Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

Кон српскиот филм „Ветер“ на Тамара Дракулиќ

Селекцијата „СинеБалкан“ на Синедејс финишираше со српскиот филм „Ветер“ на режисерката Тамара Дракулиќ. По прилично темните приказни од балканските простори во изминатите денови, овој филм беше вистинско освежување, бидејќи изобилува со прекрасни кадри од Ада Бојана, крај легендарната плажа во Улцињ, каде престојуваат и фламинго-јата, како доказ дека Медитеранот си има свои скриени бисери кои, за среќа, сè уште опстојуваат како нечепнати еко-системи.

Читај повеќе

Кон рускиот филм „Хармс“ на Иван Болотников

На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ликот и делото на мајсторот на краткиот зачуден расказ, Данил Хармс, податок кој ни го даде режисерот на филмот, Иван Болотников, кој напомена дека досега приказната за овој руски писател е разработувана во неколку документарци, но не и во игран филм. Интересно, ова е и негово прво, дебитантско остварување кое чекало реализација многу години, за на крај, во стилот на Хармс, до негова реализација да дојде откако во игра влегуваат поддршките од македонската и литванската Агенција за филм, а подоцна и круцијалната, од европскиот „Еуроимаж“. Така, следејќи ја теоријата на апсурдот, во обелоденувањето на ликот и делото на Хармс на големото платно важна улога имаме и ние, така докажувајќи дека, вусшност, во 21 век „сите ние сме Хармс“, заклучи синоќа Болотников.

Читај повеќе

Кон босанскиот филм „Жаба“ на Елмир Јукиќ

Секоја чест за селекцијата „Гала премиера“ во киното „Милениум“, во чии рамки на „Синедејс“ можат да се видат новите остварувања на ѕверки како Акин, Ханеке, Херцог, Озон, но селекцијата „СинеБалкан“ во малото кино „Фросина“ е сепак она суштинското за овие простори. Синоќа на програмата домашната публика повторно можеше да го гледа босанскиот филм „Жаба“ на Елмир Јукиќ, откако истиот доживеа премиера на „Браќа Манаки“ во Битола, па дури се закити и со наградата „Бронзена камера 300“ за работата на кинематограферот Дејан Димески. Тој е дел од македонската екипа во ова остварување, бидејќи филмот финансиски го поддржа и Агенцијата за филм на РМ, дел од парите се обезбедени и од Србија и Хрватска, а финансиската конструкција ја заокружува поддршката од „Еуроимаж“, впрочем, како и повеќето балкански остварувања прикажани деновиве на фестивалот во Скопје.

Читај повеќе

Кон рускиот филм „Нељубов“ на Андреј Звјагинцев

Кога нешто доаѓа „со љубов од Русија“, особено доколку е насловено „Нељубов“, тогаш мора да му се посвети особено внимание. Но, својата особеност рускиот режисер Андреј Звјагинцев ја покажа уште со феноменалниот првенец „Враќањето“ (2003), кој, изненадувачки, веднаш му ја донесе наградата „Златен лав“ на најстариот, Венециски филмски фестивал, а сето понатаму претставува вистинска филмска бајка. Со тоа беше лансирана уште една автентична синеастичка ѕвезда над светското филмско небо, која сè уште силно сјае, бидејќи Звјагинцев, едноставно, нема лош филм. Сите негови остварувања се феноменални. „Прогонство“ уште повеќе ја продлабочува семејната дискрепанца започната во дебитантскиот филм, „Елена“ (2011) е посвета на големата руска „мајка“ од романите на Горки и компанија, а „Левијатан“ (2014) е слика и прилика на корумпираноста воа пост-комунистичкиот период низ целиот Источен блок, кој на режисерот му донесоа „Златен Глобус“ за најдобар странски филм, како и канска „Палма“ за најдобро сценарио.

Читај повеќе

Кон албанскиот филм „Зора“ на Гентијан Кочи

Синоќа во рамките на програмата „СинеБалкан“ на актуелниот филмски фестивал „Синедејс“, во киното „Фросина“ имавме можност да го гледаме албанскиот филм „Зора“, еден ипол час пред настапот на њујоршките шминкери „!!!“ (Чк Чк Чк) во „Денсинг салата“ при МКЦ. Нормално, заинтересираноста за оваа проекција и за концертот беше дијаметрално спротивна, но педесетината посетители во кино-салата мислам дека на крајот не зажалија што го избраа токму овој термин од 21 часот, бидејќи режсерот Гентијан Кочи реализирал прекрасен филм. Ако се има предвид дека, за жал, малку знаеме и следиме она што се случува во современата албанска кинематографија, овој пат мамката плус за гледање на ова филмско дело беше наградата „Срце на Сараево“ која Орнела Капетани ја доби во август за најдобра актерка, што воопшто не е за потценување, бидејќи Сараевскиот филмски фестивал е еден од најценетите и највлијателните на овие простори во годините наназад.

Читај повеќе

Кон бугарскиот филм „Насоки“ на Стефан Командарев

Во рамките на актуелното издание на „Синедејс“ синоќа во 20 часот (реприза денес во 17.30) бевме во можност да присуствуваме на уште една фестивалска проекција на најизвиканиот бугарски филм оваа година, „Насоки“ на Стефан Командарев, откако истиот го отвори и годинашното издание на „Браќа Манаки“ во Битола кон крајот на септември. Филмот кој својата премиера ја доживеа на јубилејното 70. издание на престижниот филмскиот фестивал во Кан во рамките на втората селекција по вредност, „Извесен поглед“ (Un certain regard), преку Сараевскиот филмски фестивал во август, конечно се закотви врз балканските кино екрани, кадешто и му е местото, меѓу оние кои можат да ја препознаат неговата вистинска вредност, балканската публика, која овие приказни раскажани на платното неретко ги почувствувала и врз својата кожа и секојдневно живее/преживува со нив.

Читај повеќе

Кон „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска

„Кога денот немаше име“ е четвртото остварување на сестрите и брат Митевски. Почнувајќи од „Како убив светец“ во 2004 година, откако претходно краткиот филм „Вета“ послужи како најава и влез во светот на подвижните слики, преку „Јас сум од Титов Велес“ (2007) и „Жената што ги избриша своите солзи“ (2012), кон крајот на оваа година сме сведоци на новиот филмски излет на Митевска, кој својата светска премиера ја имаше во селекцијата „Панорама“ на Берлиналето во февруари, како доволен предуслов за подоцнежно учество на филмот на останатите светски фестивали и негов понатамошен дистрибутерски пласман.

Читај повеќе

Кон „Истребувач 2049“ на Денис Вилнев

Еден ден по најдолго исчекуваната премиера во мојот живот седнувам пред компјутерот, го пуштам на Јутјуб саундтракот од филмот за да ме понесе атмосферата на реминисценција од прекрасните филмски слики видени претходната вечер, и започнувам да го пишувам овој осврт кон филмот „Истребувач 2049“, попознат како „Блејдранер двојка“, со тоа што дистрибутерите решиле да го задржат насловот од 80-те години, како евоцирање на едно време кога добрите ес-еф филмови имаа суштина и не беа обременети со премногу специјални ефекти.

Читај повеќе

Кон „Ова е само крајот на светот“ на Ксавиер Долан

Последниот филм на контроверзниот Ксавиер Долан, „Ова е само е крајот на светот“ (Juste la fin du monde), минатата година во Кан доби „Гран при“ од жирито, односно втората награда по вредност на престижниот фестивал. Филмот можеби дистрибутерски малку доцни во овие краишта, но филм зад кој стои Долан со сиот багаж зад себе преку филмовите „Ј’ai tué ma mère“ (2004), „Les amours imaginaires“ (2011), „Tom à la ferm“ (2013)… секако мора да се погледне. На крајот испаѓа дека наградата што му ја доделило жирито на чело со претседателот Џорџ Милер (Лудиот Макс) е повеќе од компромис, ако знаеме дека победи извонредниот „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч, веројатно за да има некаков баланс со Британците во тој вечен антагонизам помеѓу La France и Островот. Читај повеќе

Кон германскиот филм „Тони Ердман“ на Марен Аде

Пред некој ден во Сули ан домашните филмофили имаа можност на големото платно да го гледаат убедливо најдобриот европски филм за минатата 2016 година, „Тони Ердман“, во рамките на Кафе киното како дел од традиционалното Скопско лето, кое патем, годинава има навистина интересна програма. Филмот кој во декември на доделувањето на Европските филмски награди во Вроцлав (Полска) освои сè што можеше да се освои во главните категории (најдобар филм, режисер, сценарио, актерка, актер) со право може да се каже дека претставува полн погодок, бидејќи ја репрезентира токму европската кинематографија во целина, и сето она што таа со години се обидува да го наметне како начин на размислување при реализацијата на едно филмско дело. Снимен речиси во целост со ‘камера од рака’, германскиот филм иако трае 155 минути, во ниту еден момент не е здодевен. Напротив. Секоја сцена има свое зошто и свое затоа при плетењето на приказната за карактерите, чии односи се крајно сложени, меѓутоа, како тече филмот, истите се обидуваат да дојдат до своја кристализација, до самопрочистување. А како да се стигне до тој момент, ако не со глумење на „нормално лудило“!? Затоа што во овој свет кој нема да полуди , тој навистина е луд 🙂

Читај повеќе