Од денес сум член на ДПМ! Благодарност до луѓето кои ме предложија и до членовите на Претседателството кои гласаа за прием. Значи, од денес сум писател со тапија
Авторска архива: Игор Анѓелков
Ах, тој филм!
Џамлии vs Virtual reality
Престојувањето во привлечната виртуелна реалност исполнета со заводливи слики, за новите генерации е неизбежност. Во напорите што повеќе време да се помине надвор од магијата на екранот, посегнуваме по различни алатки. Една од нив е потсетувањето на минатото, на сопственото детство, во кое социјализацијата се одигруваше на сосема поинаков, подиректен начин. Една од игрите низ која се созреваше беа џамлиите. Обидот за повторна креација на волшебниот круг во кој владееја строги правила на игра се покажа успешен.
Читај повеќе„Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков
Денеска од печат излезе новата книга „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков, како 215 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.
Кон „Кајмак“ на Милчо Манчевски
Откако маркетиншки одлично беше одработена задачата по светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, на која се надоврза учеството на ценетиот фестивал „Golden horse“ во Тајван, новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја доживеа и својата домашна премиера, а веќе од следниот ден и широката дистрибуција низ македонските кина. Информациите за одличниот прием на филмот во азиските земји, каде вообичаено се бара билет повеќе за проекциите бидејќи љубителите на седмата уметност, за разлика од нашите фестивали, ги полнат кино-храмовите до последното место, беа навистина пријатни за конзумирање. Во време кога баш и не слушаме и читаме позитивни информации на сите полиња од општественото живуркање, епиететот „мрсна сатира“ ја заголицка фантазијата на овдешната јавност, надополнет со еротските сцени од трејлерот на филмот. Со тоа беа создадени сите услови за филмски спектакл, кој со повторувањето на промотивната формула од претходникот „Врба“, се случи во прекрасната филхармониска сала во Скопје.
Читај повеќеОсврт кон „Филмотопија“ во „Културен живот“
Излезе новиот број на „Културен живот”. Дел од богатата содржина и текстот насловен „Простор на подвижните слики”, осврт кон актуелната, трета книга со филмска есеистика „Филмотопија”.
Читај повеќеСпомен-куќата на Личеноски како културно наследство и нов изложбен простор
Вчера имавме несекојдневна можност, повеќето од присутните, за прв пат да влеземе во куќата во која во последните години од животот живеел и творел еден од великаните на нашата ликовна уметност, Лазар Личеноски. Објектот кој постојано сме го гледале и крај кој секогаш сме минувале кога патот не’ наведувал на кејот на Вардар, воодушевувајќи се на мозаикот кој го краси горниот балкон, овој пат можевме да го почувствуваме и одблизу, благодарение на изложбата на студентите од ФЛУ, во соработка со Националната галерија на Македонија, а со поддршка на Europe house.
Читај повеќеКолекционерски радости со албумите на „Панини“ и негувањето на детето во себе
Со лепењето на последната сликичка, деновиве финиширавме со полнењето на десеттиот, јубилеен албум од европските и светските фудбалски првенства, секако, во издание на Панини. Последниве неколку години имам голема помош од Ведран, кој оваа година веќе сам можеше да ги одлепи сликичките и да ги залепи на предвиденото место, без да ги оштети на ќошот при одлепувањето или да ги залепи малку накриво, како во претходните албуми. Така, и покрај дизајнерските недостатоци на кои многумина се пожалија, со најавата дека правата за следното светско фудбалско првенство кое во 2026 година ќе се одржи во Канада, САД и Мексико ќе му бидат одземени на легендарниот италијански издавач на албуми со самолепливи сликички, го прави актуелниот албум „Катар 2022“ драгоцен колекционерски примерок.
Читај повеќе„Репетитор“ во МКЦ – партали!!!
Kad bih bio radio antena
Slao bih valove s vrha Sljemena…
Не, не, Јура Стублиќ и „Филм“ му припаѓаат на едно минато време кога, се сложувам, имаше добар рокенрол, но нам ни треба приклучување кон сегашноста ловејќи ги „добрите вибрации“ од актуелните регионални бендови, а најпотентен меѓу нив секако е белградскиот „Репетитор“, кој синоќа направи партали-концерт во МКЦ. Впрочем, како и секогаш кога гостувале во нашиот град!
Читај повеќеУрбаниот профил на Скопје во современата проза
Денеска во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик, во организација на Институтот за македонска литература од 10 до 15 часот се одржа конференцијата насловена „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“. Проектот кој Институтот го реализираше со поддршка од Град Скопје имаше за цел да ни го претстави главниот град како инспирација во прозното творештво на македонските писатели од старата, средната и новата генерација. По воведното обраќање на директорката Наташа Аврамовска, најпрво ја проследивме промоцијата на зборникот „Писменото и книжевното културно наследство на Скопје и скопско“ на Маја Ангеловска-Панова, а потоа претседателката на одборот Соња Стојменска-Елзесер направи пресек на проектот кој ќе се случува и во следните две години.
Читај повеќе