„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Филм
Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.
Вчера, на 80-годишна возраст, почина босанскиот поет, прозаист, сценарист и новинар Абдула Сидран. На големиот љубител на шаховската игра највеќе ќе се сеќаваме како сценарист на славниот филм „Татко на службен пат“ (1985), за кој Емир Кустурица ја доби првата Златна палма во Кан (плус ФИПРЕСЦИ), а подоцна беше номиниран и за Оскар. Четири години порано се случи нивната прва соработка во антологискиот филм „Се сеќаваш ли, Доли Бел“ (1981). Секако, да не го заборавиме и сценариото за одличниот „Кудуз“ на Адемир Кеновиќ.
По супер успешната приказна со „Медена земја“ заедно со Љубомир Стефанов, двојната номинација за Оскар и еден куп фестивалски награди, пред режисерката Тамара Котевска е бурната 2024 година која сметам дека ќе и’ припадне во целост. Taa има одличен нов документарен филм „во ракавот“, на кој штотуку му следи интензивна промоција. Светската премиера на „The Walk“ се случи на 9 ноември на фестивал во Њујорк (Doc NYC), а од вечерва почнува и европското патешествие на филмот со премиера на фестивалот во Женева (FIFDH), а веднаш потоа и со пет проекции на фестивалот во Копенхаген (CPH DOX). Затоа велам дека токму оваа година треба да ја покаже и докаже моќта на сликите кои ги содржи ова 80-минутно ремек-дело, кое ги поседува сите елементи потребни за еден ваков проект: актуелност, политичка ангажираност, свесност, сочувство, кревање на свеста за бегалците, кинематичност…
На 24 февруари 1989 година, точно во 11ч30м претпладне, агентот на FBI Дејл Купер влезе во Твин пикс, и се чини дека никогаш не излезе оттаму. Серијата која дополнително ја усложнуваше психолошката ситуација додека старата федерација се распаѓаше, и ден-денес е во сеќавањата на филмофилите поради бескрајните можности со кои ни ја скокоткаше фантазијата. Миксот на реалното и оностраното, зачудното, беше добитната комбинација на „Твин пикс“. Но, ако во првата реченица зборуваме за влез во нешто, влез некаде во непознатото, за успешна приказна е потребна и обратната ситуација – излезот. Тоа режисерот Дејвид Линч многу добро, во само една реченица, го објаснува на втората фотографија подолу.
Откако го отвори осмото издание на „КинеНова“, двочасовниот филм на Асимина Предру деновиве имавме можност да го гледаме на редовниот репертоар на Кинотеката. Првиот долгометражен филм на грчката сценаристка и режисерка е совршен избор за отворање на фестивал во чиј фокус се дебитантските остварувања, а работата добива на тежина кога на ова ќе се надоврзе фактот дека во филмот се вложени средства и од македонските даночни обврзници, а покрај „Сектор филм“ од Скопје, како копродуценти се јавуваат и „ЗДФ“ и „Арте“ од Германија. Филмот чие снимање беше поддржано и од „Еуроимаж“, на ланското доделување на наградите за најдоброто во грчката кинематографија имаше дури седумнаесет номинации, а освои десет „Ириси“. Накратко, ова е најдобриот филм кај нашиот јужен сосед за 2023 година, кој на премиерата на Солунскиот филмски фестивал доби шест награди, вклучувајќи ја и онаа од здружението „ФИПРЕСЦИ“.
Кога човек сака да се потсети на некои убави времиња, вообичаено реченицата ја започнува со „како да беше вчера…“ Тоа, секако, најчесто е поради „жал за младоста“, и некои чувства и состојби низ кои сте поминале, а подоцна речиси никогаш, или сосема ретко, повторно сте ги доживеале. И навистина, кога поминаа три децении од премиерата на нaјвозбудливиот филм на сите времиња, после кој времето во филмската историја се смета пред и по прикажувањето на „Pulp fiction“. Ова ремек-дело на откачениот Квентин Тарантино ја преврте поп културата на глава, и по три децении се’ уште е вредно за почит, затоа што претставува вистинска филмска лектира, вистински учебник како треба да изгледа еден возбудлив модерен филм кој им се допаѓа на сите генерации, без исклучоци.
Холивуд на крајот од годината редовно нуди по некој спектакл на големото платно. На крајот од оваа, 2023 година, честа и‘ припадна на старо-новата приказна за една од најмаркантните историски фигури во минатото, Наполеон Бонапарта. Има неколку интересни работи за кои може да се држиме во овој проект, а во текстот ќе се занимаваме со три од нив: првиот, истоимен филм во филмската историја од 1927 година, изборот на Оскаровецот Жоакин Феникс за улогата на францускиот војсководец, и секако, актуелната (доцна) фаза од творештвото на режисерот Ридли Скот. Читањето на текстот нема да трае два ипол часа, колку што трае филмот, но бара внимателно исчитување 😉
Не е толку честа појава еден филм да ги собере наградите во речиси сите главни категории на доделувањето на европските филмски награди, но токму тоа се случи со француското остварување „Анатомија на еден пад“ на режисерката Жастин Трие, кој во мај ја доби и престижната „Златна палма“ во Кан. За многумина ваквата разрешница на крајот од европската филмска година е неочекувана, бидејќи дел од публиката и критичарите во филмот видоа „само уште едно остварување со судска парница“, но тоа, секако, воопшто не е точно. Можеби делумно би се сложил за режисерскиот дел од работата, каде школски решените сцени се наметнале сами по себе, но врвното сценарио на Трие во соработка со Артур Харари е оној бисер кој храбро се соочува со ѕверското современие во кое живееме, отворајќи безброј релевантни теми низ кои во центарот на вниманието е човекот. А кој друг!?
Синоќа во Берлин беа доделени наградите за најдобрите во седмата уметност во тековната 2023 година. „Европските Оскари“ традиционално се доделуваат на почетокот од декември, кога и привршува филмската календарска година на Стариот континент, за разлика од практиката на холивудската филмска индустрија, каде во опција влегуваат и филмовите кои премиерно се појавуваат во овој период од годината, па во март се прогласуваат најдобрите. Затоа на доделувањето на европските филмски награди горе-долу доминираат филмовите кои добро поминале на трите големи „А“ фестивали во Берлин (февруари), Кан (мај) и Венеција (септември), секако, ако доаѓаат од европската филмска провиниенција. Кога ќе заврши венециската Мостра, сите адути се на маса и почнуваат подготовките за европските награди. Така беше и годинава, бидејќи главен победник со неколку награди беше токму канскиот лауреат. Ова се годинашните европски филмски лауреати.
По повод излегувањето на неговата дебитантска книга, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“ во 2010 година, Александар Русјаков во едно интервју насловено „Пишувам раскази за љубовта“, изјави: „Често се навраќам на љубовта, зашто неа ја има насекаде околу нас, и само со љубов може да одиме напред и да успееме во тоа што го правиме“. Тој и во следните изданија за издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ продолжи книжевно, низ поезија и проза, да ја третира љубовта од различни аспекти, прилично автентично и со својствен стил. За жал, прекрасната книга „Тринаесеттиот месец“ која содржи шест приказни како дел од поголема целина, никогаш не доживеа своја завршна реализација, останувајќи само на првата замисла која се протега од јануари до јуни. Приказните од јули до декември не ја видоа светлината на денот поради други ангажмани на Русјаков, како и завршниот, тринаесетти месец. Сепак, добриот материјал секогаш наоѓа процеп во темнината. Првиот расказ, или новела (ако сакаме жанровски да ја тапиме), „Лена и Владимир“, деновиве можеме да го гледаме и на големото платно, во режија на дебитантот Игор Алексов. На тој начин фино се затвора кругот околу ова парче уметност.
Ме израдува насловот на филмот кој Вардан Тозија го снимаше за време на светската пандемија. „М“ веднаш ми асоцираше на славниот истоимен филмски класик од 1931 година на германскиот режисер Фриц Ланг. По култниот „Метрополис“, тој на човештвото му го подари и ова антологиско филмско дело, кое отворено му покажуваше среден прст на растечкиот Нацизам во неговата држава, поради што набргу мораше да ја напушти земјата во пакет со главниот актер во филмот, фантастичниот Питер Лоре, и обајцата Евреи.