Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

За „Медена земја“ во „24 Анализа“

За успехот на „Медена земја“ (Honeyland), Оскарите и филмската индустрија, со Мони Дамевски и Марина Костова кај Мишко Иванов во „24 Анализа“, со интро-интервју со прекрасната Атиџе Муратова.

Биографски белешки за уметноста, сексот и лудилото

Животот на славните сликари на филмското платно

Филмскиот и сликарскиот занает, колку и да се различни, сепак факт е дека клучниот момент и кај обете уметности е визуелноста. Оваа спојувачка нишка многу години лебдела во воздухот, сè додека филмаџиите не се досетиле дека токму седмата уметност е идеален медиум за транспонирање на „таинствениот“ живот на славните сликари на големото платно  

Читај повеќе

Апокалипса… вчера, денес и утре!!!

Историја на филмскиот жанр – ВОЕН ФИЛМ

По „разголувањето“ на вестернот и научната фантастика, некако природно се наметна
серијалот да го продолжиме со жанрот што во изминатите декади остави десетици влијателни наслови што ја испишаа филмската историја. Дами и господа, добре
дојдовте во приказната за воениот жанр

Војната, како разорувачка машинерија на сите човекови материјални и интелектуални ресурси, е како создадена за широка опсервација на големото платно. Крв, солзи, драма, заплет, расплет и уште многу други елементи се идеални за сценаристите и режисерите да расплачат, или да разгневат, милиони гледачи ширум светот, постигнувајќи ја основната цел: голема гледаност и, пред сè,исплатливост на проектот. Меѓутоа, филмските дејци од почетокот на филмската историја, при преминот од 19 во 20 век, сè уште немале ниту технички можности, ниту јасна визија дека толку чувствителната тема може да ги зголеми апетитите на публиката за масовно посетување на кината.

Читај повеќе

На крилјата на славата

Кон „КРИЛЈА“ на Вилијам Велман, првиот оскаровец во историјата

Во далечната 1927 година, Американската филмска академија почна со доделување на златната статуетка, што на многу нивоа го измени поимањето за седмата уметност. Добитниците на чичко „Оскар“ автоматски добиваат многу бенефиции, па еве, дури по девет децении, лауреатите го задржуваат правото сè уште да се пишува и да се зборува за нив

Читај повеќе

Крв, страст, љубов и солзи низ ноти

Животот на композиторите на сребрениот екран

Бурните и непредвидливи настани во животите на славните композитори отсекогаш биле во фокусот на филмските творци. Уште во дваесеттите години на минатиот век се забележани првите обиди за екранизација низ слика на овие биографски приказни, а со
појавата на звучниот филм, работата тргнува многу подобро и покреативно  

Читај повеќе

Од Мелиес до Кјубрик, од Месечината до Јупитер и назад…

Историја на филмскиот жанр – НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Иако филмаџиите на остварувањата од „вестерн“ и „мјузикл“ жанрот, во текот на филмската историја си поигруваа со филмската форма за да привлечат колку што е можно поголема публика во кино-салите, сепак тие не успеаја да се здобијат со голема група фанови која „до смрт“ ќе биде вљубена во приказните што ги раскажуваат овие филмови. Тоа дефинитивно им успеа на авторите кои ни ги подарија најубавите приказни во жанрот „научна фантастика“

Читај повеќе

Кон „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски

По еден куп кратки остварувања (одличниот и наградуван „Матасари“!) и документарни филмови (претежно со историска тематика) зад себе, Охриѓанецот со филмска диплома од романскиот универитет „I. L. Caragiale“, Илија Пиперкоски, конечно сними и прв долгометражен филм, нешто за што сонува секој филмаџија. „Дедо и внук“ е приказна која на хартија, според режисерот, фигурира уште од 2013 година, и еве, по шест години, имаме можност да ја видиме онаму кадешто и’ е местото, на сребрениот екран. Авторот го задржа правото официјалната премиера да ја одржи во својот роден град, со што на најдобар можен начин ја поддржа идејата за децентрализација на културата актуелна во годиниве наназад.

Читај повеќе

Ајде да си играме каубои и Индијанци

Историја на филмскиот жанр – ВЕСТЕРН

По век и кусур историја на светската кинематографија, природно се јави потребата да ви ги претставиме „чистите“ филмски жанрови, оние што уште од почетокот се наметнаа како освојувачи на срцата на публиката. Тоа ќе го направиме на едноставен начин, хронолошки, преку имињата на филмаџиите, нивните наслови и најважните настани околу кои се кршеле копјата при појавувањето или изумирањето на одреден жанр. За почеток на овој серијал, изборот падна на „најфилмскиот“ жанр воопшто, вестернот

Читај повеќе

Култен филм во луди времиња

Кон „ГОЛИ ВО СЕДЛО“ (1969) на Денис Хопер

Секое време си носи свои (филмски) херои. Можеби не на сите, но на повеќетемина првата асоцијација што им паѓа на ум за крајот на револуционерните и луди шеесетти години, покрај Вудсток, сигурно е филмот „Easy rider“ или „Голи во седло“, како што гласеше дистрибутерскиот наслов на овие простори. 

Кој би пoверувал? Поминаа дури пет декади откако Питер Фонда како Капетан Америка јаваше на својот „Харли Дејвидсон“, правејќи од него култен чопер чијашто популарност и ден-денес е на врвот. Да не ги заборавиме и ликовите на лудиот Били и адвокатот Џорџ,
играни од секогаш луцидните Денис Хопер и Џек Николсон, кои придонесоа филмот да добие статус на еден од главните глорификувачи на контракултурата, чијшто зенит го достигна токму во тој период.

Читај повеќе

Кон „Џокер“ на Тод Филипс

Како гром од ведро небо делуваше информацијата дека филмот „Џокер“ е победник на Венециската Мостра во септември. Фестивалот со најдолг стаж во светот на годинашното издание во официјалната трка за „лавовите“ ги имаше филмовите на имињата како Роман Полански, Рој Андерсон, Стивен Содреберг, Атом Егојан, Хироказу Корееда, Оливие Асеје… Се’ име до име во филмскиот свет, кои иако честопати биле лауреати во минатото, секако дека не мора да значи како некое непишано правило дека нивните нови остварувања мораат повторно да се закитат со некоја значајна фестивалска награда. Ова го пишувам пред се’ поради значењето на филмскиот фестивал во Венеција, кој отсекогаш држел до своето реноме, не потклекнувајќи пред надоаѓачката и заканувачка комерцијализација на сите нешта низ светот, особено на филмот како таков. И ако Берлиналето во последнава деценија ептен забега во авангарда, наградувајќи филмови за кои ниту самите автори не знаеле што сакаат да постигнат, а Кан отсекогаш ја следел линијата на помал отпор наградувајќи веќе проверени филмски имиња, барем кога станува збор за главните „палми“, тогаш Венеција беше и остана островот на кој филмската уметност отсекогаш е качена високо, на самиот врв од пиедесталот.

Читај повеќе