Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

Кон „Златна петорка“ на Горан Тренчовски

Дебитантскиот долгометражен филм „Златна пeторка“ на Горан Тренчовски, кој зад себе има еден куп реализирани сценарија како на театарските штици, така и на телевизискиот екран, претставува школски пример за тоа како треба да се реализира филмска идеја со скромниот буџет со кој располагате. Тргнувајќи од една трогателна приказна за петте ликвидирани струмички студенти во 1951 година и распостилајќи ја истата се’ до денешен ден, имате впечаток дека навидум се работи за комплетен филм кому ништо не му недостасува. Но, по најавата на продуцентот дека од истиот ќе се направат и пет телевизиски епизоди, се остава простор нештата кои останале недокажани дека ќе ги видиме во серијата во поразвиена форма, што од друга страна, пак, и го оправдува чувството по завршувањето на проекцијата дека сте гледале добро прилагодена телевизиска драма на големото платно.

Читај повеќе

Кон „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија

Како и во многу наврати во блиското ни минато, и премиерата на филмот “Ослободување на Скопје” беше долго најавувана вест, за конечно (светската) да се случи летово на легендарниот филмски фестивал во Пула, а македонската на стандардното место, на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола. Судбината на скопската кино-премиера пак, ја одложија неочекуваните тектонски поместувања на плочата под нашево Скопје, на што не беше имун кровот на киното “Милениум”. Во меѓувреме филмот беше прикажан и во Сараево и Финска, за конечно, на 1 октомври , да дојде до пошироката македонска кино публика.

Читај повеќе

Кон „МАТУРА“ на Кристијан Мунгиу

Сè што ќе снимат Романците, вреди злато. И во минатото сум пишувал за оваа балканска кинематографија, како една од ретките на овие простори што на совремието со сите негови доблести и (многу повеќе) недостатоци му гледа директно во очи, без никаква шминка. Кристијан Мунгиу е еден од претставниците на оваа романска школа, која во овој милениум собра еден куп награди на значајните светски фестивали од „А“ категорија. По неговиот успех со првенецот „Четири месеци, три недели и два дена“ во 2007 година, кога во остра конкуренција ги изненади сите и ја собра „Златната палма“, филмскиот мајстор и лани во мај се врати на „местото на злосторот“ и ја доби „палмата“ за најдобра режија за неговото последно остварување „Матура“ (Bacalaureat), што беше добра препорака да се погледне овој филм. Читај повеќе

Кон „ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ“ на Даријан Пејовски

Оваа филмска 2015 година во Македонија, како ретко која досега, ни понуди неколку премиери што ги задоволуваат сите критериуми на квалитетно целовечерно остварување. По филмовите „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Лазар“ на Светозар Ристовски, годината триумфално завршува со првенецот на Даријан Пејовски, „Три дена
во септември“.

Читај повеќе

Приказна за безимените околу нас

Интервју со Вардан Тозија, режисер

 – Помина долго време откако на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, во рамките на активностите на „Сценаристичкото катче”, ја добивте наградата за развој на сценарио токму за филмот „Безимени“. Каков во меѓувреме беше животот на овој текст, дали можеби учествувате на некои слични настани пред да дојде до моментот на негова финална реализација во оваа, 2015 година?

Вардан Тозија: Сценариото за филмот „Безимени“ (сè уште под работен наслов) имаше долг и напорен, но „школски“ развој. Иницијалниот импулс го доби со учеството на EAVE, каде уште во рана фаза беше ставено „под лупа“ на голема група на интернационални филмски професионалци, пред сè консултанти за сценарио и продуценти. Следуваа уште неколку меѓународни работилници за развој, по што пристигна и валоризација за сработеното преку освоените награди на SEE Cinema Network и споменатото „Сценаристичко катче” во Битола.

Читај повеќе

Кон „ЛАЗАР“ (2015) на Светозар Ристовски

По 11-годишна пауза, режисерот Светозар Ристовски се врати со ново остварување на големото платно, уште едно хируршки прецизно сецирање на премрежијата во едно просечно македонско семејство, како надоврзување на успешниот првенец „Илузија“. Или, пубертетлијата Марко од дебитантскиот филм како одеднаш да се претворил во адолесцентот Лазар, но проблемите и по десет години се истите – неможноста да се побегне од оваа зачмаена средина, а како единствен излез од тој лавиринт авторот на филмот ни ја нуди љубовта, чијашто чистина не е гарант за комплетна исполнетост. 

Читај повеќе

Краток осврт кон „Медена ноќ“ на Иво Трајков

Како “кец на десетка” ми дојде можноста на сребрениот екран да го гледам актуелното остварување на Иво Трајков, “Медена ноќ”, на фестивалот “Браќа Манаки” во Битола, откако пролетта, кога се случи неговата премиера во отворањето на Скопскиот филмски фестивал, не бев во можност тоа да го сторам. Два македонски нови филмови (по премирата на “Лазар”) за само два дена, и тоа не било какви, туку две квалитетни домашни остварувања – полна капа!

Читај повеќе

„FX3X“ на врвот од светот

Интервју со Кристијан Даниловски

Кога размислував за репрезентативно интервју од областа на филмската уметност за јубилејниот број на МОЈ КЛУБ, изборот се наметна природно – едноставно, компанијата за визуелни ефекти „FX3X“ е најуспешниот македонски извозен бренд на филмски план. Приказната фино се заокружи на почетокот од јули со промоцијата на универзитетското помагало и збирка бизнис-студии на случај, насловена „Кршење мраз на претприемачки начин: Процеси и студии на случај за успешни претприемачи од Централна и Источна Европа“, во која македонската компанија влезе меѓу петнаесетте фирми чии стории зборуваат за освојување на меѓународните пазари, доаѓајќи од економии во транзиција, чија движечка сила е трансформацијата кон поконкурентни економии. Во исто време, се случи и скопската и светската премиера на петтиот дел од серијалот „Терминатор“, во кого прсти вмешаа и нашите аниматори. За сево ова, и многу повеќе, низ разговорот со еден од основачите на „FX3X“, Кристијан Даниловски.

Читај повеќе

Хронолошки наназад

Интервју со Ѓорче Ставрески, режисер

Едно од најталентираните имиња меѓу новите македонски филмаџии со сигурност е Ѓорче Ставревски, чие портфолио содржи неколку кратки филмови наградувани на фестивалите ширум светот, по што природно се наметна потребата од снимање прв долгометражен филм. Неговиот работен наслов е „Тајната состојка“, чие сценарио во изминатите месеци имаше забележлив успех на европските фестивали и форуми, добивајќи неколку парични награди. Ѓорче во интервјуто ветува интересен филм, а во што се состои ‘тајната состојка’ на приказната (иако во еден момент тој вели дека ја нема!), останува да проценат гледачите кога филмот следната година ќе се појави на големото платно.

Читај повеќе