Ја ситниме 2025-тата, време е за мала рекапитулација на нештата. Оваа година е во знакот на бројот 3 (три):
– три книги (прва стихозбирка, четврта со филмска есеистика и реиздание на првите три книги);
– три филмски фестивали (2nd Abbas Kiarostami – Berlin, 4th Across the lake – Dojran, 43. Torino film festival)

На 5 ноември излезе мојата прва стихозбирка едноставно насловена „Ноември“. Се радувам што дел од мојот книжевен опус стана и една поетска книга, а се шегувам дека ете, и јас станав поет, и тоа на 50+.

Комплетниот текст објавен како поговор во стихозбирката може да се прочита на следниот линк:
Прва објавена книга оваа година беше четвртата есеистичка книга за седмата уметност, овој пат насловена „Филмско око“. Таа излезе во април и за неа, како и за нејзините претходнички, има солиден интерес меѓу филмофилите.

Она што „Филмско око“ содржински го носи, од предговорот кон изданието на следниот линк:
Во очи на мајскиот Саем на книга во Скопје, излезе и трилогијата „Кротко-крајпатни синтези“, во која на едно место ги собрав моите први три прозни дела. Многу му се радувам на ова издание, за кое читателите исто така изразија задоволство што (повторно) се во можност да прочитаат нешто што веќе одамна го немаше во книжарниците.

За мотивите за реобјавувањето на збирката раскази и првите два романа на едно место, од поговорот кон книгата на следниот линк:
Од книгите се префрламе на учествата на филмските фестивали. Првото е не како дел од жири, туку како филмаџија. Да, да, успеав да скрпам едно симпатично 10-минутно филмче посветено на Абас Кјаростами, и со него да влезам во официјалната селекција на младиот филмски фестивал во Берлин, посветен на славниот ирански режисер во Берлин.


Присуството таму беше вистинско задоволство, особено поради добрата организација и одличните филмови. Му посакувам на драгиот Хамед Солејманзадех и во следните години да има успешни фестивалски случувања.
Четвртото издание на медитеранскиот филмски фестивал во Дојран донесе интересна селекција на филмови и летна сиеста крај езерото кое, за жал, не е во полн сјај како во минатото. Но затоа се тука културните настани од ваков тип за повторно да го воскреснат и да го донесат ова место на потребното ниво.


Во балканското жири бевме едногласни во однос на одлуката за фестивалскиот победник, кој сите пријатно не’ изненади. Повеќе на следниот линк:
И на крајот од ова блиц патување низ интересната и плодна 2025 година, незаборавното учество во ФИПРЕСЦИ жирито на 43-тото издание на Филмскиот фестивал во Торино, каде имав можност да се дружам со еден куп филмски ѕвезди.


Покрај посетатата на филмскиот музеј во „Антонелијана“ и еден куп други активности за кои пишував тука, особено ме израдува тоа што победничкиот филм од Перу ми ја врати вербата во филмската уметност.
Драги пријатели и читатели, Ви посакувам среќни Новогодишни и Божиќни празници! Се гледаме во ИЛИ-ИЛИ да наздравиме, со желби за поубава 2026 годинa. Cheerz ![]()
