниот развој на настаните, гледаше да заврши таму некаде, на средината од табелата, без амбиции за европските купови, но и без страв од испаѓање, бидејќи од претходната година на повидок беше една нова, интересна генерација, која во комбинација со „старите волци“, не би требало да има проблем со послабите од себе. А со подобрите, оние од големата четворка: Црвена звезда, Динамо, Хајдук, Партизан? Па, во Скопје секогаш беа можни изненадувања. Ќе видиме.
Пред пар години имав еден кибрит со ликот на Франц Кафка од музејот во Прага посветен нему. Можеби не е соодветен сувенир знаејќи дека омилениот ми писател починал од туберкулоза, но кибритот ептен ми значеше и постојано го полнев со нови чкорчиња, а кутијата издржа прилично долго пред да се изаби. Во тој период Марта (Владимир Мартиновски) кога ќе поминеше во ИЛИ-ИЛИ, редовно палевме цигари со кибритот, и раскажувавме приказни поврзани со ликот и делото на Кафка. Инаку, Марта е „спортски“ пушач, пали само во друштво. Имам другар што пали само на концерти, но тоа е друга приказна
Месецот октомври вообичаено е време кога на легендарниот скопски Хиподром се одржува Меѓународниот коњички турнир во прескокнување на пречки, кој оваа година, за жал, ќе мора да биде прескокнат како настан. Просторот во кој како деца редовно одевме на училишни екскурзии и си замислувавме како расните коњи се тркаат и ги прескокнуваат препреките, за љубителите на овој спорт со години наназад приредува вистинско задоволство.