„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Филм
Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.
Приказните за вестернот, мјузиклот, научната фантастика, рокументарците и воениот филм се веќе зад нас, а следниот жанровски предизвик пред нас е хоророт. Можеби овој
жанр не остави значајни дела за паметење „на прва топка“ во филмската историја, но кога ќе се сумираат резултатите, секако дека неизбежна филмска лектира за сите вљубеници во седмата уметност претставуваат еден „Психо“ на Хичкок, „Егзорцист“ на Фридкин или „Сјаење“ на Кјубрик, да речеме. Но, одиме по ред
Со приказната за најкомплексниот меѓу филмските жанрови, трилерот, го продолжуваме нашето филмско-текстуално патување. Се работи за главните жанровски одредници во филмската историја, чијашто моќ во претходните сто и кусур години регрутираше армија од обожавачи на седмата уметност, според многумина, сè уште најсилниот медиум што постоел досега. Во последната епизода следи – хорор жанрот. Останете вклучени 😉
Деновиве се има повеќе време да се прочита и да се погледне сето она што во изминатиот период било на stand by, па така му дојде редот и на „Бунтовник во ‘ржта“, кој веќе подолг период „плачеше“ да биде ѕирнат. Филмот кој својата премеира ја имаше на „Санденс“ фестивалот пред три години одамна сакав да го гледам и анализирам затоа што претставува биографска сторија за мојата книжевна љубов од младешките денови, Џером Д. Селинџер. Животот на иконата на американската литература во 20 век и ден-денес претставува своевидна мистерија за многумина, па затоа предизвикот беше уште поголем, иако филмовите не секогаш длабоко навлегуваат во интимата на личностите со кои се занимаваат. Но, во случајов, за среќа, воопшто не е така, напротив.
70-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, традиционално првиот А-фестивал во годината, кој овој пат почна нешто подоцна, на 20 февруари, заврши синоќа во срцето на Европа. Но, исто така традиционално, на Берлиналето наградите секогаш се доделуваат во претпоследната фестивалска вечер, односно, в сабота, на гала свеченост на која се сумираат резултатите од актуелното издание, кое, според медиумите, годинава беше без грешка, со многу филмска возбуда и остварувања за кои ќе се зборува, пишува и анализира во следниот период. За среќа, модерните технологии и нивните супер моќи ни овозможуваат и кога не сме на фестивалот, да можеме во живо да ги проследиме речиси сите конференции за новинарите што се случуваат таму, и така да добиеме комплетен впечаток за филмовите во официјалната конкуренција, но и во останатите селекции, како и за тоа кон каде се движи филмската уметност, особено доколку знаеме дека Берлиналето отсекогаш се сметал за авангарден фестивал кој открива нови тенденции и кој не се плаши во своја прегратка да ги прими оние филмски автори со нов, свеж поглед кон седмата уметност.
Минатата недела во кафулето „Котур“ се случија пар проекции на документарниот филм „Туста“, а јас ја избрав онаа помирната, без свирка на „Тотално опуштање“ по прикажувањето на филмот како придружна содржина. Филмот кој својата светска премиера ја доживеа на минатогодишниот фестивал во Мотовун, и кој, откако го пропуштив на „Синедејс“, а потоа и во Кинотеката, каде македонските ко-продуценти Владимир Стојчевски и Горан Стојиљковиќ во декември организираа промотивна вечер исто така со свирка потоа, отидов со задоволство да го изгледам во срцето на градот заедно со уште седуммина почитувачи на ликот и делото на КУД Идиоти во таа пријатна скопска четврточна вечер, уживајќи во 100-минутната приказна преку која авторот Андреј Коровљев ни ја раскажа сторијата за легендарниот панк бенд од Пула, секако,со фокус врз Туста, „балканскиот Џо Страмер и Че Гевара“, вокалистот и фронтменот на култниот истарски бенд.
Месецот февруари отсекогаш бил резервиран за одржувањето на првиот европски „А“ фестивал, легендарното „Берлинале“, кое годинава слави прекрасен јубилеј, 70 години од постоењето. И за се’ да биде во знакот на ексклузивното и прогресивното, фестивалот стартува нова страница од својата историја со две новини: првата е поместувањето на датумот на одржување од традиционалната втора недела – кон крајот од месецот (годинава од 20 февруари до 01 март, што делумно се должи и на раното одржување на Оскарите), но она што е поважно, фестивалот доби свежи сили во бордот по долгогодишното „владеење“ на г-нот Дитер Козлик, кој лани и официјално ја напушти функцијата на директор на Берлинскиот фестивал. Карло Шатриан е новиот уметнички директор на Берлиналето, велат, одличен познавач на филмската историја, со долгогодишно искуство на влијателниот филмски фестивал во Локарно, додека Мариет Рајзенбек е новата менаџерка која ќе се обиде да го крене фестивалот на повисоко ниво од досегашното. Да им посакаме успех!
На неодамна завршеното издание на „Санденс“, најзначајниот фестивал на независни филмови во светот, оформен и воден од легендарниот Роберт Редфорд, според написите во медиумите, се случија многу работи вредни за забележување. Оваа година „Санденс“ урна неколку рекорди, од разновидноста на понудената програма до продажбата на филмските остварувања, но она што најмногу ги радува организаторите е дека од година во година квалитетот на понудените остварувања е над квантитетот на аплицирани филмови (годинава над 15 илјади наслови). Меѓу нив предничат квалитетните документарни филмови, новите гласови со своја, автентична филмска естетика, но и новите остварувања од веќе докажани автори кои своите први чекори ги направиле токму тука, на фестивалот во Јута.
Жанрот „Рокументарец“ на наједноставен начин кажува дека се работи за документарен филм за рок музиката и за нејзините претставници. Терминот прв го употребил Бил Дрејк во 1969 година во радиоемисијата „Историја на рокенролот“, а подоцна и режисерот Роб
Рајнер во филмот „This is spinal tap“ (1984)
Бидејќи веќе еден месец сме влезени во 2020-та, годината со убаво, симболично значење, некако се чинеше прикладно нуркањето во филмската историја токму во годините со кои започнувала новата декада, бидејќи сензибилитет на филмовите снимени токму во таа, „нулта“ година, како да го навестуваале она што следи во годините потоа. Секако, изборот е субјективен и можеше да биде сосема поинаков, но овие наслови се чини дека се познати и препознатливи и кај пошироката публика вљубеници во подвижните слики
Серијалот текстови за историјата на филмскиот жанр започна со „најфилмскиот“ жанр воопшто, вестернот, а продолжи со поглед врз најзначајните остварувања во научната фантастика и воениот филм. Овој пат приказната ја продолжуваме со, според многумина, најромантичниот филмски жанр, мјузиклот