Во далечната 1993 година тогашните ФДУ-пулени Дарко Митревски, Александар Поповски и Срѓан Јаниќијевиќ добија прекрасна шанса да го снимат своето филмско деби во рамките на тазе независна Македонија. „Светло сиво“ беше прв експериментален проект од таков вид во домашната кинематографија, омнибус составен од три кратки филмови, секој од нив прикажувајќи го посебниот сензибилитет на потпишаниот автор. Речиси дваесет години подоцна сме сведоци на сличен проект, но сепак далеку покомплексен од претходникот, бидејќи „Скопје ремикс“ е омнибус составен од девет приказни, десет режисери, и она најспецифичното и најсублиминалното, сите тие раскажуваат стории за еден единствен град – Скопје.
Авторска архива: Игор Анѓелков
„Скопје ремикс“ во „Филмополис“ 388
Премиерата на омнибусот посветен на Скопје во 388 издание на магазинот.
Читај повеќеИнтервју со екипата на омнибусот „СКОПЈЕ РЕМИКС“
Првата македонска премиера во 2012 година се случи пролетта, симболично најавувајќи младешки филмски ветришта и во македонскиот филм. Имено, „Скопје ремикс“ (почетно „Д Скопје“) е филм што на едно место собра сè што е квалитетно и просперитетно во домашната филмска уметност, давајќи им можност на многу имиња кои, ако веќе немаат свој прв целовечерен филм, тогаш барем со еден свој краток проект да бидат дел од едно македонско целовечерно остварување. Филмот се снимаше долго, и околу него кружеа многу приказни, кои одеа дотаму дека поради идејно разидување, многумина од авторите, во моменти на нетолеранција, посегнувале по не баш популарни мерки за смирување на страстите (дипломатски кажано). Но, на крајот излезе еден симпатичен продукт што „Филмополис“ сесрдно го поддржа, бидејќи сметавме дека ваквите проекти се реткост, се случуваат генерациски еднаш и којзнае кога потоа, и затоа, и покрај сите слабости за кои се свесни и самите автори, безрезервно треба да се поддржат. На премиерата во киното „Милениум“ имав среќа (и време) паралелно да интервјуирам седум од десетте автори, во следната емисија гостин во студиото ми беше Вардан Тозија по повод неговиот филм „Свиркачот“ што најмногу ми се допадна, а со Ѓорче Ставревски и Синиша Евтимов едноставно се разминавме. Но, Евтимов и онака многу повеќе е театарски отколку филмски режисер, додека во „Филмополис“ број 277 бевме на снимањето на делот што Ставревски го снимаше кај Градска болница, со Ангелов како скитник кој бара отпушок повеќе пред зградата. На крајот, ми се чини дека со прилогот ја доловивме целосната слика за овој проект-манифест на филмаџиите што (ќе) ја сочинуваат иднината на македонската кинематографија.
Актерка со светла иднина
Интервју со Наташа Петровиќ, актерка
Со дебитантската главна улога во ирско-македонската копродукција “Како да ме нема” на режисерката Хуанита Вилсон, таа окажа дека е една од најталентираните актерки на нејзината генерација. Впрочем, толку рано да се влезе меѓу десетте најнадежни европски актер(к)и и не е мала работа. Во меѓувреме, до следниот филмски предизвик, таа го живее, учи и впива театарот во симпатичниот проект “Театра”. Дами и господа, запознајте ја одблиску Наташа Петровиќ Читај повеќе
Стефан Сидовски во „Филмополис“ 380
Со голема чест и задоволство го најавувам гостувањето на мајсторот на непрофесионалниот филм, кој, интересно, по долги години зад камерата, го сними својот прв професионален филм. Покрај Сидо, гостин во магазинот е и продуцентот на „Образ“ Александар Зиков.
Санденс 2011 во „Филмополис“ 379
Стартуваме со номинациите за Оскар, а потоа комплетно се посветуваме на актуелното издание на најзначајниот фестивал на независни филмови во светот, Санденс во Парк сити, Јута.
Читај повеќеЏузепе Торнаторе: Носталгијата како движечка сила
Малкумина режисери можат да се пофалат со идеална филмографија во која секој наслов е навистина посебен. Еден меѓу нив дефинитивно е италијанскиот автор Џузепе Торнаторе, кој, според критичарите и филмофилите, нема промашување во својата кариера. Тоа пред се’ се должи на големата доза на носталгија која се провлекува во неговите остварувања, но навистина треба да си мајстор сите тие чувства суптилно да ги дозираш и на крајот да излезеш како победник. Затоа, во следните редови фрламе поглед врз био-филмографијата на еден од најчесто споменуваните и најгледани италијански филмски автори во последниве 20 години – мајсторот Торнаторе!
Читај повеќе„Трето полувреме“ во „Филмополис“ 363
Бевме на снимањето во конаците во Бардовци на новиот филм на Дарко Митревски.
Читај повеќеИнтервју со режисерот Владимир Блажевски, „ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ“
„Во една здодевна врнежлива вечер ја посетивме екипата на филмот ‘Панкот не е мртов’, која во фабриката ‘Треска’ имаше тешки услови за работа. Но ентузијазмот беше на ниво, особено кај авторот на филмот Владимир Блажевски, кој дури по 17-годишна пауза влегува во реализација на нов целовечерен проект.“ Ова беа воведните зборови во прилогот што одеше во „Филмополис“ број 272, кога со авторот и екипата на филмот зборувавме за предизвиците што ги носи филмот кој тие денови го снимаа, за мали пари, но со многу љубов. Меѓу другото, тогаш Блажевски ни кажа дека сценариото е готово веќе 4 години, по што во игра влегле 4-5 копродуценти, но откако можноста за соработка пропаднала, останал само доделениот буџет од Филмскиот фонд, што е многу малку и за домашни услови. Блажевски призна и дека музички панкот не му е близок, но дека ги препознава пораките што тој ги прокламира и токму тој дел од приказната бил провокативен за пишувањето на сценариото. Констатираше дека транзицијата во Македонија си го стори своето и дека на некој начин и ние овде со години живееме панкерски. Сепак, тој ќе се обиде филмот да кореспондира со поширокиот дел од публиката. И успеа во тоа. „Панкот не е мртов“ е еден од најнаградуваните македонски филмови, кој успеа, поради својата универзална мака за која раскажува, да биде препознаен од публиката и критичарите каде и да се прикажа. Инаку, премиерата на филмот се случи на отворањето на 14. издание на Скопскиот филмски фестивал. „Филмот е радикално и луто скопски, и затоа е природно премиерата да се случи токму на новото издание на СФФ“, заклучи Блажевски на пресот. Во кината низ Македонија се прикажуваше од 15 април. Интервју со Блажевски го направивме за стартот од новата сезона на „Филмополис“, по летната пауза и успехот на филмот на неколку фестивали на кои учествуваше, што навистина беше прекрасен повод за разговор. Читај повеќе
Разговор со екипата на „ОВА НЕ Е АМЕРИКАНСКИ ФИЛМ“
Во „Филмополис“ број 273 направивме прилог за снимањето на новото македонско остварување „Ова не е американски филм“, чија мобилност на екипата во тие денови се забележуваше на разни локации низ главниот град. Нам ни дозволија да ги снимаме на покривот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде што се одвиваше една гангстерска филмска сцена, во чија реализација беше вклучен поголемиот дел од актерскиот ансамбл. На покривот, со скопското сонце над нас, позборувавме со истите протагонисти како и при подоцнежната премиера на филмот, па затоа одлуката падна да го претставиме интервјуто со екипата на веќе гледан филм, по кинопремиерата во „Милениум“, за разлика од зафркантските изјави за време на снимањето, кога многу работи во однос на филмот сè уште беа отворени и лебдеа во воздухот. Но, забележав и за време на тоа снимање дека работата некако лабаво делува, како да се снима телевизиска драма, а не игран филм. Токму тоа ќе се забележи и во крајниот производ. Но, да не должиме многу, следува интегралниот текст од најавениот прилог, вклучувајќи ги, секако, и изјавите на продуцентот, режисерот, „несудениот“ сценарист и актерите во филмот.