Годината е 1999. Студиите по новинарство се при крај, и по актуелниот радио ангажман во „Стотројка“ и хонорарните текстови низ разни македонски весници и списанија, ми се укажува можност да почувствувам како е да се работи и во телевизиски медиум. Тогашен ТВ Сител беше сосема поинаков од денешниот, со многу ентузијасти кои си ја сакаа и си ја знаеја работата, која резултираше со интересни телевизиски продукти.
Попладневниот магазин беше од областа на културата, и во негови рамки правам прилози на разни теми, меѓу кои највеќе ја третирам домашната музичка сцена. Сето тоа по кратко време се претвори во еднонеделен дваесетминутен магазин со наслов „Нова машина“.










