Архива за категоријата: Македонски филм

Во овој фолдер ќе прочитате осврти, интервјуа и рецензии кон македонските филмови во новиот милениум, текстови претежно поместени во моите две книги „Филм.мкд“ (2016) и „Филмски град“ (2018)

Кон „Скопје ремикс“ (2012)

Во далечната 1993 година тогашните ФДУ-пулени Дарко Митревски, Александар Поповски и Срѓан Јаниќијевиќ добија прекрасна шанса да го снимат своето филмско деби во рамките на тазе независна Македонија. „Светло сиво“ беше прв експериментален проект од таков вид во домашната кинематографија, омнибус составен од три кратки филмови, секој од нив прикажувајќи го посебниот сензибилитет на потпишаниот автор. Речиси дваесет години подоцна сме сведоци на сличен проект, но сепак далеку покомплексен од претходникот, бидејќи „Скопје ремикс“ е омнибус составен од девет приказни, десет режисери, и она најспецифичното и најсублиминалното, сите тие раскажуваат стории за еден единствен град – Скопје.

Читај повеќе

Интервју со екипата на омнибусот „СКОПЈЕ РЕМИКС“

Првата македонска премиера во 2012 година се случи пролетта, симболично најавувајќи младешки филмски ветришта и во македонскиот филм. Имено, „Скопје ремикс“ (почетно „Д Скопје“) е филм што на едно место собра сè што е квалитетно и просперитетно во домашната филмска уметност, давајќи им можност на многу имиња кои, ако веќе немаат свој прв целовечерен филм, тогаш барем со еден свој краток проект да бидат дел од едно македонско целовечерно остварување. Филмот се снимаше долго, и околу него кружеа многу приказни, кои одеа дотаму дека поради идејно разидување, многумина од авторите, во моменти на нетолеранција, посегнувале по не баш популарни мерки за смирување на страстите (дипломатски кажано). Но, на крајот излезе еден симпатичен продукт што „Филмополис“ сесрдно го поддржа, бидејќи сметавме дека ваквите проекти се реткост, се случуваат генерациски еднаш и којзнае кога потоа, и затоа, и покрај сите слабости за кои се свесни и самите автори, безрезервно треба да се поддржат. На премиерата во киното „Милениум“ имав среќа (и време) паралелно да интервјуирам седум од десетте автори, во следната емисија гостин во студиото ми беше Вардан Тозија по повод неговиот филм „Свиркачот“ што најмногу ми се допадна, а со Ѓорче Ставревски и Синиша Евтимов едноставно се разминавме. Но, Евтимов и онака многу повеќе е театарски отколку филмски режисер, додека во „Филмополис“ број 277 бевме на снимањето на делот што Ставревски го снимаше кај Градска болница, со Ангелов како скитник кој бара отпушок повеќе пред зградата. На крајот, ми се чини дека со прилогот ја доловивме целосната слика за овој проект-манифест на филмаџиите што (ќе) ја сочинуваат иднината на македонската кинематографија.

Читај повеќе

Интервју со режисерот Владимир Блажевски, „ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ“

Во една здодевна врнежлива вечер ја посетивме екипата на филмот Панкот не е мртов, која во фабриката Треска имаше тешки услови за работа. Но ентузијазмот беше на ниво, особено кај авторот на филмот Владимир Блажевски, кој дури по 17-годишна пауза влегува во реализација на нов целовечерен проект.“  Ова беа воведните зборови во прилогот што одеше во „Филмополис“ број 272, кога со авторот и екипата на филмот зборувавме за предизвиците што ги носи филмот кој тие денови го снимаа, за мали пари, но со многу љубов. Меѓу другото, тогаш Блажевски ни кажа дека сценариото е готово веќе 4 години, по што во игра влегле 4-5 копродуценти, но откако можноста за соработка пропаднала, останал само доделениот буџет од Филмскиот фонд, што е многу малку и за домашни услови. Блажевски призна и дека музички панкот не му е близок, но дека ги препознава пораките што тој ги прокламира и токму тој дел од приказната бил провокативен за пишувањето на сценариото. Констатираше дека транзицијата во Македонија си го стори своето и дека на некој начин и ние овде со години живееме панкерски. Сепак, тој ќе се обиде филмот да кореспондира со поширокиот дел од публиката. И успеа во тоа. „Панкот не е мртов“ е еден од најнаградуваните македонски филмови, кој успеа, поради својата универзална мака за која раскажува, да биде препознаен од публиката и критичарите каде и да се прикажа. Инаку, премиерата на филмот се случи на отворањето на 14. издание на Скопскиот филмски фестивал. „Филмот е радикално и луто скопски, и затоа е природно премиерата да се случи токму на новото издание на СФФ“, заклучи Блажевски на пресот. Во кината низ Македонија се прикажуваше од 15 април. Интервју со Блажевски го направивме за стартот од новата сезона на „Филмополис“, по летната пауза и успехот на филмот на неколку фестивали на кои учествуваше, што навистина беше прекрасен повод за разговор. Читај повеќе

Разговор со екипата на „ОВА НЕ Е АМЕРИКАНСКИ ФИЛМ“

Во „Филмополис“ број 273 направивме прилог за снимањето на новото македонско остварување „Ова не е американски филм“, чија мобилност на екипата во тие денови се забележуваше на разни локации низ главниот град. Нам ни дозволија да ги снимаме на покривот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде што се одвиваше една гангстерска филмска сцена, во чија реализација беше вклучен поголемиот дел од актерскиот ансамбл. На покривот, со скопското сонце над нас,  позборувавме со истите протагонисти како и при подоцнежната  премиера на филмот, па затоа одлуката падна да го претставиме интервјуто со екипата на веќе гледан филм, по кинопремиерата во „Милениум“, за разлика од зафркантските изјави за време на снимањето, кога многу работи во однос на филмот сè уште беа отворени и лебдеа во воздухот. Но, забележав и за време на тоа снимање дека работата некако лабаво делува, како да се снима телевизиска драма, а не игран филм. Токму тоа ќе се забележи и во крајниот производ. Но, да не должиме многу, следува интегралниот текст од најавениот прилог, вклучувајќи ги, секако, и изјавите на продуцентот, режисерот, „несудениот“ сценарист и актерите во филмот.

Читај повеќе

Ментална револуција за човечка еволуција

Интервју со ЈОРДАН СИМОНОВ и КАМКА ТОЦИНОВСКИ, главните актери во филмот “ПАНКОТ НЕ Е МРТОВ” на Владимир Блажевски

14 издание на Скопскиот филмски фестивал го отвори премиерата на филмот “Панкот не е мртов” на Владимир Блажевски, а веднаш потоа ова ново македонско остварување играше и во кината во неколку градови низ државата.

Читај повеќе

Интервју со Марија Џиџева и дел од екипата на омнибусот „НЕКОИ ПОИНАКВИ ПРИКАЗНИ“

Џиџева во своето портфолио има многу повеќе документарни од играни проекти, со кои неретко добиваше и награди на фестивалите, кои благовремено, низ разговор ги покривавме и во магазинот. За „Списокот на Тони Манџа“ и наградата на Блекбокс фестивалот во Берлин, со авторката зборувавме во „Филмополис“ број 32, а премиерата за битолските ергени во потрага по руски жени во „Барајќи ја среќата“ ја покривме во „Филмополис“ број 454. Џиџева рамноправно влегува во овој преглед, пред сè поради прекрасниот проект чиј составен дел беше и таа. Станува збор за остварување што својата премиера во Македонија ја доживеа на фестивалот „Браќа Манаки“, но ние разговорот со Џиџева го направивме следната пролет, кога филмот ја имаше својата кинопремиера во Кинотеката на Македонија. „Некои поинакви приказни е омнибус составен од пет приказни режирани од пет режисерки, кои доаѓаат од петте новонастанати држави од поранешна Југославија. Деловите едноставно насловени словенечка, хрватска, босанска, српска и македонска приказна ги потпишаа младите авторки Хана Слак, Ивона Јука, Инес Тановиќ, Ана Марија Роси, и секако, Марија Џиџева, која беше особено возбудена поради домашната премиера на филмот.

Читај повеќе

Со чесна манипулација до посакуваната реална илузија

Кон „Мајки“ (MOTHERS, 123 мин.) на Милчо Манчевски

улоги: Ана Стојановска, Владимир Јачев, Димитар Ѓорѓиевски, Салаетин Билал, Ратка Радмановиќ, Емилија Стојковска, Милијана Богдановска, Диме Илиев, Марин Поп Панкова, Горан Трифуновски, Петар Мирчевски

За разлика од претходните случаи, кога паузите меѓу снимањето и премиерите на филмовите „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001) и „Сенки“ (2007) беа и повеќе од доволни за да се фрли критички поглед врз задоволството или незадоволството од сработеното, овој пат режисерот Милчо Манчевски релативно бргу повторно ги засука ракавите и влезе во филмскиот ринг, за кратко време подарувајќи ни го неговото четврто долгометражно остварување. Овој проект започна со реализација носејќи го работниот наслов „Како бебе“, за на крајот да финишира како „Мајки“, така заокружувајќи го јасниот авторски концепт во кој, иако приказните што ги раскажува содржат многу потслоеви, сепак, краткиот и впечатлив наслов ја дава онаа основна рамка на самите филмови. Читај повеќе

REVIEW: Milčo Mančevski’s MOTHERS (МАЈКИ)

With Honest Manipulation to the Desired Real Illusion

Unlike the previous instances, when the time period between shooting and premiere for the films Before the Rain (1994), Dust (2001) and Shadows (2007) was more than enough to cast a critical eye on the (dis)pleasure with the product, this time the director Milčo Mančevski relatively quickly got down to business and entered the filmmaking ring, giving us his fourth feature-length creation shortly afterwards. This project was initiated under the working title of Како бебе (Like a Baby) and ended up entitled Mothers, thereby going full circle on the clear authorial concept in which, even though the stories he tells contain numerous layers, still, the brief, clear and impressive title gives the main thread and framework in the films themselves.

Читај повеќе

Интервју со Митко Панов, „ВОЈНАТА ЗАВРШИ“

2010 година исто така беше интересна на филмски план кај нас, бидејќи се случија премиерите на три сосема различни филмски остварувања. Едната од нив е премиерата на малиот-голем прв долгометражен игран филм на режисерот Митко Панов, „Војната заврши“ во киното „Рамстор“. Неколку денови пред тоа, на 27 октомври, светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство, режисерот ги подари 35мм копии од својот наградуван краток филм „Ливада“ на Кинотеката на Македонија, како симболичен потег за кревање на свеста и кај другите филмски автори, дека Кинотеката е единственото место каде што негативите и треба да се депонираат и чуваат. Со краток прилог за овој настан и го започнавме магазинот, во кој скромниот Панов од еден сосема поинаков агол ни зборуваше за филмот и за идеите што го преокупираат, сакајќи да ги преточи во подвижни слики и да ѝ ги подари на публиката. Читај повеќе

Интервју со Милчо Манчевски, „МАЈКИ“

По „Сенки“, Милчо во топ-форма! Премиерата на „Мајки“, кој прво имаше работен наслов „Како бебе“, се случи на новото издание на „Браќа Манаки“, каде што на отворањето ми се чини дека на повеќето од луѓето по проекцијата им се вртеше во стомакот, вклучувајќи ме и мене. Тоа чувство ми траеше и во текот на ноќта и не ми даваше мирно да заспијам, за сабајлето со колегите низ утринско кафе постојано да зборуваме за филмот и да го гледаме од различни аспекти, кој од кој повозбудлив. А Манчевски вечерта на отворањето, по проекцијата на „Мајки“, ноншалантно, во блуза со огромен Хомер Симпсон на неа, како да сакаше да ни ги види лицата и слатко да ни се насмее во очи. Филмот потоа почна да се прикажува и на редовниот репертоар во домашните кина, односно онаму каде што има барем минимални услови да се прикажува, како што Манчевски го започна интервјуто. „Мајки“ во киното „Милениум“ прво се прикажуваше само во терминот од 17.30 поради претставите на тогаш актуелниот „Синедејс“, но потоа остана на репертоарот уште најмалку еден месец. Јас одвај чекав да го направам интервјуто со Милчо, зашто директно сакав да го прашам многу нешта, кои по проекцијата и понатаму ме копкаа.  Читај повеќе