Архива за категоријата: Македонски филм

Во овој фолдер ќе прочитате осврти, интервјуа и рецензии кон македонските филмови во новиот милениум, текстови претежно поместени во моите две книги „Филм.мкд“ (2016) и „Филмски град“ (2018)

Кон „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова

По светската премиера на ценетиот филмски фестивал во Каиро во ноември, деновиве „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, по премиерата во „Фросина“ во МКЦ, може да го види и домашната публика на репертоарот во домашните кино храмови. Имајќи ја предвид информацијата дека филмот на А-фестивалот во Египет предизвикал одлична заинтересираност, но дека истата дошла претежно од колегите, бидејќи билети за фестивалската публика не биле пуштени во слободна продажба, ме скокоткаше љубопитноста за што тоа „се фатиле“ египетските „цензори“ во дебитантското остварување на македонската авторка. Пред премиерата на филмот на домашно тло можевме да прочитаме уште два куриозитета поврзани со него: Венинова нагласува дека, почнувајќи од идеја до крајна реализација, на него работела десет години, што е прилично долг период, за потоа да  снима за време на ковид-пандемијата во исклучителни услови на претпазливост, што исто така претставува еден вид ексклузивитет поврзан со филмот.

Читај повеќе →

Кон „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска

До неодамна, омилената адреса на сестрите и брат Митевски беше Берлиналето. Откако во 2019 година со „Господ постои, името и’ е Петрунија“ конечно влегоа и во главната фестивалска селекција, тие со своето актуелно остварување решија да бидат дел од најстариот филмски фестивал во светот, Венециската Мостра. По премиерата на „Најсреќниот човек на светот“ во селекцијата „Хоризонти“, а веднаш потоа и учеството на исто така престижниот филмски фестивал во Торонто, македонската премиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на 27 октомври во киното „Милениум“. Во очекување на редовното прикажување на ова целовечерно осварување во наредниот период, решив освртот да го оставам токму во деновите кога тој ќе биде дел од репертоарот на домашните кина. Конечно, во следните денови домашната публика ќе може да го погледне филмот во неколку кинотечни термини. Иако помина прилично време од премиерата, белешките се тука, впечатоците се малку избледени, но не и заборавени, и во следните редови ќе се обидам да проникнам зошто Митевска во своето шесто целовечерно остварување решила да ги третира траумите од босанската војна во последната декада од минатиот век.   

Читај повеќе →

Кон „Кајмак“ на Милчо Манчевски

Откако маркетиншки одлично беше одработена задачата по светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, на која се надоврза учеството на ценетиот фестивал „Golden horse“ во Тајван, новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја доживеа и својата домашна премиера, а веќе од следниот ден и широката дистрибуција низ македонските кина. Информациите за одличниот прием на филмот во азиските земји, каде вообичаено се бара билет повеќе за проекциите бидејќи љубителите на седмата уметност, за разлика од нашите фестивали, ги полнат кино-храмовите до последното место, беа навистина пријатни за конзумирање. Во време кога баш и не слушаме и читаме позитивни информации на сите полиња од општественото живуркање, епиететот „мрсна сатира“ ја заголицка фантазијата на овдешната јавност, надополнет со еротските сцени од трејлерот на филмот. Со тоа беа создадени сите услови за филмски спектакл, кој со повторувањето на промотивната формула од претходникот „Врба“, се случи во прекрасната филхармониска сала во Скопје.

Читај повеќе →

Кон „Мими“ на Даријан Пејовски

Седум години по првенецот „Три дена во септември“, режисерот Даријан Пејовски ни го „подарува“ својот втор долгометражен игран филм едноставно насловен „Мими“. Снимен на модерен начин низ скопските улици, мудро избегнувајќи го споменичното шаренило и нагласувајќи го урбаното наследство на градот по фаталниот земјотрес, филмот ни ја раскажува приказната за психологијата на провинцијата наспроти метрополата (не штедејќи ја ниту едната ниту другата како начин на светоглед во животот), на крајот протнувајќи и нотка на универзалност преку мајчинството како чувство кое токму во овие „модерни“ времиња е ставено на испит. 

Читај повеќе →

Кон „Снежана на крајот умира“ од Кристијан Ристески

Скопје како метропола и главен простор на збиднувањата кои од светот се преселуваат на нашите улици, пропуштени низ локалните филтри и прилагодени на овдешното, неретко претставува инспирација за македонските филмаџии, особено во остварувањата во новиот милениум. На оваа констатација совршено и’ припаѓа и филмот на сценаристот и режисер Кристијан Ристевски, чие деби остварување претставува лична карта на градот кој постојано инспирира, иако (не)случувањата во истиот често пати знаат да ве доведат и до очај.

Читај повеќе →

Кон „Сестри“ на Дина Дума

Многу се радувам кога треба да пишувам текст за одлично македонско остварување, особено и поради фактот што се работи за дебитантски филм кој делува како да го реализирала веќе зрела и изградена филмска авторка. Ова го нагласувам бидејќи во последниве години имам добар увид во регионалната и светска продукција на први и втори остварувања, и можам слободно да констатирам дека „Сестри“ на Дина Дума е едно од најкомплетните остварувања кое имав можност да ги погледнам, и уште поважно, да ги доживеам.

Читај повеќе →

Кон „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски

По речиси една ипол година, едно од последните остварувања во македонската кинематографија овие денови можеме да го гледаме и на редовниот кино репертоар во „Синеплекс“. „Ефектот на среќа“ својата премиера ја доживеа одамна, на отворањето на „Синедејс“ во ноември 2019 година, за во меѓувреме, планот за кино прикажување драстично да се смени по појавувањето на светската пандемија. Така, сакал-нејќел, дебитантскиот филм на Борјан Зафировски стана „најдобро чуваната тајна“ на новиот македонски филм, која беше потхранувана со позитивни зборови и импресии од оние малкумина кои во меѓувреме успеаја да го видат на тие пар проекции во „Милениум“, МКЦ и Кинотека. Конечно, филмот се појавува и пред судот на пошироката публика токму овие денови, која исто така не е голема на број, со оглед на протоколите за одржување на јавни настани, вклучувајќи и кино-претстави. Проекцијата на која јас и уште триесетина филмофили го проследивме филмот беше посветена на штотуку починатиот монтажер, легендарниот Андрија Зафрановиќ, кој е „виновник“ и за квалитетната монтажа на филмот на Зафировски, чие дело неодамна го доби и првото фестивалско признание на SEE Film Festival Online.

Читај повеќе →

Кон „Хомо“ на Игор Иванов

По премиерната проекција на затворањето на годинашниот „Синедејс“ на кровот на ГТЦ во септември, новото остварување „Хомо“ на режисерот Игор Иванов Изи деновиве е на редовниот репертоар во „Синеплекс“. Нестварно делуваше последната вечерна проекција во „Сити мол“, кој по 22 часот веќе беше празен, а десетината филмофили во најголемата кино сала беа единствените гости во трговскиот центар во моментот.

Читај повеќе →

Кон „Стела“ на Стојан Вујичиќ

Најавуван како прв долгометражен филм за деца и млади во македонската кинематографија, „Стела“ веднаш не’ втурнува во приказната за дисфункционалното семејство, во кое многу нешта не се в ред. Бракот помеѓу Македонецот (Дејан Лилиќ) и Германката (Христина Поповиќ) не функционира, а највеќе страда Никола (Петар Маниќ), кој, освен тоа, е малтериран и од врсниците во училиштето. По обидот за самоубиство, нештата дома само навидум се менуваат, и тој се решава за бегство. Каде? Во Галичник!

Читај повеќе →

Кон „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов

На актуелниот „Синедејс“ имавме можност да присуствуваме на скопската премиера на филмот „ТМ“ на веќе докажаниот тандем Димитријевиќ-Иванов. По нивниот прв самостоен проект „Копање“ од 2018 година, релативно бргу, тие ни подаруваат нов „no budget“ филм, на кој може да му позавидат многу домашни автори. Филмот е скапа играчка, но кога финансиите ќе го анулираат ентузијазмот, резултатот на големото платно е далеку од задоволувачки. Спротивно на тоа, (секако, не секогаш, но) кога работите со ентузијазам и со љубов кон филмската уметност, притоа добро владеејќи го филмскиот занает, резултатот на крајот од денот е неизбежен.

Читај повеќе →