Архива за категоријата: Македонски филм

Во овој фолдер ќе прочитате осврти, интервјуа и рецензии кон македонските филмови во новиот милениум, текстови претежно поместени во моите две книги „Филм.мкд“ (2016) и „Филмски град“ (2018)

„Мајмун еден!“

Кон „Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски

По успехот со „Панкот не е мртов“ (2011), кој освојуваше награди на светските фестивали и беше одлично примен од филмофилите, Владимир Блажевски во 2016 година влезе во нова филмска авантура, чиј финален производ овие денови можеме да го проследиме на големото платно. Годината во која, според кинескиот хороскоп, се влегува во владение на мајмунот, филмаџијата ја зема и како наслов на својот нов проект, откако работниот наслов „Слобода или смрт“ послужи како премин од панкерската приказна кон новата, комедија на апсурдот. Читај повеќе

You kill someone in Iraq?

Кон „Bikini moon“ на Милчо Манчевски

По долги седум ипол години, Манчевски повторно во филмска акција. По контроверзниот „Мајки“, и во своето ново остварување „Бикини мун“ авторот го продлабочува својот интерес за (лажната) документаристика, и се обидува да отиде чекор понатаму во истражувањето на овој суптилен жанр, кој, доколку му пристапите на експериментален начин, може и да ве изгори. Истовремено, режисерот и во своето ново остварување го применува принципот „филм во филм“ во поинакво, попродлабочено светло од претходните остварувања, таа толку експлоатирана постмодерна алатка не само во филмот, туку и во литературата и во другите уметности, па така низ целото остварување (демек) не знаеме што е лажно, а што реално, па користењето на различни визуелни формати при раскажувањето на приказната тук-таму ја разбива монотонијата на делото. Но, за жал, тоа веројатно честопати ќе создаде и конфузија кај гледачот, прашувајќи се дали режисерот држи сè под контрола или не.

Читај повеќе

Кон „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

Читај повеќе

Кон „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска

Изминативе денови се крена многу врева и прав околу новото остварување на Теона Митевска, „Кога денот немаше име“. Како фино маркетиншко надоврзување на фокусот врз филмот, продуцентите се решија, по македонската премиера на „Браќа Манаки“ минатиот месец, а во пресрет на неговата кино-прикажувачка премиера која стартува в четврток, на 12 октомври, да организираат две бесплатни претстави во рамките на „Бела ноќ“ во саботата, што беше одлична можност да се види овој едноиполчасовен филм заедно со шаренолика публика љубители на Седмата уметност, без помпезностите кои ги носи гала премиерата.

Читај повеќе

Кон „Златна петорка“ на Горан Тренчовски

Дебитантскиот долгометражен филм „Златна пeторка“ на Горан Тренчовски, кој зад себе има еден куп реализирани сценарија како на театарските штици, така и на телевизискиот екран, претставува школски пример за тоа како треба да се реализира филмска идеја со скромниот буџет со кој располагате. Тргнувајќи од една трогателна приказна за петте ликвидирани струмички студенти во 1951 година и распостилајќи ја истата се’ до денешен ден, имате впечаток дека навидум се работи за комплетен филм кому ништо не му недостасува. Но, по најавата на продуцентот дека од истиот ќе се направат и пет телевизиски епизоди, се остава простор нештата кои останале недокажани дека ќе ги видиме во серијата во поразвиена форма, што од друга страна, пак, и го оправдува чувството по завршувањето на проекцијата дека сте гледале добро прилагодена телевизиска драма на големото платно.

Читај повеќе

Кон „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија

Како и во многу наврати во блиското ни минато, и премиерата на филмот “Ослободување на Скопје” беше долго најавувана вест, за конечно (светската) да се случи летово на легендарниот филмски фестивал во Пула, а македонската на стандардното место, на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки” во Битола. Судбината на скопската кино-премиера пак, ја одложија неочекуваните тектонски поместувања на плочата под нашево Скопје, на што не беше имун кровот на киното “Милениум”. Во меѓувреме филмот беше прикажан и во Сараево и Финска, за конечно, на 1 октомври , да дојде до пошироката македонска кино публика.

Читај повеќе

Кон „ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ“ на Даријан Пејовски

Оваа филмска 2015 година во Македонија, како ретко која досега, ни понуди неколку премиери што ги задоволуваат сите критериуми на квалитетно целовечерно остварување. По филмовите „Медена ноќ“ на Иво Трајков и „Лазар“ на Светозар Ристовски, годината триумфално завршува со првенецот на Даријан Пејовски, „Три дена
во септември“.

Читај повеќе

Приказна за безимените околу нас

Интервју со Вардан Тозија, режисер

 – Помина долго време откако на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”, во рамките на активностите на „Сценаристичкото катче”, ја добивте наградата за развој на сценарио токму за филмот „Безимени“. Каков во меѓувреме беше животот на овој текст, дали можеби учествувате на некои слични настани пред да дојде до моментот на негова финална реализација во оваа, 2015 година?

Вардан Тозија: Сценариото за филмот „Безимени“ (сè уште под работен наслов) имаше долг и напорен, но „школски“ развој. Иницијалниот импулс го доби со учеството на EAVE, каде уште во рана фаза беше ставено „под лупа“ на голема група на интернационални филмски професионалци, пред сè консултанти за сценарио и продуценти. Следуваа уште неколку меѓународни работилници за развој, по што пристигна и валоризација за сработеното преку освоените награди на SEE Cinema Network и споменатото „Сценаристичко катче” во Битола.

Читај повеќе

Кон „ЛАЗАР“ (2015) на Светозар Ристовски

И покрај скандалите што го тресеа последното издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, за терезијата да превагне кон светлата страна на работите се погрижи филмот „Лазар“ на Светозар Ристовски, кој по 11-годишна пауза се враќа на големото платно со уште едно хируршки прецизно сецирање на премрежињата во просечното македонско семејство, како надоврзување на успешниот првенец „Илузија“. Или, пубертетлијата Марко одеднаш станал адолесцентот Лазар, но проблемите и по десет години се истите, неможноста да се побегне од оваа зачмаена средина, а како
единствен авторот на филмот ни ја нуди љубовта, чијашто чистина сепак не е гарант за комплетна исполнетост. 

Читај повеќе