Архива за категоријата: Книжевност

Како долгогодишен ко-сопственик и уредник во ИЛИ-ИЛИ, во оваа рубрика ќе се обидам да го претставам најдоброто во нашето издаваштво, но и интересот како писател за книгите кои ме воодушевиле и оние кои штотуку треба да ги откријам.

Песни 2 – Чарлс Буковски

Дури по смртта на Чарлс Буковски, станало јасно колку многу песни напишал во последната деценија од својот живот, која дефинитивно била најплодна. Она што „му го подариле боговите“ тој едноставно го ставал на хартија без никакви предрасуди, па меѓу стотината објавени песни има одлични, добри и помалку добри, но едно нешто е сосема очигледно – тој останува неповторлив глас секогаш на страната на малиот човек, пред чија искреност еве, и по три децении од неговата смрт, искрено се поклонуваме.

Читај повеќе

Семафор, расказ

Студено утро, осум часот. Малку возила низ улиците. Веќе сите се на своите топли работни места. Одамна не сум станал толку рано. Ова ми е еден од последните испити, и морав добро да го подготвам, останувајќи до доцна во ноќта во последните седум денови. Го паркирам автомобилот, откако претходно ми наплатија билет на влезот од Универзитетот (проклети бирократски крадци!), и се упатувам кон големата сива градба – грдосија, со дување топол здив во дланките.

Читај повеќе

Видео запис од промоцијата на романот „Молчи со отворена уста“

Точно по половина година од промоцијата на книгата „Молчи со отворена уста“, вториот роман на Снежана Младеновска Анѓелков, кој во меѓувреме влезе во финалето на наградата “Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“, се потсетуваме на таа прекрасна вечер во МКЦ Клуб ресторанот преку видео запис од настанот.

Читај повеќе

„Скопски дамари“ од Благоја Иванов

Денеска од печат излегува збирката раскази „Скопски дамари“ од реномираниот македонски писател Благоја Иванов, со поднаслов „автентичен книжевен вкус на старо и ново Скопје низ дваесетина антологиски раскази “. Се работи за 184 издание во едицијата „Проаза“, чиј визуелен дизајн е дело на Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е поддржано од Град Скопје. Книгата на денот на излегувањето ќе може да се купи по промотивна цена во нашата и Ваша книжарница „ИЛИ-ИЛИ“.

Читај повеќе

„Ти, моја, безмилосна една!“ од Цветанка Колева

Осмата книга во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ му припадна на новиот поетски ракопис на Цветанка Колева со интригантен наслов „Ти, моја, безмилосна една!“. Во предговорот на збирката, авторката пишува: „Помеѓу овие страници има преживеани записи од осум зими и деветта пролет. Три жени: Снежана Стојчевска, Љупка Антеска и Габриела Стојаноска-Станоеска, го поттикнаа во мене создавањето на „Ти, моја, безмилосна една!“ на суптилен, пријателски, женски начин. Им благодарам“.

Читај повеќе

„Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов

Како кога заспиваш дете: се обидуваш да се извлечеш тивко и бесшумно од постелата, да се искрадеш на прсти и да излезеш од собата без да го разбудиш. Tоа, сепак, се буди, го забележува твоето ситно предавство и со плачлива наредба те повикува назад во креветот. Немаш избор и се враќаш, со лутина што не ја покажуваш поради плановите што се одложуваат на неодредено, сè додека малечкото не го обземе малку поцврст сон. Но, истовремено, чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното, сега веќе поспокојно дишење на детето што не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно. На речиси ист или сличен начин, некои луѓе никогаш не си заминуваат од Скопје.
Читај повеќе

„Скопски дамари“ од Благоја Иванов, предговор

„Некои лица, некои предмети, некои предели се јавуваат во сеќавањето како светли траги во примракот за да не’ потсетуваат на времето фатено во мрежата на старите улици, исчезнати меѓу новите бетонски блокови на сегашноста. Со глув ѕвон одѕвонуваат старите имиња, исчезнуваат тие заедно со старите предели. И само сеќавањето понекогаш ги спасува од суровоста на заборавот, за да ни се вратат несмело, небаре се сеништа што тешко ја поднесуваат дневната светлина. Па така, старите предели се губат полека и засекогаш, заедно со старите имиња. Потонуваат тие во длабините на заборавот и во вировите на секојдневноста, како бродови со драгоцен товар што залудно го очекуваат случајот да ги отпрета од немирното дно на водата“.

Читај повеќе

„Смоква“ од Горан Војновиќ

„Смоква“ е досега најкомплексниот и најзрел роман на Војновиќ, значително поинтимен, фокусиран на судбината на три генерации од едно семејство, битно обележан со некогашната заедничка држава и со нејзиниот распад. Како и сите претходни романи, така и овој ги надминува границите на матичната словенечка книжевност, првенствено поради темите со кои се занимава, поради јазикот со кој се служи и поради сместеноста на фабулата, но и поради преокупацијата со прашањето на идентитетот и на неговото создавање.

Читај повеќе

Песни 1 – Чарлс Буковски

Чарлс Буковски беше еден и единствен, автентичен глас на маргинална Америка. Многумина за време на неговиот живот и после неговата смрт се обидуваа да го копираат, но не успеаја во намерата. Неговите песни се лек во времиња како овие, кога човештвото не знае што да прави со себе. Впрочем, песните на Буковски функционираат во секое време-невреме. Затоа е добро да се има колекција од неговата поезија, на која во секој момент можеш да се потпреш. 

Читај повеќе

Кон „Шрапнел“ од Игор Анѓелков

пишува: Лидија Димковска

Најновиот роман на Игор Анѓелков, „Шрапнел“ (Или-Или, Скопје, 2020), се чита во еден здив од неколку часа и како што ми се допадна мене мислам дека ќе им се допадне на многумина читатели. Во романот две приказни течат најпрво одделно,  како разговор помеѓу двајца писатели кои се подготвуваат секој да го напише својот роман, а потоа со договор помеѓу нив, се слеваат во една приказна во која, сепак, ги зачувуваат своите автентични карактеристики.

Читај повеќе