„Казабланка“ на кинески начин

Режисерот кој на најдобар можен начин ја интернационализира кинеско-тајванската кинематографија, Анг Ли, со филмот „Страст, внимание“ како да ја сними својата верзија на „Казабланка“, притоа постигнувајќи полн погодок. По прекрасните остварувања од 90-те години, меѓу кои се издвојуваат наградуваниот „Свадбена прослава“ и забавниот „Јади-пиј, маж-жена“, и по поставувањето на основите на новиот жанр, во кој главните протагонисти покрај тоа што одлично ги практикуваат боречките вештини, без проблеми и летаат („Притаен тигар, скриен змеј“), Ли замина на печалба во Холивуд, кадешто по неколку (условно) промашувања, ги чепна срцата на многумина со хомодрамата „Скршенгрб планина“, која му го донесе Оскарот. И кога еден автор толку бргу ќе стигне до врвот, веројатно му треба мала оддишка, што на некој начин и претставува актуелниот филм „Страст, внимание“, со сета негова романтичност и грандиозна раскошност.

Секако, овие суперлативи не треба да ве залажат дека Ли снимил „лимонада“ филм. Напротив. Повеќеслојното дејство во оваа еротска трилер-драма е сместено во 40-те години на минатиот век во Шангај, кој се наоѓа под јапонска окупација, а сето она што се случувало на улиците на овој Велеград пред шеесет и кусур години, Ли заедно со филмската екипа на чело со фантастичниот кинематографер Родриго Прието го доловуваат до перфекција, вклучувајќи ги специфичната костимографија, општествениот живот, положбата на жената во кинеското општество, одењето во кино на американски филмови, постојаното играње на махјонг (игра со коцки)… Ова се дел од елементите кои ги воодушевија членовите на жирито на годинашниот „Браќа Манаки“ во Битола, кои на Прието заслужено му ја доделија главната награда „Златна камера 300“ во жестока конкуренција, како убаво надоврување на „Златниот лав“ добиен минатата година во Венеција.

И покрј поширокиот контекст во кој се одигрува приказната, нејзин централен момент е врската помеѓу младата кинеска студентка Вонг Чиа Чи со моќниот г-дин Је, со цел да се ликвидира еден непријателски јапонски политичар. Во почетокот тоа претставва наивна игра за бунтовните студенти, за потоа, кога вистинската страст ќе стапи на сцената, дејството да навлезе во прилично опасна зона. Мајсторот Ли низ сето тоа не’ води низ комбинација од улоги за театар и за вистинскиот живот, нешто што главната хероина мора да го одигра најдобро што знае. Ваквата успешно реализирана замисла го прави „Страст, внимание“ поинаков филм, со директна порака до консументите, во која самиот наслов кажува се’.

На крајот, искрено се надевам дека следната година Родриго Прието ќе дојде на фестивалот во Битола за лично да ја прими наградата, несебично споделувајќи ги искуствата со нас за снимањето на ова мало ремек-дело. А зошто со него, рака под рака, да не дојде и Анг Ли?

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 14 октомври 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *