Архива за категоријата: Книжевност

Како долгогодишен ко-сопственик и уредник во ИЛИ-ИЛИ, во оваа рубрика ќе се обидам да го претставам најдоброто во нашето издаваштво, но и интересот како писател за книгите кои ме воодушевиле и оние кои штотуку треба да ги откријам.

„Prague intima“ на Влатко Деков

„Постојат места кадешто времето е запрено, како и приказните на луѓето кои живеат таму. Се вљубуваме во овие места, тие не’ пленат и не’ претвораат во ликови од приказните кои за нив ќе ги раскажуваме подоцна. Оваа изложба е визуелна сторија токму за едно такво место. Личен, интимен портрет на еден од најубавите и најмагични места на светот, Прага“.

Читај повеќе

„Овци од гипс“ од Јурица Павичиќ

Денес од печат излегува последната планирана книга од нашата работилница за оваа година, одличниот роман „Овци од гипс“ на мојот сплитски колега, писателот и филмски критичар Јурица Павичиќ, со кого летово имавме фина дружба на негов терен. Не ја пропуштајте книгава, одлична е! Истата предизвика мноштво реакции кога премиерно излезе во Хрватска, поради тоа што обработува многу чувствителна тема, со дејствие во 1992 година во Сплит, родниот град на авторот. Преводот од хрватски јазик е на Дејан Василевски. 

Читај повеќе

„Средни години“ од Алеш Мустар

Денеска од печат излегува новата книга во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ, и за прв пат – превод, поточно, препев. Се работи за збирката поезија „Средни години“ на словенечкиот автор Алеш Мустар, во препев на Лидија Димковска.

Читај повеќе

Два огледи, еден роман: Молчи со отворена уста

Во четвртокот (28 ноември) во МКЦ клуб ресторанот се одржа промоцијата на вториот роман „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков. Во прекрасна атмосфера со многу насмеани лица, која музички ја обликуваше маестро Мухамед Ибрахими на акустична гитара, промоторките Елизабета Баковска и Калина Малеска со својот настап успеаја во целост да го привлечат вниманието на присутните, кои внимателно и љубопитно ги проследија нивните промотивни говори. Молкот беше и повеќе од посакуван за да се чујат излагањата на двете писателки, токму оној молк за кој и зборува авторката на книгата, а за кој и Баковска и Малеска се осврнаа во своите текстови. Во продолжение, интегрално, нивните гледишта за романот кој отвора многу прашања и кој треба да предизвика интересни книжевно-политички полемики, доколку сме нормално општество со здраво интелектуално јадро.

Читај повеќе

Скопје на поштенски марки

По повод 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, Македонски пошти, како што вообичаено се прави по повод вакви значајни јубилеи, ја промовираше новата поштенска марка. На неа е претставен споменикот „Ослободители на Скопје“ од 1955 година на вајарот Иван Мирковиќ, кој, интересно, е направен од бронзата на спомениците кои гордо стоеле покрај Камениот мост за време на СХС, а кои, откако биле симнати, долго време стоеле во магацин во Даут пашиниот амам, за на крај да ја најдат својата соодветна примена во новата скулптура која и ден-денес е поставена во дворот на владината зграда (голема благодарност за овие информации до писателот Благоја Иванов).

Во ИЛИ-ИЛИ од минатата година ја имаме книгата „Скопје на поштенски марки“ на авторите Климе Поповски и Виктор Габер. Со поднаслов „Историја и мотиви“, страсните филателисти на едно место ни го претставуваат главниот град низ поштенски марки, чија презентација е проследена со соодветни текстови, како мал историјат на Скопје низ децениите наназад, и еден поинаков увид во културно-историските збиднувања на овие простори во текот на 20 век. Двојазичната книга (македонски и англиски) минатата година ја доби наградата „Голем позлатен медал 2018“ на филателистичката изложба во Верона, Италија, како доказ за нејзината вредност и значење.

Читај повеќе

Рецепцијата на Георги Господинов во Македонија

Периодов романот „Физика на тагата“ на Георги Господинов повторно е во фокусот. Неодамна тој ја доби престижната полска книжевна награда „Ангелус“ токму за преводот на веќе култниот роман, а минатата недела на премиерата на истоимената анимирана варијанта на книгата од Теодор Ушев, во Софија присуствуваа 3000 луѓе. Според најавите, набргу следи и њујоршка премиера.

По тој повод, професорката Елизабета Шелева од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје го отстапи за објавување нејзиниот есеј од славистичкиот собир во Љубљана одржан во мај годинава, на кој настапи со една опширна опсервација насловена „Рецепцијата на Георги Господинов во Македонија“. Секако, голема благодарност до професорката за овој гест, а Вам ви останува да читате и – да уживате 😉

Читај повеќе

„Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш

ИЛИ-ИЛИ ја заокружува својата есенска издавачка приказна со новата прозна книга  насловена „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш. Се работи за збирка раскази која фигурира како 178 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“.

Читај повеќе

„Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков

За сите беше огромно изненадување кога петчленото жири за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник одлучи таа да отиде во рацете на дебитантката Снежана Младеновска Анѓелков за нејзиниот прв роман „Единаесет жени“. Тоа како да ја подотвори вратата и за другите автори од новата генерација на македонски писатели во следните години, односно, како да ја смени матрицата на размислување, конечно воочувајќи дека и кај нас почна да се создава нова, квалитетна литература која, зошто да не, треба и да се вреднува. По осумгодишна пауза авторката се враќа во книжевноста со својот втор роман, „Молчи со отворена уста“, како 177 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.

Читај повеќе

„Неми филмови“ од Димитар Димоски

Многу ми е ќејф што во ИЛИ-ИЛИ продолжуваме да ги поддржуваме новите, млади гласови во македонската литература. Еден од нив е и Димитар Димоски, кој во изминатите години го покажа својот талент преку пишувањето раскази, идеална форма за секој книжевен почетник. Тој веќе има освоено неколку награди за нив, а во „Неми филмови“ се претставува како зрел дебитант-раскажувач кој владее со својот израз, раскажувајќи приказни во кои идеално ги сопоставува личното и фикционалното. Свои  деби изданија во ИЛИ-ИЛИ ги имаа Румена Бужаровска, Снежана Младеновска Анѓелков, Ирена Јорданова, Давор Стојановски… Димитар Димоски на достоен начин ја продолжува таа низа, отворајќи простор за понатамошен развој на сопствениот раскажувачки талент.

Читај повеќе

Актуелните Нобеловци Токарчук и Хандке во издание на ИЛИ-ИЛИ

По минатогодишниот секс скандал кој ја потресе Шведската академија, која ја доделува награда за литература, во четвртокот беа доделени две Нобелови награди за 2018 и 2019 година. Носител на престижната награда за минатата година е полската авторка Олга Токарчук, која со години отворено се спротиставува на политиките на актуелната власт во својата земја, поради што таа е ставена „под мраз“, додека нејзиниот колега по перо Петер Хандке е годинашен добитник на наградата. Мислејќи дека овој пат ќе бидат поштедени од контроверзи, токму именувањето на австрискиот писател за лауреат предизвика бура од реакции кај многумина, бидејќи академијата писателот кој отворено застана на страната на Слободан Милошевиќ во 90-те го нарече „еден од највлијателните писатели во Европа“ . Со тоа се отвори дебата дали личноста треба да се одвои од неговото дело при доделувањето на една ваква особено значајна награда, или пак не.

„ИЛИ-ИЛИ“ отсекогаш имал чувство за квалитет, и дел од едицијата „ПРОаЗА“ се романите „Талкачи“ на Олга Токарчук (превод од полски на Лидија Танушевска) и „Стравот на голманот од пенал“ на Петер Хандке (превод од германски на Ива Фиданчева).

Читај повеќе