Плочата на гробот на дедо ми и баба ми одамна беше напукната, и еден ден, конечно, во средината се струполила надолу, отворајќи дупка небаре уште вечерва ќе излезат на едно рандеву низ локалните гробишта. Се обидуваме со татко ми да направиме нешто, составувајќи некои паднати парчиња за колку-толку гробот да изгледа пристојно за утрешната задушница, но заклучуваме дека мора под итно да се смени плочата. Тој ми вели дека ќе оди кај истите луѓе што го направиле гробот уште пред дваесетина години, кога почина баба ми од инфаркт, а јас се чудам и прашувам гласно зарем тие сè уште постојат и го работат ова, но тој ме уверува дека се на истото место и дека сега синот го преземал бизнисот. Инаку, да нема забуни, на спомен-плочата над гробот долго време левата страна стоеше празна, чекајќи го стрпливо името на дедо ми да го заземе своето место, за разлика од некои соседни плочи, на кои веќе имаше изгравирано слика од идните почиватели, па дури и нивното име и годината на раѓање, додека кај годината на умирање фалеа последните две бројки по задолжителните „20..“.
