Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

Лауреати на КинеНова #6

Тешко е да организираш филмски фестивал за време на (пред)изборен циклус, кога сите ги интересира само политика. Но КинеНова #6 и оваа година реализираше одлично издание, на радост на љубителите на седмата уметност, чија програма во ноември продолжува и на ТВ. За мене како програмски селектор важна беше констатацијата од жирито на завршната вечер, дека сите осум селектирани филмови во трката за наградите биле одлични. Бугарскиот режисер Петар Валчанов, потоа, Зане Балчус, колешката од ФИПРЕСЦИ, и Владо Ангелов, директорот на Кинотека, нагласија и дека, на некој начин, (речиси) сите филмови се победници, бидејќи доделија дури 5 награди на различни филмски остварувања. Еве ги нивните одлуки и образложенија.

Читај повеќе

Официјална селекција на филмови на „КинеНова“ #6

Многу се радувам што оваа година прикажувањето на официјалната селекција на филмови се враќа онаму каде што ѝ е местото – на големиот екран во затемнетата кино сала. Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди.

Читај повеќе

Mајсторовиот потпис на Алфред Хичкок

Појавувањето на режисерите во своите филмови барем за момент во некоја, условно, безначајна сцена, се практикува и ден-денес, некогаш повеќе, некогаш помалку успешно, a најчесто тоа изгледа дури и смешно и непотребно. Оваа „камео-играчка“ ја патентираше легендарниот Алфред Хичкок, кој истата ја донесе до совршенство, појавувајќи се во четириесет и едно свое остварување. Приказната започнала за време на снимањето на филмот „Станар“, кога Хичкок забележал дека на сцената има малку луѓе. Наместо да ги чека новите статисти, тој накратко самиот застанал пред камерите, и оттогаш започнала традицијата на неговите појавувања во сопствените филмови. Публиката очекувала да го види, барем за миг, и се обидувала да го „улови“ на проекциите на сите негови остварувања. Работата на крајот отишла толку далеку што Хичкок морал да се појавува уште во првите минути од филмот бидејќи публиката го занемарувала дејствието очекувајќи го појавувањето на „мајсторот“.

Читај повеќе

Кон „Таткото“ на Флоријан Зелер

Во последно време почнав да заборавам. Ситни нешта, но сепак битни за одржување на рамнотежата во сопствениот космос.  Дел од овој непосакуван процес е и повременото заборавање на имињата и презимињата на познати актери и актерки. „Еј, како се викаше овој, играше во тој и тој филм“, често знам да прашам, и на крај можеби ќе ми текне, а можеби и не. Сепак, кога се работи за маестрален актер како Ентони Хопкинс, тука нема простор за заборав. И ако мојата заборавност можеби се должи на влегувањето во раниот период од средните години, тогаш најновата ролја на маестро Хопкинс е директно соочување со деменцијата како болест која најчесто ги „напаѓа“ луѓето во доцни години.

Читај повеќе

Кон „Подобри денови“ на Квок Ченг Цанг

На листата со пет финалисти за Оскарот во категоријата „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ фигурира и последното остварување „Подобри денови“ на хонконшкиот режисер Квок Ченг Цанг, кој на најдобар можен начин, заедно со шесте номинации на „Минари“, ја брани потентната азиска кинематографија. И, да бидам искрен, ова е мојот годинашен фаворит.

Читај повеќе

Кон „Колектив“ на Александер Нанау

По преседанот што минатата година го направи Американската филмска академија, номинирајќи го македонскиот документарен филм „Медена земја“ во две категории, годинава тие ја повторуваат истата формула, со тоа што овој пат „секирата в мед“ му падна на романското остварување „Колектив“ на Александер Нанау, кој се надева дека ќе добие барем една статуетка во категориите „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ и „Најдобар документарен филм“. А зошто не и обете, како што нашата јавност очекуваше лани!?

Читај повеќе

Кон „Манк“ на Дејвид Финчер

На неодамнешната церемонија каде беа соопштени номинациите за годинашниот Оскар, филмот „Манк“ на Дејвид Финчер фигурира во дури десет категории, вклучувајќи ги и оние најважните – за најдобар филм, режисер , актер, кинематографер, музика… На тој начин Финчер по трет пат доаѓа во можност да ја „лапне“ ценетата статуетка, по номинациите во 2009 и 2011 година за филмовите „The Social network“  и „The Curious case of Benjamin Button“.  

Читај повеќе

Кон „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски

По речиси една ипол година, едно од последните остварувања во македонската кинематографија овие денови можеме да го гледаме и на редовниот кино репертоар во „Синеплекс“. „Ефектот на среќа“ својата премиера ја доживеа одамна, на отворањето на „Синедејс“ во ноември 2019 година, за во меѓувреме, планот за кино прикажување драстично да се смени по појавувањето на светската пандемија. Така, сакал-нејќел, дебитантскиот филм на Борјан Зафировски стана „најдобро чуваната тајна“ на новиот македонски филм, која беше потхранувана со позитивни зборови и импресии од оние малкумина кои во меѓувреме успеаја да го видат на тие пар проекции во „Милениум“, МКЦ и Кинотека. Конечно, филмот се појавува и пред судот на пошироката публика токму овие денови, која исто така не е голема на број, со оглед на протоколите за одржување на јавни настани, вклучувајќи и кино-претстави. Проекцијата на која јас и уште триесетина филмофили го проследивме филмот беше посветена на штотуку починатиот монтажер, легендарниот Андрија Зафрановиќ, кој е „виновник“ и за квалитетната монтажа на филмот на Зафировски, чие дело неодамна го доби и првото фестивалско признание на SEE Film Festival Online.

Читај повеќе

Кон „Минари“ на Ли Ајзак Чунг

Минатата оскаровска година јужнокорејската кинематографија со „Паразит“ сруши многу рекорди, поставувајќи неколку куриозитети со добивањето на позлатените статуетки во четири категории, со што ги сруши и надежите на мала кинематографија како нашата, која во „Медена земја“ имаше достоен претставник во две категории, како директен конкурент на филмот на Бонг Јоон Хо. Ние чекавме дури четврт век за повторна номинација, а јужнокорејската кинематографија веќе почна да фаќа корени на американско тло, бидејќи „Минари“ веќе има номинација за „Златен Глобус“ во категоријата „Неанглиско говорно подрачје“, а предвидувањата велат дека нивниот годинашен претставник „The Man Standing next“ на Ву Мин-хо ќе биде селектиран во најтесниот оскаровски круг. Токму во насловот на филмот лежи таа метафора за пуштањето корени, бидејќи Минари е јужнокорејско растение кое на влажна и плодна почва многу бргу се распостранува во околината, и потоа неговото конзумирање предизвикува благодет за луѓето. Иако личи на нашиот пиреј, оној кој Петре М. Андреевски маестрално го опиша во неговиот роман како нешто што тешко се искоренува, сепак овој на јужнокорејските автори им носи бериќет, а не мака, и затоа екипата зад филмот со право се надева дека оваа, во најмала рака, чудна сезона, на крајот ќе ја крунисаат со ценетиот „Глобус“, по 59-те награди освоени на филмските фестивали во изминатата година, почнувајќи од Санденс 2020.

Читај повеќе

Американските филмски критичари го нападнаа „Variety“

Изјава од Националното друштво на филмски критичари во врска со извинувањето на „Варајети“ за рецензијата за филмот „Promising Young Woman“

Ние, членовите на Националното друштво на филмски критичари, сакаме да го потенцираме нашиот протест за излитениот третман на „Варајети“ кон нашиот колега Денис Харви.

Читај повеќе