Таг архива: берлинале

Лауреати на јубилејното Берлинале 2020

70-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, традиционално првиот А-фестивал во годината, кој овој пат почна нешто подоцна, на 20 февруари, заврши синоќа во срцето на Европа. Но, исто така традиционално, на Берлиналето наградите секогаш се доделуваат во претпоследната фестивалска вечер, односно, в сабота, на гала свеченост на која се сумираат резултатите од актуелното издание, кое, според медиумите, годинава беше без грешка, со многу филмска возбуда и остварувања за кои ќе се зборува, пишува и анализира во следниот период. За среќа, модерните технологии и нивните супер моќи ни овозможуваат и кога не сме на фестивалот, да можеме во живо да ги проследиме речиси сите конференции за новинарите што се случуваат таму, и така да добиеме комплетен впечаток за филмовите во официјалната конкуренција, но и во останатите селекции, како и за тоа кон каде се движи филмската уметност, особено доколку знаеме дека Берлиналето отсекогаш се сметал за авангарден фестивал кој открива нови тенденции и кој не се плаши во своја прегратка да ги прими оние  филмски автори со нов, свеж поглед кон седмата уметност.

Читај повеќе

Берлинале 2020

Месецот февруари отсекогаш бил резервиран за одржувањето на првиот европски „А“ фестивал, легендарното „Берлинале“, кое годинава слави прекрасен јубилеј, 70 години од постоењето. И за се’ да биде во знакот на ексклузивното и прогресивното, фестивалот стартува нова страница од својата историја со две новини: првата е поместувањето на датумот на одржување од традиционалната втора недела – кон крајот од месецот (годинава од 20 февруари до 01 март, што делумно се должи и на раното одржување на Оскарите), но она што е поважно, фестивалот доби свежи сили во бордот по долгогодишното „владеење“ на г-нот Дитер Козлик, кој лани и официјално ја напушти функцијата на директор на Берлинскиот фестивал. Карло Шатриан е новиот уметнички директор на Берлиналето, велат, одличен познавач на филмската историја, со долгогодишно искуство на влијателниот филмски фестивал во Локарно, додека Мариет Рајзенбек е новата менаџерка која ќе се обиде да го крене фестивалот на повисоко ниво од досегашното. Да им посакаме успех!

Читај повеќе