Архива за категоријата: Остатокот од светот

Осврт кон филмовите од американската (независна) кинематографија, азиските остварувања, потентните јужноамерикански филмови и приказните од останатите егзотични кинематографии.

Мистеријата на смртта како вечен предизвик

Џенифер Чејмберс Линч, ќерка на најавтентичниот американски режисер Дејвид Линч, по 15-годишна пауза и’ се врати на својата стара љубов – професијата режисер, снимајќи го филмот „Надзор“ како нејзино второ долгометражно остварување. Откако доживеа голем успех како автор на бестселерот „Тајниот дневник на Лора Палмер“, четиво кое излезе за време на „Твин Пикс“ еуфоријата, таа се обиде и како режисер, снимајќи го контроверзниот првенец „Заробената Хелена“ (1993), во кој како опсесивни љубовници брилјира актерскиот пар Џулијан Сендс и Шерилин Фен. Но автомобилската несреќа и операцијата на ‘рбетот си го направија своето, па Џ.Ч. Линч остана во филмските води пред се’ како извршен продуцент на незабележливи остварувања, по што, конечно, седна на режисерското столче кое дефинитивно носи многу поголем креативен адреналин.

Читај повеќе

Студена војна во срцето на Андите

Откако славниот Индијана Џонс исчезна од филмското платно во 1989 година, неколку генерации љубители на филмот беа бомбардирани со тривилјални остварувања како неквалитетни копии на приказната за истражувачот на загубените светови, меѓу кои беа насловите како „Национално богатство“, „Сахара“, па и „Кодот на да Винчи“. По 19-годишна пауза стариот шегаџија повторно не’ втурнува во авантура по која бргу сфаќате дека љубовта на прв поглед кон овој филмски лик никогаш не исчезнала. Канскиот фестивал беше темпиран тајминг за светска промоција на долго најавуваниот четврти дел, а пропагандната машинерија на Џорџ Лукас, кој фигурира како продуцент и косценарист, со истовремена пост-фестивалска кино-премиера во стотици земји низ светот, меѓу кои и нашата, си ја постигна својата цел.

Читај повеќе

Анархо-спиритуален сон за животот

На актуелното издание на Скопскиот филмски фестивал (29 март – 6 април) една од програмските содржини што предизвикува особен интерес кај публиката е „Sound and fury“, во чии рамки изминативе две години можевме да ги видиме прекрасните рок-документарци за „Пиксис“, „Рамоунс“, „Секс пистолс“… Оваа година фестивалскиот селектор ни ги подарува приказните за Филип Глас, Бридерс, Едо Маајка, Фадо музиката… И генерално, последниве години претходно малку подзаборавениот жанр како повторно да се враќа на сцената, веројатно поради промената на поимањето на музиката, кадешто Интернет-мрежата одигра голема улога, па бидејќи луѓето станаа гладни за вистински херои во чии ставови и светогледи и самите ќе се препознаат, започна екранизирањето на животот и делото на старите бунтовни музички волци како Боб Дилан, Џони Кеш, Леонард Коен… а во моментов и една дама е во фокусот, панк хероината Пети Смит.

Читај повеќе

Буквар за гангстери

На последното издание на фестивалот „Браќа Манаки“, еден од угледните гости во Битола беше и познатиот холивудски продуцент Бранко Лустиг. Хрватот со американски пасош се прослави по соработката со Стивен Спилберг на „Шиндлеровата листа“, по што следеа неколку интересни проекти, од кои најдобро помина „Гладијатор“ на Ридли Скот. Соработката со режисерот продолжи и во следните неколку остварувања, и токму затоа Лустиг беше најповикан да каже збор-два за човекот зад култниот филм „Блејдранер“. Почитувајќи го нивното големо пријателство, продуцентот, крајно искрено, го опиша Скот како еден од оние филмаџии кои во секој момент сакаат да бидат во центарот на вниманието имајќи мегапроект во ракавот, бидејќи паузата од еден до друг негов успешен филм знае да биде прилично голема. Токму затоа Скот сака до крајот на кариерата постојано да биде зафатен со снимање на филмови за кои публиката ќе зборува. Во последниве месеци еден од тие наслови е „Американски гангстер“, блокбастер кој на едно место собра ѕвездена актерска екипа, со очигледна нагласеност на повторната соработка на режисерот со Расел Кроу по „Гладијатор“, како и со Дензел Вашингтон по филмот „Дежа ви“.

Читај повеќе

Источна екскурзија во западната хемисфера

И по триесет и две години од неговиот првенец, со новото остварување „Источни ветувања“, канадскиот режисер Дејвид Кроненберг докажа дека се’ уште ја поседува моќта да ги изненади и предизвика вљубениците во седмата уметност

Читај повеќе

Страста како основен елемент на љубовта

Филмската ревија насловена „Американската литература на филм“ во текот на декември привлече голем број љубители на седмата уметност во Кинотеката на Македонија. Токму во овие моменти, пак, еден од највпечатливите наслови во светските кино-храмови е адаптацијата на славниот роман „Љубов во време на колера“ на Јужноамериканецот Габриел Гарсија Маркес, кој на култниот писател му ја донесе Нобеловата награда за литература во 1985 година. Безвременската љубовна приказна на едно место собра интернационален ол-стар кастинг, предводен од шпанскиот актер Хавиер Бардем, придружен од младите сили Џована Мецоџорно и Лора Харинг, а заокружен со искусниот Бенџамин Брат.

Читај повеќе

Мириса на доларски дух!?

По тринаесет години чекање, на повидок е снимање на биографски филм за животот и делото на Курт Кобеин, лидерот на легендарниот гранџ-бенд Нирвана

Читај повеќе

Непристоен предлог

Констатацијата дека американската независна филмска продукција отсекогаш била посилна и поквалитетна од европската, за многумина филмофили навистина држи вода, а еден од најавтентичните ликови на таа сцена е вечно привлечното момче со авантуристички вкус за модата, Винсент Гало. Неговиот втор авторски проект „Кафено зајче“ предизвика многу контроверзии во Кан и во него тој фигурира како (речиси) комплетен автор (снимател, монтажер, композитор, сценарист, актер, режисер). Сепак, поради смелиот пристап, како да предизвика контраефект, затворајќи му ги вратите кај финансиерите. Но тоа Гало не го загрижува, бидејќи човек кој толку многу зборува за себе без да каже нешто навистина важно секогаш ќе биде интересен за јавноста, особено за легијата од фанови која го следи секој негов следен потег.

Читај повеќе

Славното анимирано семејство и на големото платно

Конечно летово, по повеќе од 400 емитувани полчасовни епизоди, најславното анимирано американско семејство си доби и свое целовечерно шоу, едноставно насловено „Филмот за Симпсонови“. Гласовите ги позајмуваат легендарните Дан Кастеланета (Хомер), Џули Кавнер (Марџ), Ненси Картрајт (Барт) и Јердли Смит (Лиза), кои и овој пат перфектно си ја извршија својата слатка обврска која ја исполнуваат без престан веќе 18 години.

Читај повеќе

Илузија што ја победи реалноста на големото платно

Јубилеј – 20 години од премиерата на филмот „Кој го намести зајакот Роџер“: Токму овој наслов беше пробниот балон кој ги постави темелите на иднината на филмот, за едни логична и перспективна, за други – празна и декадентна

Читај повеќе