„We could be heroes just for one day“, David Bowie
Архива за категоријата: Македонски филм
Во овој фолдер ќе прочитате осврти, интервјуа и рецензии кон македонските филмови во новиот милениум, текстови претежно поместени во моите две книги „Филм.мкд“ (2016) и „Филмски град“ (2018)
Деновиве во домашните кина е актуелен новиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој минатиот месец ја отвори втората селекција по важност на венециската Мостра, „Хоризонти“. По поделените одгласи од колегите критичари, и откако во меѓувреме си ја изодува прилично богатата фестивалска агенда ширум светот, филмот може да го погледне и македонската публика.
Розевата овца не’ пречекува пред киното и не’ мами да се сликаме со неа. Чекај, прво да го видиме филмот, велам, па ќе се фотографираме, да не не’ измами! Таа изгледа розево, невино и наивно, но сепак ќе судиме за неа по гледањето на филмот, не паѓајќи во стапицата на многумина околу нас кои се дрзнуваат да го споделат своето мислење пред да погледнат, пред да прочитаат, пред да истражат… Живееме во површни времиња.
И да!!! Имајќи го на ум краткиот филм „Налепница“ со преку 30 фестивалски награди ширум светот, кој сериозно ме помести предизвикувајќи ми солзи на очите во таа последна клучна сцена во која се соочуваат таткото и ќерката, дебитантското остварување на младиот Георги М. Унковски е полн погодок од многу аспекти. Ќе се обидам во продолжение што е можно поедноставно да ги објаснам, како што тој го прави тоа во приказната која навидум е едноставна, а истовремено е и филозофска и длабоко човечна.
По супер успешната приказна со „Медена земја“ заедно со Љубомир Стефанов, двојната номинација за Оскар и еден куп фестивалски награди, пред режисерката Тамара Котевска е бурната 2024 година која сметам дека ќе и’ припадне во целост. Taa има одличен нов документарен филм „во ракавот“, на кој штотуку му следи интензивна промоција. Светската премиера на „The Walk“ се случи на 9 ноември на фестивал во Њујорк (Doc NYC), а од вечерва почнува и европското патешествие на филмот со премиера на фестивалот во Женева (FIFDH), а веднаш потоа и со пет проекции на фестивалот во Копенхаген (CPH DOX). Затоа велам дека токму оваа година треба да ја покаже и докаже моќта на сликите кои ги содржи ова 80-минутно ремек-дело, кое ги поседува сите елементи потребни за еден ваков проект: актуелност, политичка ангажираност, свесност, сочувство, кревање на свеста за бегалците, кинематичност…
По повод излегувањето на неговата дебитантска книга, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“ во 2010 година, Александар Русјаков во едно интервју насловено „Пишувам раскази за љубовта“, изјави: „Често се навраќам на љубовта, зашто неа ја има насекаде околу нас, и само со љубов може да одиме напред и да успееме во тоа што го правиме“. Тој и во следните изданија за издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ продолжи книжевно, низ поезија и проза, да ја третира љубовта од различни аспекти, прилично автентично и со својствен стил. За жал, прекрасната книга „Тринаесеттиот месец“ која содржи шест приказни како дел од поголема целина, никогаш не доживеа своја завршна реализација, останувајќи само на првата замисла која се протега од јануари до јуни. Приказните од јули до декември не ја видоа светлината на денот поради други ангажмани на Русјаков, како и завршниот, тринаесетти месец. Сепак, добриот материјал секогаш наоѓа процеп во темнината. Првиот расказ, или новела (ако сакаме жанровски да ја тапиме), „Лена и Владимир“, деновиве можеме да го гледаме и на големото платно, во режија на дебитантот Игор Алексов. На тој начин фино се затвора кругот околу ова парче уметност.
Ме израдува насловот на филмот кој Вардан Тозија го снимаше за време на светската пандемија. „М“ веднаш ми асоцираше на славниот истоимен филмски класик од 1931 година на германскиot режисер Фриц Ланг. По култниот „Метрополис“, тој на човештвото му го подари и ова антологиско филмско дело, кое отворено му покажуваше среден прст на растечкиот Нацизам во неговата држава, поради што набргу мораше да ја напушти земјата во пакет со главниот актер во филмот, фантастичниот Питер Лоре, и обајцата Евреи.
По редицата анимирани проекти, меѓу кои најуспешен е серијалот „Светот на Биби“, а во очекување на амбициозниот „John Vardar vs The Galaxy“ кој уште од 2017 година се најавува како првиот македонски анимиран игран филм и најголемиот копродукциски анимиран проект на Балканот досега, режисерот Гоце Цветановски деновиве ни го претстави својот прв долгометражен филм насловен „Бизнисот на задоволството“. Македонската премиера на ова остварување се случи на затворањето на „Синедејс“, а пред тоа филмот, за загревање, беше прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот „Во палатата“ во Софија, каде што ја имаше и светската премиера.
По светската премиера на ценетиот филмски фестивал во Каиро во ноември, деновиве „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, по премиерата во „Фросина“ во МКЦ, може да го види и домашната публика на репертоарот во домашните кино храмови. Имајќи ја предвид информацијата дека филмот на А-фестивалот во Египет предизвикал одлична заинтересираност, но дека истата дошла претежно од колегите, бидејќи билети за фестивалската публика не биле пуштени во слободна продажба, скокоткаше љубопитноста за што тоа „се фатиле“ египетските „цензори“ во дебитантското остварување на македонската авторка. Пред премиерата на филмот на домашно тло можевме да прочитаме уште два куриозитета поврзани со него: Венинова нагласува дека, почнувајќи од идеја до крајна реализација, на него работела десет години, што е прилично долг период, за потоа да снима за време на ковид-пандемијата во исклучителни услови на претпазливост, што исто така претставува еден вид ексклузивитет поврзан со филмот.
До неодамна, омилената адреса на сестрите и брат Митевски беше Берлиналето. Откако во 2019 година со „Господ постои, името и’ е Петрунија“ конечно влегоа и во главната фестивалска селекција, тие со своето актуелно остварување решија да бидат дел од најстариот филмски фестивал во светот, Венециската Мостра. По премиерата на „Најсреќниот човек на светот“ во селекцијата „Хоризонти“, а веднаш потоа и учеството на исто така престижниот филмски фестивал во Торонто, македонската премиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на 27 октомври во киното „Милениум“. Во очекување на редовното прикажување на ова целовечерно осварување во наредниот период, решив освртот да го оставам токму во деновите кога тој ќе биде дел од репертоарот на домашните кина. Конечно, во следните денови домашната публика ќе може да го погледне филмот во неколку кинотечни термини. Иако помина прилично време од премиерата, белешките се тука, впечатоците се малку избледени, но не и заборавени, и во следните редови ќе се обидам да проникнам зошто Митевска во своето шесто целовечерно остварување решила да ги третира траумите од босанската војна во последната декада од минатиот век.
Откако маркетиншки одлично беше одработена задачата по светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, на која се надоврза учеството на ценетиот фестивал „Golden horse“ во Тајван, новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја доживеа и својата домашна премиера, а веќе од следниот ден и широката дистрибуција низ македонските кина. Информациите за одличниот прием на филмот во азиските земји, каде вообичаено се бара билет повеќе за проекциите бидејќи љубителите на седмата уметност, за разлика од нашите фестивали, ги полнат кино-храмовите до последното место, беа навистина пријатни за конзумирање. Во време кога баш и не слушаме и читаме позитивни информации на сите полиња од општественото живуркање, епиететот „мрсна сатира“ ја заголицка фантазијата на овдешната јавност, надополнет со еротските сцени од трејлерот на филмот. Со тоа беа создадени сите услови за филмски спектакл, кој со повторувањето на промотивната формула од претходникот „Врба“, се случи во прекрасната филхармониска сала во Скопје.
Седум години по првенецот „Три дена во септември“, режисерот Даријан Пејовски ни го „подарува“ својот втор долгометражен игран филм едноставно насловен „Мими“. Снимен на модерен начин низ скопските улици, мудро избегнувајќи го споменичното шаренило и нагласувајќи го урбаното наследство на градот по фаталниот земјотрес, филмот ни ја раскажува приказната за психологијата на провинцијата наспроти метрополата (не штедејќи ја ниту едната ниту другата како начин на светоглед во животот), на крајот протнувајќи и нотка на универзалност преку мајчинството како чувство кое токму во овие „модерни“ времиња е ставено на испит.