Архива за категоријата: Скопје

Скопје како љубов, Скопје како инспирација, Скопје како движење, Скопје како омраза… Скопје како начин на живот!

Јазикот како универзална форма на поврзување со Другиот

Кон концертот на „Dead can dance“, 23.05.2022, Македонска филхармонија

Приказната сакаше 26 години по концертот во Будимпешта, култните Dead can dance повторно да ги гледам во мојот роден град. „Spiritchaser“ во 1996 година беше албумот после кој вечното дуо Лиза Жерар и Брендан Пери одлучија да тргнат по нов музички пат, издавајќи неколку соло проекти со еднаков квалитет како и оние кои ги креираа со матичниот бенд. И ако тогаш се возев по 20 автобуски часови во еден правец до унгарската метропола само за да ги гледам „смртниците кои танцуваат“ на двочасовен спектакл на отворено, најавата од минатото лето дека бендот по реоформувањето ќе гостува во Скопје многу ме израдува. Веднаш реагирав и земав билети за магичната вечер која ќе се случи дури по осум месеци, што ми беше прв пат да се одлучам на ваков потег, следејќи ги светските трендови. И да, Скопје на 23 (и на 24 мај) беше дел од светот, бидејќи на најдобар можен начин, со овации и воодушевување, ја пречека музичката атракција која на актуелната годинашна турнеја маѓепса многу свои поклоници на Стариот континент.

Читај повеќе

„Странци“ од Геновезе во Драмски

„Мислам дека имаме хит“, на времето велеше еден тип кој денес е во сосема поинаква улога, но можеби и не толку далеку од театарската. За еден театар е многу важно да има пар хит-претстави, но не оние кои служат за хахаха-хихихи (за тоа си постои театар „Комедија“), туку вистински интелигентни претстави за кои потоа уште долго ќе се зборува. Ми се чини дека комбинацијата Геновезе-Витошевиќ е добитна. Текстот на Геновезе е доволно провокативен, а режијата на Витошевиќ сосема паметна, и во тој случај, многу е веројатно дека крајниот резултат е – театарски хит!

Читај повеќе

Гараж-интервју со Неле К. во „Нова машина“

Од злато вредната архива деновиве го ископав и ова видео парче, во кое претставувам еден скопски гаражен бенд, се’ уште неименуван, но со одличен материјал кој чека да ја види светлината на денот. Главен музички двигател е Ненад Неделков, попознат како Неле К, со кого патуваме со такси низ градот до крајната дестинација, гаражите во Козле, каде го чекаат пајташите на проба.

Читај повеќе

„Силјан штркот Шанца“ од Дуковски во МНТ

Ете, имавме среќа после долго време да ја „начекаме“ претставата која својата премиера ја доживеа во 2016 година, и лека-полека стана навистина култна во Македонскиот народен театар. Впрочем, дуото Дуковски-Јаниќијевиќ уште од студентските денови на „Светло сиво“ ветуваше таква разврска, и во оваа претстава ги имаме во сиот свој сјај.

Читај повеќе

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Хадон/Стивенс во Драмски

Поминаа векови додека повторно го пречекорив театарскиот праг. Причината не ја знам. Можеби беа пресудни љубовта кон филмот и неговото континуирано следење. А во деведесеттите, мојата декада, не беше така. Сите претстави на репертоарот на скопските театри беа гледани по неколку пати, а новото издание на МОТ ни доаѓаше како мелем на рана, прикажувајќи ни ги новите тенденции на европската театарска уметност. Но еве, случајот сакаше, како за прв пат по подолго време, да наидам на вистински театарски бисер, кој дефинитивно ме убеди дека што побргу треба да проследам што се случува на домашните „штици што значат живот“. Не сакам отрцани фрази, но и самиот живот понекогаш е и тоа како отрцан, па… 🙂

Читај повеќе

Излетничко место и парк „Сарај“

Пријатно изненадување беше прошетката низ паркот во Сарај, кој многу одамна не сум го посетил. Излетничкото место каде вообичаено не’ носеа на екскурзија во основно училиште и понатаму е вистински бисер за опуштена прошетка.

Читај повеќе

Луминица – мало светло на крајот од тунелот

По четврт век од легендарниот настап во салата на тогашен МНТ, Александар Баланеску се врати во градот кој му оставил незаборавни сеќавања, прогласувајќи го скопскиот концерт во 90-те за еден од најдрагите во неговата блескава кариера. Тоа беа времиња кога неговиот квартет беше актуелен со албумот „Possesed“, на кој на А-страната се сместени петте антологиски преработки на темите на Крафтверк плус една од Дејвид Б’рн, а на Б-страната романскиот музичар го покажува својот раскошен талент за компонирање на современа музика. Плочата купена во Будимпешта пред концертот на Ник Кејв (тогаш актуелен со албумот „Let love in“) и ден-денес е една од моите омилени во домашната колекција. Но, и скопскиот концерт во петокот, на 11 март, ќе остане во нашите срца поради еден куп работи, а пред се’ поради величенствената изведба на квартетот на авторските композиции, на крајот зачинета со темата „Das Model“.

Читај повеќе

Последен поздрав до Радован Павловски

Сметам дека е сосема човечки кога ќе замине некој на оној свет, да го испратиме со кажување на некоја анегдота поврзана со него.

Кога во 2012 година Жане ја доби наградата „Роман на годината“ за „Единаесет жени“, г-нот Радован Павловски беше единствениот од старата генерација македонски писатели кој дојде на штандот на „ИЛИ-ИЛИ“ на скопскиот Саем и ја побара книгата, зашто (парафразирам по сеќавање) „се појавил нов глас во нашата книжевност, и тој би сакал да види за што се работи, особено бидејќи во прашање е дебитантка“. По краток муабет, ја зема книгата и замина, но ги заборави очилата на штандот.

Читај повеќе

Скопски графити 2.0

Почнувајќи нешто пред пандемијата, па се’ до денес (што значи – цирка две години), одејќи или возејќи велосипед низ скопските улици ги забележував актуелните скопски графити и ги ставав на ФБ, каде наидуваа на прекрасни коментари – од политички до хумористични. Во овој текст ги собирам на едно место, фино надоврзувајќи се на претходните текстови на оваа тема.

Читај повеќе

Филхармонија патува во вселената

Денеска во 12 часот присуствувавме на одличен новогодишен концерт за деца на македонската филхармонија насловен „Филхармонија патува во вселената”. На програмата беа „Планетите” на Густав Холст под диригенство на вонземјанинот Миле (Џијан Емин), надополнети со супер едукативните анимации на Емил Петров и Доријан Миловановиќ, и со Мартин Јорданоски како космонаутот Ратко кој прекрасно ги анимираше посетителите. Марс, секако, звучеше најмоќно. Убава увертира пред Новогодишните и Божиќните празници 😉

Читај повеќе