Архива за категоријата: Филм

Филмската критика кај нас не функционира како што би требало, но се обидувам сето тоа да изгледа пристојно, будно следејќи и пишувајќи за случувањата во македонската кинематографија, но и пошироко. Во оваа рубрика со неколку подрубрики ќе прочитате се’ што успеав да проследам во изминатите две декади, откако ја следам Седмата уметност, со напомена дека најголемиот дел од текстовите се интегрален дел од моите две филмски книги, „Филм.мкд“ и „Филмски град“, а дел од нив се објавувани и на веб страните kritika.mk, kinoteka.mk и сл.

Колку јавноста знае за вас?

Доминацијата на еден куп американски документарни филмови кои во изминатите години ги окупираа нашите мисли и сетила со своите провокативни и истражувачки приказни, правејќи да се чувствуваме ангажирани граѓани со регуларно право на глас на планетата Земја, конечно, ја сруши еден малку поинаков тип на филм кој доаѓа од британскиот остров. Станува збор за 80-минутниот „Избришаниот Дејвид“ на Дејвид Бонд, кој бил испровоциран од државната бирократија која со писмо го известила дека во следните месеци нема да бидат во можност да испраќаат „детски додаток“ за нивната ќерка, бидејќи по грешка ги избришале податоците на дури 25 милиони Британци. Но, документарната форма дозволува широк дијапазон на делување, па авторот на филмот ја проширува зоната на истражување и уште на стартот го поставува прашањето: „Колку од информациите поврзани со нашиот живот се достапни во јавноста, и колку истата знае за нас?“

Читај повеќе

Психопрофил на убиецот во нас

Почнувајќи од премиерата на фестивалот „Санденс“ во јануари, преку „Берлинале“ и њујоршкиот „Трибека“, па се’ до неговата официјална кино-премиера на почетокот од овој месец, новото остварување на почитуваниот британски режисер Мајкл Винтерботом не престанува да крева прашина меѓу филмофилите и критичарите. И со право, бидејќи „Убиецот во мене“ претставува хируршки прецизно отсликана состојба на убиецот кој, веројатно, чучи во секој од нас, неуморно барајќи излез и реализација на своите налудничави идеи.

Читај повеќе

Драма за религиозната себе-потрага

Кон „Хадевич“ на Бруно Димон

Едно од највпечатливите остварувања на 13 издание на Скопје филм фестивал беше „Хадевич“, новиот филм на култниот француски филмаџија Бруно Димон. Предводникот на Новиот бран во француската кинематографија заедно со контроверзниот Гаспар Ное, неретко наградуван на светските фестивали, особено во Кан, 52-годишниот Димон и со своето актуелно чедо не’ води на патување во кое ние, како негови неми сведоци, се обидуваме да го сфатиме функционирањето на светот околу нас, иако истиот очигледно одамна го загубил својот компас.

Читај повеќе

Интервју со Билјана Гарванлиева, драматург и режисер

Македонската документаристика во минатото ги испиша своите ѕвездени моменти во домашната кинематографија, неретко освојувајќи многу награди на светските фестивали. По долгогодишно затишје, се појавија неколку интересни млади автори на документарци, кои ветуваат дека малку подзаборавениот жанр повторно ќе се врати на старите патеки. Најсветла точка меѓу нив е драматургот-режисер Билјана Гарванлиева, која, соочувајќи се со неможноста авторски да се реализира во сопствената држава, замина во Германија. Таа со прекрасниот документарен филм „Девојчето со хармоника“ покажа и докажа дека Македонија е плодна почва за изнедрување на одлични филмски раскажувачи во најспецифичниот филмски жанр. Престижната германска награда „Златна Лола“ е вистински доказ за тоа Фотографија: Самир Љума Читај повеќе

Љубов и интриги во царската Виена

Без голема помпа, црвен килим и останатите финеси кои го сочинуваат отворањето на еден фестивал, помина и годинашниот влез во 13-то издание на Скопје филм фестивал. За среќа, возбудата во киното „Милениум“ следеше веднаш потоа. Светлата се затемнија и блесна сребрениот екран, на кој до 29 април ќе се прикажуваат филмовите од главната програма. Епското остварување „Јас, Дон Џовани“ на славниот шпански филмаџија Карлос Саура е одличен избор за едно фестивалско отворање. Неговата грандиозност ги опсени сите во кино салата, како што тоа го направи и минатата есен на фестивалот во Торонто, каде филмот ја имаше својата светска премиера.

Читај повеќе

Воскреснување на митот

Кон „Кога си необичен: Филм за Дорс“ на Том ди Сило

Употребувајќи ја на почетокот познатата носталгична констатација, „како вчера да беше“ кога во 1991 година се појави филмот „The Doors“ на Оливер Стоун, кој врз нас, средношколците, делуваше хипнотички, разнесувајќи ни го умот без пардон. Распадот на Југославија беше во тек, наоколу – хаос, а од киноплатното врескаше харизматичниот Морисон (одлично одигран од Вал Килмер) кој таму некаде, кон крајот на 60-те, кога мојата генерација се’ уште не беше ниту родена, безрезервно го практикувал светогледот на новото време: „Живеј брзо и умри млад“. Долго време по гледањето на филмот не можевме да се собереме, а магијата продолжуваше во ситните саати низ градските кафулиња, кои го користеа моментот и правеа музички ривајвл токму на Дорси.

Читај повеќе

Лавиринтите на умот

Еден од главните настани на годинешното Берлинале беше светската премиера на новиот филм на Мартин Скорсезе, кој по четврти пат соработува со својот помлад пријател Леонардо ди Каприо, и по којзнае кој пат со својата верна монтажерка Телма Шунмејкер. Набргу по фестивалската фама се случи и официјалната кино-премиера на „Остров на проклетите“ насекаде низ светот, вклучувајќи ја и Македонија (кината „Рамстор“).

Читај повеќе

Војната како зависност од адреналин

Секоја година Американската академија за филм и наука милува да создава нови ексклузивитети и куриозитети кои медиумите ќе ги објавуваат во своите секојдневни приказни поврзани со доделувањето на Оскарите. Ниту оваа година не беше исклучок од непишаното правило, па така насловите претежно циркулираа околу тоа дека режисерката Кетрин Бигелоу постигна голема победа над поранешниот сопруг Џејмс Камерон, кој фрли огромни пари за спектаклот „Аватар“, кој на крајот остана со куси ракави, барем што се однесува до главните награди.

Читај повеќе

Филмски контроверзии: Депардје со темна кожа

Иако станува збор за драма-комедија која требаше глатко да помине на кино-благајните, сепак, „Другиот Дима“ на режисерот Сафи Небу откако на 10 февруари ја доживеа својата официјална кино-премиера во матичната Франција, не престана да предизвикува полемики околу изборот на еден од главните актери во филмот. Имено, славниот романсиер кој ја одбележа европската книжевност во 19 век, Александар Дима, кој начесто се самодекларирал како црнец поради афро-карипските корени на неговите предци, во новото остварување го игра Жерар Депардје, кој за потребите на улогата мораше да ја затемни својата кожа и цело време да носи кадрава перика за што поуспешно да го долови ликот на писателот, кој на човештвото му ги подари класиците „Грофот Монте Кристо“ и „Тројцата мускетари“.

Читај повеќе

Враќање на довербата

Кога еден актер одамна ќе ги достигне личните врвови во професијата, треба мудро да продолжи понатаму. Токму тоа се случува со култниот Роберт де Ниро, кој по неверојатните трансформации во текот на богатата кариера, во новиот милениум како да го најде својот нов начин на филмска возбуда, а тоа е играњето во семејни филмови каде улогата сосема природно кореспондира со неговата возраст. Едно од нив е новото остварување на режисерот Кирк Џонс насловено „Сите се добро“. Иако ова е само трет негов наслов, сепак, токму поради името на де Ниро, но и на останатата квалитетна актерска екипа, филмот заслужува особено внимание.

Читај повеќе