„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Филм
Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.
Со години наназад љубопитните „злобници“, но и вистинските фанови на Боб Дилан се прашуваат: Кој е тој? Копија на Вуди Гатри? Нарцисоиден фолк трубадур? Легендарен рокенрол бунтовник? Предавник? Генијалец? И сите ќе го пласираат своето мислење, а всушност, вистината ја знае само еден човек, кој мудро ја чува за себе веќе 40-тина години.
Со самото споменување на некој од насловите на филмовите на канадскиот режисер, ми се заврнува крвта во вените. Многупати досега, почнувајќи од видео-еуфоријата во нашата држава, кога под дрво и под камен се бараа определени филмски наслови, па се’ до денес, кога многу повеќе ни се достапни филмовите во било кој формат, неретко сум се нашол во ситуација да трагам по неговите маестрални остварувања се’ додека не ги собрав во целост. Затоа, неговиот нов филмски излет во непознатото, кој својата премиера ја доживеа на годинашниот филмски фестивал во Кан, го очекував со нетрпение.
„Лошото“, но ултрапродуктивно „дете“ на Холивуд, режисерот Тим Бартон, и понатаму не мирува. По прекрасниот филм „Голема риба“ (2003) и фантастичниот римејк на култниот детски филм од 70-те, „Чарли и фабриката за чоколади“ од оваа година, тој и’ врти на својата стара љубов, стоп-анимацијата. Неговиот херој меѓу актерите, Џони Деп, со кого активната соработка ја започна уште пд почетокот на 90-те во „Едвард Клешторакиот“, за новиот проект изјави: „За време на снимањето на „Чарли“, една вечер Тим се појави во мојата соба во која беа собрани и другите актери, ни ги објасни приказната и ликовите во „Невстатата“ и ни предложи да си поиграме со гласовите на истите. Таа вечер тоа го сторивме на зафрканција, но веќе утредента тој, на дел од нас, ни ги додели новите улоги. Зачудувачки“.
Американскиот независен филм отсекогаш бил посилен од европските остварувања од слична провиниенција. Со необично третирање на навидум обичните животни приказни, американските независни режисери со години наназад тешко работат за да ги задржат своите фанови кои, вообичаено, ваквите филмови ги гледаат во малите арт-кина низ САД. Изненадувањето оваа година од овој вид на продукција е филмот „Јас и ти и сите што ги знаеме“ на авторката Миранда Џулај, добитник на специјалната награда на жирито на Санденс фестивалот, како и на канската награда за најдобро дебитантско остварување.
Маестралната визуелна урбана бајка „Град на гревот“ на холивудскиот вундеркинд Роберт Родригез и одличната улога на Мики Рурк беа причина малку да се навратиме на сјајните моменти од кариерата на славниот боксер-актер.
Малкумина европски режисери можат да се пофалат со конзистентност во својата работа. Еден од нив доаѓа од земја со мала кинематографска традиција, Австрија, но со текот на годините стекна култен статус кај голем круг филмофили кои преферираат вистинско кинематско искуство, а не евтини холивудски лимонади. Михаел Ханеке зад себе има веќе девет целовечерни филмови, вклучувајќи го и актуелниот насловен „Скриено“, кој својата промоција ја доживеа во Кан.
На мое големо задоволство, на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола имав чест да се сретнам и да поразговарам со Кристијан Бергер (Christian Berger), снимателот на неколку фантастични европски филмски остварувања. Неговиот благороден карактер ми овозможи фино да се опуштам и со него да промуабетам за многу нешта кои ме интересираа, особено за неговата соработка со култниот режисер Михаел Ханеке (Michael Haneke)
Иако се работи за мала, одбрана публика која едноставно ги обожава филмовите на Џим Џармуш, сепак, неговото влијание врз новата генерација на американски независни режисери е несомнено големо. Со тоа се создава еден голем круг на филмофили кои својот светоглед го формираат и милуваат да го негуваат според сопствени правила на игра, токму оние истите според кои самиот Џармуш се раководи целиот свој живот. Рокер во душа, а режисер по вокација, овој автор на прекрасни, условно „малечки“ филмови, сите овие 25 години наназад остави силен печат во независниот филм, успевајќи да им одолее на разните компромиси со продуцентите, кои сакаат да го имаат, и вообичаено го имаат последниот збор.
Оваа година официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал беше составена со филмови од првата светска лига на режисери: Кроненберг, Вендерс, Џармуш, Ханеке… Меѓутоа, како вистински херој, на голема врата, се очекуваше присуството на американскиот инди режсер Гас ван Сант, кој само пред две години ја доби Златната палма за прекрасниот „Слон“. Ван Сант на Кроазета се појави со заслужени фанфари вклучувајќи ја целата екипа на новиот филм зад себе. Меѓу нив и брачниот двоец на култниот бенд Соник јут, Ким Гордон, која има слатко, петминутно парче во филмот, и Трстон Мур, добриот пријател на Курт Кобеин, кој во проектот фигурира како консултант.
„Контакт“ на Сергеј Станојковски го следевме уште од неговиот зачеток. Првата клапа се случи на 8 ноември, а последната на 18 декември 2004 година. Се снимаше на локации во Скопје и околината. Сè тоа беше во ред, освен приказната за Сергеј Станојковски, кој беше тотална непознаница за пошироката македонска јавност. Човекот што студирал камера на филмската академија во Загреб, па се префрлил на документарен филм и режија на славната ФАМУ во Прага, доби шанса да го сними своето прво целовечерно остварување со тежината на фактот дека неговиот филм е прв од Македонија што доби поддршка од европската Еуроимаж, сон на секој европски филмаџија. Продуцент од германска страна беше Марчело Бусе, а од македонска Томи Салковски.