Архива за категоријата: Скопје

Скопје како љубов, Скопје како инспирација, Скопје како движење, Скопје како омраза… Скопје како начин на живот!

Видео запис од промоцијата на „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков

Потсетување на промоцијата на третата прозна книга на Жане насловена „Луѓето, а не градот“. Видео запис од вечерта на која главна тема беа приказните за Скопје кое (најверојатно) веќе не постои, но опстојува во сеќавањата на неговите жители, затоа што, како што вели и поднасловот на делото: „Она што се памети – живее“.

Читај повеќе

Кон романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ (Арс либрис, 2022)

Конечно, прозниот мајстор кој со децении наназад ja облагородува македонската книжевна сцена со прекрасни приказни, заслужено се вброи меѓу добитниците на наградата „Роман на годината“ за своето дело со генијално долго-осмислен наслов. Можеби тоа го заслужи уште со прекрасниот „Маџун“, мојот дефинитивен фаворит од неговата густа творечка библиографија, но Влада Урошевиќ и понатаму не престанува да изненадува со нови дела од својата книжевна лабораторија, па еве, во подготовка е новата збирка раскази „Вонземјанки“ со поднаслов „Раскази од Латинскиот кварт“, која во издание на ИЛИ-ИЛИ ќе излезе оваа пролет, на радост на бројните читатели и обожаватели.

Читај повеќе

Посветено на Благоја Иванов

На 7 март во Салон 19.19 при КИЦ во Скопје се одржа промоцијата на „Луѓето,а не градот“ на Снежана Младеновска Анѓелков. Книгата е посветена на старите скопски маала низ искази на луѓето кои интензивно го живееле маалскиот живот во главниот град во средината на минатиот век. Еден од најревносните хроничари на скопскиот живот во своите прозни дела беше професорот и писател Благоја Иванов, кому авторката му оддаде почит со видео запис во воведот на настанот, напоменувајќи ја токму таа негова посветеност на родниот град низ сиот свој творечки опус.

Читај повеќе

Нескротлива енергија од мозокот во срцето

Кон албумот „Мека машина“ на Хајка (Самиздат, 2023)

Со слушачка промоција на 28 јануари момците од бендот „Хајка“ го промовираа својот втор албум „Мека машина“. Темата која беше нивен ултимативен хит во текот на бројните настапи низ целата 2022 година стана наслов на второто свиречко чедо кое, за разлика од првенецот кој беше достапен само онлајн, си доби и свој физички компакт-диск облик.

Читај повеќе

Винилно реиздание на албумот „Као какао“ од Леб и сол

На средината од минатиот месец излезе долго најавуваното винилно реиздание на „Као какао“ од Леб и сол. Така, со мало задоцнување (ова е сепак Балкан, и покрај тоа што Хрватска неодамна влезе во Шенген зоната), беше одбележан јубилејот „35 години“ од објавувањето на култниот албум на најпознатиот скопски и македонски бенд. Изданието содржи прекрасен буклет со два квалитетни текста во однос на значењето на овој албум за некогашната музичка сцена на овие простори, а ремастериран е од оригиналните магнетофонски ленти од страна на Мајлс Шауел во легендарното „Abbey road“ студио во Лондон. Ова е воедно и првиот носач на звук во било кој формат од Леб и сол во мојата скромна домашна музичка колекција, и почувствував потреба текстуално да го одбележам овој свечен момент.

Читај повеќе

Кон „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска

До неодамна, омилената адреса на сестрите и брат Митевски беше Берлиналето. Откако во 2019 година со „Господ постои, името и’ е Петрунија“ конечно влегоа и во главната фестивалска селекција, тие со своето актуелно остварување решија да бидат дел од најстариот филмски фестивал во светот, Венециската Мостра. По премиерата на „Најсреќниот човек на светот“ во селекцијата „Хоризонти“, а веднаш потоа и учеството на исто така престижниот филмски фестивал во Торонто, македонската премиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на 27 октомври во киното „Милениум“. Во очекување на редовното прикажување на ова целовечерно осварување во наредниот период, решив освртот да го оставам токму во деновите кога тој ќе биде дел од репертоарот на домашните кина. Конечно, во следните денови домашната публика ќе може да го погледне филмот во неколку кинотечни термини. Иако помина прилично време од премиерата, белешките се тука, впечатоците се малку избледени, но не и заборавени, и во следните редови ќе се обидам да проникнам зошто Митевска во своето шесто целовечерно остварување решила да ги третира траумите од босанската војна во последната декада од минатиот век.   

Читај повеќе

Шапкар Перо

Секогаш кога шетам низ чаршијата, поминувам крај „Шапкар Перо“. Ова дуќанче во златарската улица морам да го ѕирнам, фрлајќи поглед врз актуелната понуда, особено откако во последниве години лете-зиме носам качкет.

Читај повеќе

Планетата Земја е тажна, и тука ништо не може да се стори…

Квантитативно скромно, но квалитативно вредно и сугестивно, „Бункерци“ веќе пет години ја трасираат својата издавачка патека со неколку стрип-изданија на македонски јазик во едицијата „Апсолутни почетници“. Сосема логично беше вака симпатично насловената едиција во своите пазуви да го вдоми и прекрасниот стрип на мајсторот Рајнхард Клајст, со чиј „Олимписки сон“ и почнаа да ја градат нивната стрип-бајка. Германскиот автор  својата интернационална препознатливост ја достигна токму со графичките романи посветени на музичките ѕвезди како Елвис Присли, Џони Кеш, Ник Кејв… меѓу кои најновото дело, издадено лани, му го посвети на најголемата поп икона на 20 век, што значи дека во рацете држите прилично тазе производ.

Читај повеќе

50 роденден на МКЦ

Денеска „Младинскиот културен центар“, поранешен „Дом на млади – 25 мај“, го слави 50 роденден. Како двегодишен постар брат, преку неговата дејност и програма градот го доживував на поинаков начин, учејќи многу нови работи. Како градска институција која неретко служела и за политички поткусурувања и партиски вработувања, сепак, на крајот секогаш успевала да задржи здраво ткиво на квалитетни луѓе кои низ децениите ги организирале најавангардните настани од различни области на културата во метрополата.

Читај повеќе

Промоција на „Засолниште во времето“ од Георги Господинов

На 1 декември наш и Ваш гостин беше Георги Господинов. По промоцијата на наградуваниот роман „Физика на тагата“ во 2015 година во Старата скопска чаршија, овој пат писателот го угостивме во киното „Фросина“ во МКЦ, кое беше исполнето до последното место. Имавме прекрасни промотори и љубопитна публика. Се случи уште една книжевна вечер за долго сеќавање.

Читај повеќе