Во засебен текст беа претставени седумте филмови во официјалната трка за наградите, но „КинеНова“ на филмофилите им нуди и останати атрактивни содржини на сребрениот екран. Еве што се’ содржат програмите на четвртото издание на фестивалот, кој стартува утревечер во киното „Милениум“ со двојна програма. Од 18 часот, за сите оние кои ја пропуштија „Петрунија“, уште една проекција на наградуваниот филм на Митевска, а од 20 часот филмот на отворање, победникот во Карлови вари годинава, „Таткото“ на бугарскиот тандем Грозева/Валчанов. А пред нив – ексклузива, светска премиера на десетминутниот анимиран филм „Змијулче“ на Иванов/Гацова/Господиновски.










