Авторска архива: Игор Анѓелков

28. Интернационален филмски фестивал „Шлингел“ во симпатичниот град Кемниц

Многу ми е драго што од 23 до 30 септември сум дел од ФИПРЕСЦИ жирито на 28-то издание на филмскиот фестивал во Кемниц, Германија. Другите двајца членови се колегите филмски критичари Холгер Твеле (Германија) и Хозе Солис (Хондурас/Шпанија). Голем предизвик е да се погледнат филмовите кои третираат теми што ги засегаат децата и младинците, оние во чии раце е иднината на оваа планета, бирајќи го најдобриот меѓу нив.

Читај повеќе

Скопје – Европска престолнина на културата 2028!

Последниве години будно следам кои градови ќе ја понесат титулата „Европска престолнина на културата“. Замислата ми беше доколку се доволно близу, да одвоиме недела-две од годишниот одмор и семејно да ги посетиме, уживајќи во секојдневната програма која ја нудат. Често пати се покажало дека одморот во урбана средина полна со богата културна понуда знае да биде многу поубав од бесцелното дремење на плажа.

Се израдував кога во 2020 година Риека беше домаќин. Ене каде е, си реков, една фина посета на Истра ќе ни ги наполни батериите. Направија спектакуларно отворање на пристаништето, но за жал, се случи пандемијата, и работата не се одвиваше така како што беше предвидено. Лани Нови Сад ги пречека европските артисти од различна провиниенција, и на многубројни пунктови низ прекрасниот град понуди одлична програма.

Читај повеќе

Фото галерија + видео од промоцијата на романот „Мина“

По се’ изгледа, синоќа го дофативме оној магичен момент што нетрпеливо се очекува да се случи на промоциите. Тоа ми го посведочија присутните со насмевките на нивните лица, и тоа е најважно: кога посетителите се супер задоволни. Драги пријатели, Ви благодарам на Вашето присуство на синоќешниот настан во „Буква“, полно ми е срцето!

Читај повеќе

Промоција на романот „Мина“

Почитувани пријатели, утревечер, петок, 15 септември, со почеток во 19 часот во кафе-книжарницата „Буква“, ќе се одржи промоцијата на романот “Мина“. Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески, кои низ разговор со авторот ќе се обидат да дојдат до суштината на ова дело, кое беше објавено во мај како 222 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. Ова е шеста прозна книга на писателот, а негов четврти роман. Промоцијата е воведен настан на фестивалот „АртАреа“, кој за време на викендот нуди и други возбудливи книжевни доживувања.  

Читај повеќе

Кон изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски

Датумот први септември секогаш носел убавини и изненадувања. Едно од нив станува и изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски во Националната галерија на Македонија, триесет и кусур години по неговото последно самостојно ликовно претставување пред јавноста. Каква  возбуда!  

Читај повеќе

Кон „Asteroid city“ на Вес Андресон

Минатата седмица присуствував на хрватската премиера на новиот филм „Asteroid city“ на режисерот Вес Андресон. Кај нас дистрибутерите се’ уште се во длабока сиеста. Летното кино „Бачвице“ во Сплит беше совршена платформа за гледање на едно вакво специфично остварување на големиот екран, додека паралелно ги слушате брановите на Јадранското море, звукот на авионите кои на 5-10 минути полетуваат и одлетуваат од сплитскиот аеродром, а повремено се појавуваа и светлата на понекој дрон. Дрон!? После гледањето на филмот, не бев веќе сигурен во тоа 😉

Читај повеќе

„Хрватскиот поморски музеј“ на Грипе

Приказната сакаше да „трзнам“ од втора. Имено, при истражувањето на Сплит во „слободен стил“ пред четири години, патот ме наведе кон средновековната тврдина „Грипе“, според која е крстена и легендарната спортска сала, која тогаш беше во зоната на мојот интерес. Го забележав симпатичниот музеј посветен на морето и сите негови богатства низ приказни создадени од човекот, но некако не ми беше предизвик да го посетам. Овој пат со драго срце го сторив тоа и пријатно се изненадив. Музејските поставки се прекрасни, и на крајот од посетата добив чувство дека тоа е еден сосема засебен свет, за мене далечен и недопирлив, но сепак препознатлив преку книжевноста и филмовите. Всушност, кога подобро размислив, се работи за цел еден начин на живот кој многу луѓе на „третиот камен од Сонцето“ со векови го практикувале создавајќи своја лична историја. Затоа Ве поканувам да ги погледнете сите чуда кои ги затекнав на оваа музејска авантура. Добредојдовте.

Читај повеќе

Спортски игри на младите

Од 21 до 25 август, Сплит беше домаќин на завршницата на меѓународниот настан „Спортски игри на младите“. Во 10 дисциплини се натпреваруваа повеќе од 10 илјади деца и младинци од Хрватска, Србија и БиХ, земјите кои беа дел и од овој завршен спектакл. Во претходните месеци преку 260 илјади учесници беа дел од игрите, а финалињата се одиграа токму деновиве во „главниот град на Далмација“. Најатрактивно беше на просторот „Прокуратива“, каде овој единствен медитерански плоштад од 19 век се претвори во фудбалска арена на која се одржа и ревијален натпревар на кој учествуваа поранешните фудбалски ѕвезди како Луис Фиго, Кристијан Карембе, Естебан Камбијасо, Мехмед Баждаревиќ, Звонимир Бобан, Немања Видиќ, Аљоша Асановиќ… а како единствен претставник од Македонија беше селекторот кој не’ однесе на Европското првенство, Игор Ангеловски.

Читај повеќе

Пицигин

Пицигин е игра која се игра со мало топче на песочна плажа, во плиткото, или што би се рекло, до глуждови. Ова е „најсплитскиот“ спорт кој на плажите се појавил пред доаѓањето на фудбалот.

Читај повеќе

Кристалот на трпеливоста

Кон романот „Мина“; пишува: Никола Пијанманов

Се радувам на секој осврт кон книга: кус, експресивен, долг, есеистички… Во време кога оние кои тоа треба да го прават не се на ниво на задачата, многу ми значат илуминациите од драги луѓе. Всушност, во нив и единствено верувам.

Никола Пијанманов минатата недела на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ и’ ја „подари“ скулптурата инспирирана и посветена на песната „Есен“ од Рајнер Марија Рилке. Токму германскиот поет е една од референците во освртот кон романот „Мина“, кој Пијанманов го дочитал деновиве, во време кога и тој има причини за прослава на својата уметност. Велат дека писателот целиот живот пишува само една книга. Но Никола во освртот споменува и еден многу битен, клучен збор – трпеливост. Чинам дека тука лежи сета магија при создавањето на едно дело.

Читај повеќе