Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

Селектираните филмови во официјалната селекција на „КинеНова“ 2018

На 3. издание на „КинеНова“ селектирав осум филмови во трка за наградите. Еве ги основните информации за овие исклучителни остварувања, секое автентично и квалитетно на свој начин 😉

01.

Луксембург, Белгија, Германија/2017/107’

Гутланд (Gutland)

сценарио и режија: Говинда ван Меле (Govinda van Maele)

консултант на сценарио: Разван Радулеску (RazvanRadulescu)

улоги: Фредерик Лау (Frederick Lau), Вики Крипс (Vicky Krieps), Марко Лоренцини (Marco Lorenzini), Пит Буковски (Pit Bukowski)

продуценти: Жил Шаниал (Gilles Chanial), Оливие Дибуа (Olivier Dubois), Мелани Блоксдорф (Melanie Blocksdorf), Феликс Блум (Felix Blum)

Синопсис

Во овој рурален трилер, еден странец наоѓа засолниште во мало луксембуршко село. Како со текот на времето се интегрира во заедницата, тој открива дека не е единствениот кој сака да го сокрие своето минато. На трагата на бруталниот реализам во современото кино, филмот на ван Меле е одличен одговор на култниот „Догвил“ на Ларс фон Трир.

Читај повеќе

Воведен текст за официјалната селекција на „КинеНова“ 2018

Во последниве години познатите режисерски имиња како да сакаат да не’ уверат дека како стареат, така се’ повеќе губат контакт со реалноста. Сведоци сме на еден куп остварувања во кои „бизарноста поради самата бизарност“ е во преден план, без никаков пардон кон публиката, која буквално треба да го истрпи нивното „авторско онанирање“ на големото платно. Да не наведувам имиња, но навистина е разочарувачки кога еден филмаџија, кој толку си го почитувал во минатото,  одеднаш направил „пакт со ѓаволот“, почнувајќи да ни сервира разно-разни будалаштини, за кои ниту самиот тој не е сигурен за што (и кому му) служат.

Затоа, во последнава деценија новата енергија во филмот ја пронаоѓам во свежите сили на светската кинематографска мапа, во дебитантите, кои со своите први или втори остварувања знаат што сакаат, и иако почетници, на најдобар можен начин ги пренесуваат емоциите до нас, гледачите. Вообичаено тоа се мали приказни, односно, приказни за, условно, „малите“ луѓе, но со голем емотивен набој при претставувањето на нивните животни искушенија. На оваа линија се обидува да функционира и новиот скопски филмски фестивал „Киненова“, кој со две изданија зад себе сесрдно им отвора простор токму на новите филмски автори, кои штотуку треба да го дадат најдоброто од себе.

Читај повеќе

Кон „ТРЕИНСПОТИНГ 2“ на Дени Бојл

Едно од можните бегства од секојдневното лудило е гледањето на вториот дел на „Треинспотинг“ во кино. Впрочем, како и постојаното бегство на ликовите од себеси и од другите и во обете остварувања. Никој не веруваше дека еден ден Дени Бојл ќе сними продолжение на култниот филм од пред 20 години, што тогаш го гледавме по неколку пати во ноќниот термин, од 23 часот, во киното „Центар“. Се согласувам со одредени коментари дека продолжението може да им биде интересно исклучиво на фановите на оригиналот, иако вториот дел изобилува со флешбекови, како алка кон дејството пред 20 години и еден вид појаснување за новата генерација филмофили.  Читај повеќе

„Мајмун еден!“

Кон „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски

По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Владимир Блажевски во 2016 година влезе во нова филмска авантура, чиј финален производ овие денови можеме да го проследиме на големото платно. Годината во која, според кинескиот хороскоп, се влегува во владение на мајмунот, филмаџијата ја зема и како наслов на својот нов проект, откако работниот наслов „Слобода или смрт“ послужи како премин од панкерската приказна кон новата, комедија на апсурдот. Читај повеќе

Кјубрик воскресе

Кон „Играч број 1“ на Стивен Спилберг

Трите термини на големите холивудски студија за пласирање на своите нови блокбастери се Велигденските празници, летото и Божиќните и Новогодишните празници. Првиот од нив мајсторски го искористија „Ворнер брадерс“ и нивните помали сателити, подарувајќи ни ја прекрасната виртуелна авантура насловена „Играч број 1“, чија заработка веќе ги надминува очекувањата, и со право, бидејќи се работи за филмско остварување кое го потпишува маестро Стивен Спилберг. Се сеќавам, во 80-те години на минатиот век, кога ќе се појавеше било кое ново филмско дело на генијалецот, последната ноќ пред утрешната проекција вообичаено, од возбуда, остануваше непроспиена. Серијалот „Индијана Џонс“, „И-ти“, „Империја на сонцето“… беа филмови со кои растевме, иако подоцна, ре-откривајќи ја имагинацијата на еден од најплодните американски режисери (57 проекти досега), многу ги засакав и „Дуел“, „Шугарленд експрес“, „Ајкула“, „Блиски средби од трет вид“…

Читај повеќе

You kill someone in Iraq?

Кон „Bikini moon“ на Милчо Манчевски

По долги седум ипол години, Манчевски повторно во филмска акција. По контроверзниот „Мајки“, и во своето ново остварување „Бикини мун“ авторот го продлабочува својот интерес за (лажната) документаристика, и се обидува да отиде чекор понатаму во истражувањето на овој суптилен жанр, кој, доколку му пристапите на експериментален начин, може и да ве изгори. Истовремено, режисерот и во своето ново остварување го применува принципот „филм во филм“ во поинакво, попродлабочено светло од претходните остварувања, таа толку експлоатирана постмодерна алатка не само во филмот, туку и во литературата и во другите уметности, па така низ целото остварување (демек) не знаеме што е лажно, а што реално, па користењето на различни визуелни формати при раскажувањето на приказната тук-таму ја разбива монотонијата на делото. Но, за жал, тоа веројатно честопати ќе создаде и конфузија кај гледачот, прашувајќи се дали режисерот држи сè под контрола или не.

Читај повеќе

Кон „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“

Тргнувајќи од славниот цитат на Маршал МекЛуан, „Медиумот е порака“, сценаристот и режисер Мартин МекДона во своето ново остварување „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, земајќи ги токму билбордите како медиум на отворено кои со своите пораки можат да влијаат во поместувањето на нештата од мртвата точка, нè води на едно брилијантно патување со крајна цел, промена во свеста на луѓето околу горливите теми кои мораат да имаат сопствена завршница. Оваа поставка особено добива на тежина доколку „нештото“ е неколкумесечното неразрешено убиство на локалната тинејџерка, чија мајка сака да ги размрда локалните власти, но и комплетната заедница, со поставување на три пораки на билбордите крај патот по кој поретко се врви, на кои јасно се отчитува нејзината болка, и повеќе гнев, околу инертноста на полицијата. Сосема доволно за почеток на едно клопче кое од минута во минута мајсторски се одмотува, или, како во една од првите сцени, доколку бубачката на прозорот е свртена на грб и сè уште живурка, главната хероина ја превртува и и подарува понатамошен живот, како фина симболика која од микро на макро план ќе се провлекува до самиот крај на филмот.

Читај повеќе

Холивудска приказна: Star wars, прости!

Четириесет години по премиерата на првиот филм, односно, четвртата епизода од сагата „Војна на ѕвездите“ на Џорџ Лукас, и нешто помалку години од почетокот на моето игнорирање на овој серијал затоа што сите други го фалеа и го сакаа, решив за време на празниците зад нас да исправам една филмска неправда, или подобро, да пополнам дупка во мојата филмофилска приказна, и достоинствено да им се посветам на филмовите кои дефинитивно се најуспешни во историјата на подвижните слики како производ кој можеби повеќе заработи од рекламниот материјал отколку од публиката, која секако, не е за занемарување. Сè уште добро се сеќавам на рекламите на Телевизија Скопје за новиот спектакл во киното Центар, „Враќањето на џедајот“, а подоцна и на телевизиските премиери на трилогијата, помпезно најавувани, но истите не го сменија моето мислење, туку само ја зголемија одбивноста кон комерцијалниот проект. Дури пред 13 години, за време на летувањето во Тунис, ги посетив и кулисите каде се снимале одредени сцени од филмот, кои денес претставуваат вистинска неодминлива туристичка атракција на влезот во непрегледната Сахара, но рамнодушноста кон оваа митологија веројатно може да се забележи и во фотките во прилог.

Читај повеќе

Кон црногорскиот филм „ИГЛА ПОД ПРАГОТ“ на Иван Мариновиќ

Дебитантскиот филм „Игла под прагот“ на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ е уште еден доказ дека кога еден филмаџија ќе добие шанса за својот првенец, таа треба да ја искористи со снимање на фокусирана драма врз неколку ликови, кои ќе ги изгради до најмалиот детаљ. Токму тоа и го прави овој млад црногорски режисер, чиешто сценарио беше препознаено како голем потенцијал, за што беше поддржан на филмската работилница во Ерусалим во 2014 година, а потоа и на „Синелинк“ на филмскиот фестивал во Сараево.  Читај повеќе

Кон „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

Читај повеќе