Таг архива: Скопје

Скопје на поштенски марки

По повод 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, Македонски пошти, како што вообичаено се прави по повод вакви значајни јубилеи, ја промовираше новата поштенска марка. На неа е претставен споменикот „Ослободители на Скопје“ од 1955 година на вајарот Иван Мирковиќ, кој, интересно, е направен од бронзата на спомениците кои гордо стоеле покрај Камениот мост за време на СХС, а кои, откако биле симнати, долго време стоеле во магацин во Даут пашиниот амам, за на крај да ја најдат својата соодветна примена во новата скулптура која и ден-денес е поставена во дворот на владината зграда (голема благодарност за овие информации до писателот Благоја Иванов).

Во ИЛИ-ИЛИ од минатата година ја имаме книгата „Скопје на поштенски марки“ на авторите Климе Поповски и Виктор Габер. Со поднаслов „Историја и мотиви“, страсните филателисти на едно место ни го претставуваат главниот град низ поштенски марки, чија презентација е проследена со соодветни текстови, како мал историјат на Скопје низ децениите наназад, и еден поинаков увид во културно-историските збиднувања на овие простори во текот на 20 век. Двојазичната книга (македонски и англиски) минатата година ја доби наградата „Голем позлатен медал 2018“ на филателистичката изложба во Верона, Италија, како доказ за нејзината вредност и значење.

Читај повеќе

75 години Слободно Скопје

Одејќи преку Камениот мост од плоштадот кон чаршијата, од неговата десна страна долу, крај кејот на Вардар, се наоѓа еден не толку забележлив, но всушност многу значаен и впечатлив споменик. Иако графитот во подножјето од мостот е 16 ноември, сепак, споменикот е посветен на значајниот датум 13 ноември, денот кога беа поставени темелите на слободно Скопје.

Читај повеќе

Кон „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија

Како и во многу наврати во блиското ни минато, и премиерата на филмот “Ослободување на Скопје” беше долго најавувана вест, за конечно (светската) да се случи летово на легендарниот филмски фестивал во Пула, а македонската на стандардното место, на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола. Судбината на скопската кино-премиера пак, ја одложија неочекуваните тектонски поместувања на плочата под нашево Скопје, на што не беше имун кровот на киното “Милениум”. Во меѓувреме филмот беше прикажан и во Сараево и Финска, за конечно, на 1 октомври , да дојде до пошироката македонска кино публика.

Читај повеќе

Кон „Скопје ремикс“ (2012)

Во далечната 1993 година тогашните ФДУ-пулени Дарко Митревски, Александар Поповски и Срѓан Јаниќијевиќ добија прекрасна шанса да го снимат своето филмско деби во рамките на тазе независна Македонија. „Светло сиво“ беше прв експериментален проект од таков вид во домашната кинематографија, омнибус составен од три кратки филмови, секој од нив прикажувајќи го посебниот сензибилитет на потпишаниот автор. Речиси дваесет години подоцна сме сведоци на сличен проект, но сепак далеку покомплексен од претходникот, бидејќи „Скопје ремикс“ е омнибус составен од девет приказни, десет режисери, и она најспецифичното и најсублиминалното, сите тие раскажуваат стории за еден единствен град – Скопје.

Читај повеќе

Интервју со екипата на омнибусот „СКОПЈЕ РЕМИКС“

Првата македонска премиера во 2012 година се случи пролетта, симболично најавувајќи младешки филмски ветришта и во македонскиот филм. Имено, „Скопје ремикс“ (почетно „Д Скопје“) е филм што на едно место собра сè што е квалитетно и просперитетно во домашната филмска уметност, давајќи им можност на многу имиња кои, ако веќе немаат свој прв целовечерен филм, тогаш барем со еден свој краток проект да бидат дел од едно македонско целовечерно остварување. Филмот се снимаше долго, и околу него кружеа многу приказни, кои одеа дотаму дека поради идејно разидување, многумина од авторите, во моменти на нетолеранција, посегнувале по не баш популарни мерки за смирување на страстите (дипломатски кажано). Но, на крајот излезе еден симпатичен продукт што „Филмополис“ сесрдно го поддржа, бидејќи сметавме дека ваквите проекти се реткост, се случуваат генерациски еднаш и којзнае кога потоа, и затоа, и покрај сите слабости за кои се свесни и самите автори, безрезервно треба да се поддржат. На премиерата во киното „Милениум“ имав среќа (и време) паралелно да интервјуирам седум од десетте автори, во следната емисија гостин во студиото ми беше Вардан Тозија по повод неговиот филм „Свиркачот“ што најмногу ми се допадна, а со Ѓорче Ставревски и Синиша Евтимов едноставно се разминавме. Но, Евтимов и онака многу повеќе е театарски отколку филмски режисер, додека во „Филмополис“ број 277 бевме на снимањето на делот што Ставревски го снимаше кај Градска болница, со Ангелов како скитник кој бара отпушок повеќе пред зградата. На крајот, ми се чини дека со прилогот ја доловивме целосната слика за овој проект-манифест на филмаџиите што (ќе) ја сочинуваат иднината на македонската кинематографија.

Читај повеќе